Нарушен идентитет и европски патоказ

Симболични места во историјата на Европа треба да бидат означени како споменици со цел да се зголеми свеста на луѓето за зедничкото европско наследство и идентитет. Оваа иницијатива, презентирана пред неколку години во Европскиот парламент, се чини сé уште не наидува на некаков поинтензивен развој, при што на ЕУ-членките им се овозможува самите да номинираат такви симболични историски места, кои потоа би биле усвоени со одлука на целиот Европски парламент.

Според смерниците, посебна тежина би требало да им се даде на на т.н. транснационални места, кои имаат специјално значење за заедничката историја на Европа. Интересно би било, се разбира, да се размисли дали би било можно, во духот на споменатата иницијатива, да се утврдат и прогласат такви транснационални точки на допир и проткајување на историјата на народите на Балканот. На пример, кога станува збор за актуелните жолчни полемики кои се водат во контекстот на редефинирање на „заедничката“ бугарско-македонска историја. Но и во сите други насоки во кои се вкрстуваат и преплетуваат вековите во историјата на балканските народи.

Од 2000-та година официјално мото на ЕУ гласи „Обединети во различноста“, (United in diversity), со кое се означува дека жителите на ЕУ соработуваат за јакнење на мирот и благосостојбата и во исто време се збогатуваат од многуте култури, традиции и јазици на Стариот континент. Повеќејазичноста во институциите на ЕУ е всушност еден од главните принципи за почитување и обединетост во различноста, посебно во однос на политичката рамнотежа меѓу земјите-членки, а при што се исклучува доминацијата на една на штета на друга. Целта е секој граѓанин во Унијата да има право да ги чита официјалните документи и одлуки на ЕУ на јазик што го разбира.

Во рамки на тековните разговори за нацрт-преговарачката рамка за Северна Македонија и за Албанија, повторно се актуелзираат извесни закани од страна на Бугарија, која, според медиумски известувања, реагира „гласно” околу прашањата што ги означува како проблем, пред сé во однос на посебноста на македонскиот јазик, кој во предлог рамката е јасно именуван токму како македонски јазик. Со тоа официјална Софија повторно настојува, а што и не е ништо ново, да поттурне жежок костен на масата на бриселската бирократија, која, поаѓајќи од сите рационални очекувања, не би требало да си дозволи, од позиција на некаква арогантна елита, да отстапи од основните принципи според кои мултијазичноста подразбира толеранција, кохезија, недискриминација и почитување на националните обележја на другите, со јазикот како еден од главните национални симболи.

Историската свест и значењето на сопствениот национален идентитет имаат централно место во односите меѓу европските народи. Во главниот град на Естонија, Талин, на пример, надлежните органи пред десетина години од централното градско јадро отстранија Советски монумент, кој претставуваше советски војник од Втората светска војна. Споменикот имал различно значење меѓу естонското население, зависно од сфаќањата на клучните историски настани. Неговото отстарнување истиот ден предизвикало улиците на Талин да бидат преплавени со протести на млади припадници на руското малцинство, кое изнесува околу една третина од населението на Естонија.

Споменикот на советскиот војник, во земја која била окупирана од страна на СССР, поттикнувал различни перспективи во погледите кон историското минато и свеста околу етничките идентитети, особено кога властите во прибалтичките земји се соочуваат со големата дилема како да се дефинира историјата и политиката за употреба на јазиците на малцинствата што им се нудат на младите во процесот на нивното образование, а каде што појмовите од типот „окупатор и ослободител“ се судруваат на тврда почва.

Толкувањето на критичните настани во општеството учествува во конструирањето и развојот на историската свест, зависно од идеолошките и етничките димензии. Актуелната македонско-бугарска дебата околу заедничките допирни историски точки и симболички места, се одвива токму на оваа чувствителна линија.

Европските земји имаат историја обележена главно со национален предзнак, кој е ставен во темелите на изградбата на националните митови, неопходни за зацврснување на односот кон сопствениот идентитет и припадност. Во случајот на Европа, за разлика од САД, тие митови сепак не можеле да бидат доближени и меѓусебно проткаени во еден заеднички историски наратив. Прашање е затоа дали сé почесто употребуваното мото „Обединети во различноста“, барем меѓу ЕУ-политичарите, може да биде сфатено како адекватена појдовна точка за зближување на идентитетските особености во насока на развојот на заеднички европски/ЕУ-митови. Се разбира, доколку тоа и навистина се посакува.

А што се однесува до шизофрената поделеност на дебатата по сите линии во јавниот простор во Македонија, прославата на Денот на независноста сосема очекувано беше исползувана од опозицијата, и медимуите блиски до неа, да се обвини власта за недржавничка и предавничка улога во создавањето на нарушен национален идентитет, и тоа токму во тој изострен конфликтен простор на меѓусебни обвинувања и длабоки поделби, во кој Владата тврди дека со соседските меѓудржавни договори во последните години е конечно зацврстен македонскиот идентитет и јазик, така што во Обединетите нации нема веќе ФИРОМ, сега е впишана „личната карта на нашата држава, таму, во ООН е запишано, македонски јазик и Македонци.“

Европскиот патоказ, за кој сега се прават напори да биде зацврстен на македонскиот пат кон Брисел, бара едно порадикално сфаќање на проблематиката поврзана со односот кон идентитеските прашања. Повеќе од очигледно е дека нарушените претстави за историјата се користат, и злоупотребуваат, за да се објасни една или друга позиција, и на најбескрупулозен начин да се придобие довербата на гласачите.

Но забрзувањето на евроинтеграциите се случува во околности што го одредуваат ширењето и „проширувањето“ на европската идеја во актуелниов миг, кој, без оглед на потребата и оправданоста да се проблематизираат идентитетските негирања од претходните децении, тешко кореспондира со контроверзите од минатото.

Ивица Челиковиќ

Back to top button
Close