Нашата болка и нашата борба. Зошто е потребна „Кримската платформа“?

Емине Џапарова – Заменик Министерка за надворешни работи на Украина

Прашањето за Крим од 2014 година е едно од клучните прашања на геополитичката арена на светот. Обидот на Русија да го анектира полуостровот го промени координативниот систем на модерната меѓународна политика и рамнотежата на силите во регионот на Црното Море.

Овде може многу да се теоретизира, но едно е јасно – додека не се случи деокупација на украинскиот полуостров, правилата за цивилизиран соживот на европскиот континент нема да бидат вратени.

Соодветно, цивилизираниот свет ќе продолжи да биде под потенцијален напад. Било кога. Било каде. Впрочем, “апетитот” на диктаторот се зголемува во процесот на консумирање на “храната”.

Меѓу сите мерења на последиците од окупацијата, ние, како држава и општество, веројатно, не можеме целосно да разбереме едно – индивидуалното, човечкото. Тоа е нелинеарно и неизмерно. Русија не само што изврши злосторство против суверенитетот на Украина, таа лиши десетици илјади луѓе од нивниот Дом – Украинците и Кримските Татари.

Како и многу мои врсници Кримски Татари, јас не сум родена на Крим. Во 1944 година, друго злосторство на болшевичката Русија го лиши мојот народ од својата Татковина.

Но, за разлика од моите родители, имав среќа да го поминам детството во родниот Крим – да одам во градинка, училиште, да имам пријатели и да комуницирам со голем број роднини.

Имав среќа скоро секое лето да пливам во морето, да јадам вкусно кримско овошје, да видам како се гради куќата од соништата на моите родители на парче Кримско земјиште во Керч. Него моите родители го градеа 10 години, а јас скокав од камен на камен, радувајќи им се на ѕидовите, кои, иако бавно, но сепак се градеа.

Тоа беше речиси единствената нова куќа изградена на улица со стотици домаќинства, меѓу кои ние бевме единственото кримско-татарско семејство.

Денес најмногу ми недостасува куќата на моите родители. Во него е моето срце. Само неодамна првпат се осмелив да направам телефонска „турнеја“ кога мајка ми ми го покажа секој агол преку телефон. Низ солзи едвај се натерав да ги гледам плакарите и книгите во мојата соба, сликите и мебелот.

Цел живот се обидував да разберам зошто моите баби Ниса и Левие, кои ја преживеаја депортацијата, секогаш плачеа кога се сеќаваа на тие настани и нивната тага за Крим. Дури и децении подоцна, дури и кога се вратија. Тогаш не можев ни да помислам дека ќе доживеам нешто слично.

Ми се чини дека оваа болка од загубата и неправдата што ја доживеав за време на окупацијата живее физички и се пројавува во различни моменти и околности.

Оваа „траума“ ја „лекувам“ преку активна работа посветена на Крим. Деокупацијата на полуостровот за мене пред се е за враќање дома. Ова е нашата заедничка болка и заедничка борба.

Враќањето на Крим очигледно не е лесна задача. Светската историја знае многу други примери на окупација што траеја со години. Но, денес често го слушам прашањето од новинарите: “кога ќе се случи деокупацијата?”

Апсолутно сум убедена дека таа ќе се случи. И ќе се случи поради фактот што ние како општество и држава ќе вложиме максимални напори за да го сториме тоа. Ќе дејствуваме, ќе иницираме нови проекти, да не дозволиме да се „замолчи“ злосторството за окупација на Крим и да се изнесе темата надвор од заградите на националното и меѓународното внимание.

Оваа година, Украина создава нова алатка за таква борба – Кримската платформа. Нејзината главна цел е да ги консолидира и координира меѓународните напори насочени кон враќање на територијалниот интегритет на Украина и враќање на темата Крим на меѓународниот дневен ред.

Кримската платформа има низа на тактички задачи. Нејзината вредност, меѓу другото, ќе лежи во публицитетот на темата за политички прогонувања и приказните за затворениците во Кремљ. Бидејќи публицитетот спасува животи, особено во услови на беззаконие.

На 23 август – за помалку од еден месец – во Кијив ќе се одржи Инаугуративниот самит на Кримската платформа. Фактот дека самитот се одржува по украинска иницијатива е веќе успех, особено во позадина на руските акции. Како што криминалецот сонува да го скрие своето злосторство, така и Русија ги крие своите во окупираниот од нејзина страна Крим.

Кримскиот самит со учество на десетици земји на највисоко и високо ниво – 30 држави (забелешка: веќе на 10.08.2021год. потврдени се 37 држави) и меѓународни организации веќе го потврдија своето учество – ќе ни овозможи да ја споделиме нашата гледна точка за ситуацијата на Крим.

Лидерите на Украина ќе посветат посебно внимание на безбедносните предизвици во кои се најде светот поради целосна милитаризација и кои бараат поголема консолидација на светот.

Темата за деокупација на Крим, исто така, ја собра најголемата експертска мрежа од аналитичари и научници. Сега имаме скоро 180 украински и странски експерти од 33 земји во светот. И овие бројки ќе растат.

За крај ќе забележам дека не се сеќавам на настани од вакви размери во изминатите 30 години од нашата независност, на ниво на претседатели, премиери, шефови на парламенти и членови на влади.

Во текот на последните речиси 8 години, потребата да се започне формат посветен на Крим, кој бара од нас да преземеме проактивен пристап, постојано беше нагласуван од оние кои го отелотворуваат Крим. Поради тоа, лансирањето на Кримската платформа е манифестација на највисоката политичка волја на раководството на земјата и веројатно на националната зрелост.

Back to top button
Close