Нашите премрежија

Ѓорѓи Тоновски

Ќе зазвучи необично, неуко, невозможно, сон, неодмерено (и што уште не) ако во овие зoвриени времиња, во овие тешки бранувања, во овие нелогичности и непознаници со кои се соочува државниот историски тек во ова парче македонско-европска земја се чуе и „ода на радоста“. Наспроти суморните и песимистички прогнози на одделни општествено-политички сили дека „залудни се сите напори и обиди да се вклучиме во модерниот свет бидејќи ние сме слаб и неук народ кој нема доволна национална социјална енергија да создаде своја држава”, ќе се чуе оптимистичко ехо дека историјата сепак најпосле ќе застане на наша страна и ќе ја награди нашата исконска желба и упорност да создадеме стабилна државна творба која ќе биде легитимација за наш влез и припадност во друштвото на цивилизираниот свет. Велат, историјата има свое течение и дека „си ја знае работата”. Оптимизмот смета дека тоа е вистина и дека настаните ќе бидат во наша корист на патот кон устоличена независност и сувереност на македонскиот дом чии темели се веќе воспоставени.

Она што останува како голем дискутабилен дел од „приказната за постоењето и суверенитетот” е прашањето за квалитетот на ангажманот и подготвеноста на општествено-политичките субјекти да ја изведат до крај ваквата сложена историска задача, зашто, во крајна линија, тие се оние кои со своите одлуки ја определуваат насоката за развој на македонското општество.

Меѓутоа, улогата на избирачкото тело/народот е, сепак, најсилниот фактор кој со своето дејствување и влијание во демократските либерални системи ја определува доминантната траекторија на општетствениот развој. Латинската поговорка гласи „каков народ, таква власт”. Значи, квалитетот на власта и на општествените односи во голема мера зависи од (не)квалитетот на политичката елита, односно нејзината (не)едуцираност и (не)демократска ориентација, но и од нивото на оспособеност на народните маси да ги познаваат општествените прашања и начините за нивно успешно решавање, па и да ги операционализираат тие начини со соодветни механизми за пренесување на општествените прашања до избраните, и за одбрана од сите можни непочитувања и злоупотреби на „волјата на народот” од страна на избраните, односно од страна на политичката елита. Политичката наука познава и едни и други случаи во светското и во македонското искуство на владеењето.

Во конкретната македонска политичка историја во трите децении од устоличувањето на македонската држава се манифестираа различни случаи почнувајќи од обидите за воспоставување на зрело демократско владеење (најчесто без докрај успешно формулирани принципи прилагодени на македонскиот електорат и практика) па се` до форми на владеење кои наликуваа на оние од арсеналот на фашистичките власти.

Неуспехот на одделните политички елити да ги придвижат и зајакнат демократско-либералните социјални процеси (се разбира и сите аспекти на животниот стандард) не се казнува само со губење на изборите (има вакво наивно уверување кај дел од македонската јавност), туку придонесува да се формира негативна или проблематична перцепција за неуспешните политички елити и да се доведе во зависност не само изборниот рејтинг, туку и да остави можни последици врз натамошното постоење на таквите неуспешни политички субјекти. За волја на вистината, многу од нив не се оддалечуваат многу од политичкото, туку од страна ги следат политичките збиднувања и чекаат евентуална следна шанса за враќање во политичката арена. Тие субјекти своите надежи ги фундираат врз раширената теза дека „народот е со кратко паметење и ќе ги заборави претходните промашувања на соодветните политички субјекти”.

Македонското општество го нарекуваат „длабоко поделено општество” (според авторот на овој текст тоа може да се нарече и „длабоко затруено општество“, имајќи ја пред вид дозата на омраза што се провлекува во голем дел од односите меѓу политичките субјекти, па и острината на поделбите во електоратот со нагласена „душманска“ конотација), а државата беше долго време нарекувана „заробена држава”.

Блокираноста во вртлогот на недовербата, неослободената енергија на општествената јавност/електорат, нефункционирањето на општествениот систем и слично, се проблеми кои предизвикуваат негативни последици врз нормалниот развој на македонската државност. Тоа се исто така голем дел од аспектите на општествениот живот, кои треба да бидат во средиштето на вниманието на политичките елити, но и на општествената јавност.
Во овој сложен комплекс од задачи и одоговорности постојано се значајни и актуелни три базични социјално-политички домени кои се со суштински национален префикс, па заради тоа треба да бидат централни предмети на социјално-политичкиот активизам и на (не)успехот во мултипартиското милје:

Прво, секоја сериозна и демокртска партија мора да создаде и да користи сет од определби, идеи и мерки со кои ќе го чува, потврдува и развива македонскиот национален и државен идентитет и истовремено ќе „работи на политичко едуцирање на масите“, односно врз оспособување на народот/електоратот/јавноста за масовно, квалитетно, едуцирано, перманененто, одговорно, достоинствено, гордо и ефикасно учество во демократскиот политички активизам за одлучување за општествеите работи. Апатијата, инфериорноста, анемијата и игнорантноста на електоратот не можат да бидат карактеристики на народ со препознатлив и грижливо негуван идентитет, особено во сложениот и мултинационален обединет Европски лавиринт и натпревар. Демократските организирани субјекти и демократската јавност мораат да вложан силни напори со кои од македонското политичко милје за секогаш ќе исчезне „ропската проклетија“ на народната поговорка дека „Свитканата глава јатаган не ја сече“;

Второ, функционирањето на општествениот систем и на сплетот на политичките институции во македонското општество наликува на „швајцарско сирење“. Иако постои дури и Министерство за политички систем овој аспект од општествениот поредок како да е препуштен на самиот себе. Политичкиот систем повеќе наликува на макета која служи за државно-демократски декор, отколку на систем на поврзани и синхронизирани инструменти/механизми со кои се управува со општествените работи и се насочува општествениот развој. Анкетите ја потврдуваат ниската ефикасност/ефективност на политичките институции на македонската почва и недовербата граѓаните во нив. Некои проценти за определени институции дури се под секакво рациоанално, логично ниво. Прогресивно демократски ориентираните политички субјекти во врска со оваа деструктивна состојба имаа огромно поле за работа и докажување.;

Трето, потребна е секојдневна „света борба“ за целосно остварување на проектот „македонска државотворност“. Досегашното тридецениско искуство покажа дека формирањето и функционирањето на стабилна независна и суверена демократска држава од Европски терк е тешка и сложена работа. Македонската држава очигледно сеуште ги „боледува детските болести“ на ваквиот грандиозен чин. Тој налага апсолутна општествена мобилизација на сите умни и неопходни ресурси потребни за оваа мултифункционална намена, како и висок степен на мудрост, коректност и широк консензус на целата македонска мулти јавност дека проектот мора да успее во целина инаку последиците по нашата државност, демократска и европска определба и препознатлив и светски верифициран идентитет можат да бидат катастрофални. За жал се има впечаток дека делови од политичката елита како да не го доживува сево ова многу сериозно, тие како да се повеќе преокупирани со личните позиции во системот на владеењето, отколку со специфичната тежина на фактот дека нашиот евентуален слаб успех на планот на државотворноста автоматски се одразува и врз нашиот идентитет и врз нашата европска перспектива. Но, да се надеваме дека во политичката арена каде се соочуваат различните интереси и идеи ќе надвладее духот на прогресот.

Сепак, и покрај сите потешкотии и неизвесности, останува надешта дека македонската (иако млада) демократија ќе изнајде и употреби адекватен доволно моќен инструментариум кој ќе го држи постојано отворен патот кон „сончевината над македонското небо и над главите на македонските граѓани“.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close