Нашата Оливера Николова
„Не значи ништо што тебе те боли, литература е кога ќе направи читателот да го боли“, ми напиша еднаш Оливера Николова кога зборувавме за писателското творештво. И како сега да пишувам за мојата болка при збогувањето од неа, а тоа да биде литература која ќе направи да го боли и читателот? Оти Оливера Николова, најголемата меѓу нас, македонските писателки и писатели, заслужува да се збогуваме од неа само со литература. Таква, која барем малку ќе се приближи до таа литературна строгост, но и скромност, кои Оливера Николова совршено ги изрази во своето писмо. „Ајде, пробај мила”, го слушам нејзиниот благ глас во мене. Како охрабрување. Но и како неизречен совет: Ама, да нема патетика! Не ја сакаше патетиката. Ниту преголемото фалење ниту пригодното лицемерење. „Треба и самите да се заштитиме од лажниот восхит на нашите современици. Лажниот восхит е убиствен за авторот”, ми напиша во еден друг контекст .
Никогаш досега немав ваква трема, како сега, кога пишувам за нашата Оливера! Не верувам дека ќе ги најдам вистинските зборови за да го искажам тоа што го чувствувам во мигов. И ја молам во себе да ми прости за тоа. Таа би ми рекла за утеха дека молкот на болката е посилен од зборовите. Ама би ме потсетила во исто време, дека ние сме писатели, затоа што мораме да изнедриме во нас вистински зборови, наспроти молкот на болката. Посилна од болката е само мојата љубов за неа и благодарноста за сѐ што направи за секој од нас. Се надевам дека ќе ми ја дозволи оваа сентименталност на разделбата, затоа што таа обично не сакаше ниту јавно изразување на чувства. Таа ми ја подари радоста, три години да биде дел од моето секојдневие преку нашата интензивна преписка. Се најдовме во тивкоста и повлеченоста во творештвото. Јас, со тоа што сум далеку од македонската писателска сцена, таа, со тоа што секогаш свесно ја избегнуваше. Од неа учев што значи творечка скромност. За неа процесот на пишувањето беше од животно значење. А јас дури сега тоа го сознавам! Сега ја разбрав зошто двапати прележала бронхопневмонија на нозе, затоа што болеста ја затекнала во процес на пишување. Морала да го заврши тоа што го почнала, за да не остане „осакатено”. Таа имаше голема скрушеност пред творечката дарба и пред творечкиот процес. Ме учеше таа скрушеност никогаш да не ја заборавам. Знаев, тоа е одликата на најдобрите меѓу најдобрите во уметноста. На тие тивките и скромните, на кои не им треба помпа за да ја почувствуваат вечноста. „Она што го работиме, никогаш не ќе знаеме со сигурност кои бедеми ги поставува, сè додека не го пропуштиме времето да истрча пред нас и да ни мавта од иднината за повикување“, ме советуваше во друга пригода. И еве, сега за неа настапи тој миг. Таа тргна на патот кон вечноста, а нам ни станува сѐ појасно дека ни остави гигантско литературно дело.
Творечки „ветришта“ кои пролетуваат низ мозокот
Таа од денес истрчува на крајот на нејзиното житејско време во вечноста. И ќе ни мавта оттаму уште посилно. Секако, доколку самите бидеме кадарни да го паметиме нејзиниото дело на достоинствен и творечки начин. Доколку нејзиното дело постојано биде во нас живо и таа ќе биде со нас како писателка. И ќе нѐ учи и понатаму на занаетот на писателството! Впрочем, таа ги знаеше сите негови тајни, не само на интуитивен, туку и на искуствен, мајсторски начин. Секој што имал среќа да разговара со неа за творештвото, знае на што мислам. Притоа, таа ништо не запишуваше. Сѐ зреело од идеја до приказна во нејзиниот мозок, велеше, а потоа станувало многу брзо ракопис. Секој од нас писателите, кој барем еднаш имал среќа да го доживее зреењето на идејата во целосна приказна во умот, знае каков силен творечки извор бучел во неа сето време. Уверена бев дека во нејзиниот ум „зрееше“ нов роман, зашто неодамна ми напиша дека многу творечки „ветришта“ пролетуваат низ нејзиниот мозок, но тагуваше што можеби ќе останат необработени.
