Наш активист неправедно е уапсен за бомбашките закани, велат од Conservative.mk

Од веб-страницата Conservative.mk вечерва пишуваат дека осомничениот во врска со анонимните закани за поставени бомби во скопски средни училишта е Никола Николовски, нивни активист, кој на веб-страницата е наведен и како уредник. Според нив, Николовски нема никаква врска со овој случај.

МВР попладнето соопшти дека е уапсен осомничен во врска со заканите за бомби, со иницијали Н.Н.

„Како во најцрните денови од комунизмот, со над 10 службеници е приведен повеќе од четири часа, поради сомнение за поврзаност со заканите за поставени бомби во училиштата во Скопје“, се вели во објавата.

„Никола е пред сѐ општествено одговорен граѓанин, активист на Conservative.mk кој е активно вклучен во борбата против дезинформациите и fake news, кој со гордост ја претставувал Македонија на многу настани, натпревари и конференции, вклучително и во Европскиот Парламент“, велат од Conservative.mk.

„Ова е класичен напад врз слободата на говор, демократијата и начин како да се притиснат неистомислениците. Но, слободната мисла секогаш на крајот победува, па затоа ќе се погрижиме овој настан да биде целосно расветлен пред органите. Вистинските лица кои стојат позади овој нарачан напад мора да понесат целосна одговорност, како и да се осигураме дека во иднина нема да постои можност од повторување на слични настани“, велат од центарот.

Според описот на веб-страницата Conservative.mk, таа претставува „платформа и движење базирано примарно на Идеолошки и аналитички центар која во себе спојува граѓански активисти чии примарни заложби се демократија, слободен пазар, здрава животна средина, како и активисти чија примарна идеологија е конзерватизмот и класичниот либерализам како десно или центар-десни ориентации“.

Во изминатата недела, десетици лажни дојави за поставени бомби беа испратени до скопските средни училишта. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека било утврдено оти заканите доаѓале од странство.

Извор слободен печат.мк

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close