Во мигот на разделбата од нејзиното телесно присуство од нас, уште појасно сознаваме дека тоа што Оливера Николова го создаде маестрално, одамна поставува бедеми за вистинската литературна вредност. Од нас, нејзините наследници, ќе зависи дали ќе се мериме со нејзините строги творечки критериуми и ќе создаваме не за слава, туку заради таа чудесна тивка радост во пишувањето која таа толку силно ја доживуваше. Изворот на силата на нејзиниот збор и приказна беше навистина „радоста во пишувањето“. Според неа, таа радост беше доволна утеха и за „проклетството“ на творештвото.
Оливера никогаш не беше стара
Последната порака со неа ја разменив пред две недели. Чекав да ми се јави. Вчера ме испревари веста за нејзиното заминување. Смртта е навистина крадец, кој подло се смушнува во животот, ни го одзема ближниот, а ние сме во тој миг без здив, затоа што премногу нешта остануваат во грлото неизговорени. Има уште толку многу нешта што не ѝ ги кажав, а, сепак, си кажавме толку многу. Не помислував дека Оливера некогаш може да умре. Таа беше толку силно дел од секој од нас. Толку беше нашата Оливера Николова! И мојата и на сите македонски писателки и писатели. Но и на секој човек што прочитал барем една нејзина книга. Кога мислев на неа, ја заборавав конечноста и мислев дека таа ќе остане вечно со нас. Во својата творечка тивкост и скромност, секогаш најрадо во последниот ред, да нѐ учи и понатаму како се пишува искрено, со трепет пред зборот и приказната. Мислев дека таа вечно ќе биде со нас, затоа што Оливера за мене никогаш не беше стара. Затоа што нејзината творечка мисла беше жива и млада.
Таа беше од генерацијата на македонските писатели кои ги поставуваа темелите на македонската култура и литература. Бидејќи имаше јасна свест дека темелот на писменоста на еден народ почнува во детството, таа ја објави својата прва книга за деца, легендарната „Зоки-Поки”, во 1963-та. Во годината кога градот Скопје стана куп урнатини, таа ја објави првата детска книга во урбан амбиент. „Зоки-Поки“ не е овчарчето од поезијата на постарите македонски поети, туку градско дете. Ја напиша својата најпозната книга за деца како млада мајка, на 27 години! Кога во една прилика ми раскажуваше за скопскиот земјотрес, едно од нејзините две деца тогаш било бебе. Ја замислував како пишувала секогаш во ноќта, кога ги имала завршено сите мајчински и сопружнички должности.
Наспроти сите стереотипи
Притоа Оливера Николова беше најеманципираната личност што сум ја запознала. Нејзината модерност отсекогаш беше во тоа што таа ги надминуваше со своето дело сите стереотипи, за машко и за женско творештво. Не дозволуваше до крајот на животот да биде поставена во литературни „рамки и калапи“. Откако напиша огромен опус на детска литература, што значи, со нејзиниот речник, откако ги постави бедемите на детската литература, таа, наспроти сите тогашни традиционални клишеа, суверено се посвети на романескната проза. И во неа ги постави своите силни бедеми.
Нашата Оливера Николова, но и нејзиниот Цане Андреевски, многу боледуваа од болките на македонската сегашност. Токму затоа што некогаш ги поставуваа темелите на македонската култура, длабоко ги погодуваше разнебитеноста на македонското општество. Недостигот на свест за најзначајните нешта во државата, ги измачуваше обајцата. Следеа внимателно сѐ што се случува во културата, политиката, иако живееја многу повлечено. Знам дека беа претплатени на неколку дневни весници. Оливера ми се јавуваше по секој прочит на моите колумни. Ги читаше со задоцнување од една недела, затоа што сакаше да ги чита отпечатени во весник. По мојата пауза од два и пол месеци, таа со нејзиното заминување ме врати на пишувањето. Не можев од неа да се збогувам поинаку, освен со зборот, со писмото.
„Пишувај, пишувај, да остане наша трага, друга моќ немаме“, ми велеше постојано. Таа со своето дело ни покажа колкава е моќта на пишувањето. Збогум, мила моја! (Dw)
Кица Колбе