Нашите синдроми…

Македонското општество може да се вброи во општества со висок степен на политизираност. Истражувањата на јавното мислење, слободните дискусии во јавноста, па и во поново време содржините на медиумите и социјалните мрежи покажуваат дека голем дел од македонските граѓани будно ги следат и ги коментираат бурните политички збиднувања низ кои минува младата македонска држава. Иако малубројно по население, сепак во македонското општество постојат, се рефлектираат и дејствуваат (со помал или поголем интензитет и влијание) речиси сите идеолошки и политички опции. Она што е позитивно е дека најголемиот дел од манифестираните идеолошки и политички ставови се сепак на страната на етаблирање и јакнење на македонската млада демократски уредена република. За жал, покрај мејнстримот на демократските определби на луѓето, во македонската политичка практика сме сведоци и на еднодецениското функционирање на еден систем на примитивна корумпирана автократска (груевистичка) диктатура, но и на постоење на состојби со елементи на тнр. Хибридна демократија.

Демократијата стана составен дел на нашиот поглед на свет. Таа веќе е егзистенцијална потреба на современиот македонски човек за да може постепено и нагорно да си го уредува своето општество се` повеќе и повеќе како израз и одраз и како адекватен начин за задоволување на неговите цивилизациски дејанија, желби, идеали и животни потреби. Таа е простор што ќе се освојува и во наредните милениуми, се` до моментот на настанување на состојба на тнр. тотален човек (Маркс). Но, освојувањето на просторот на демократијата претпоставува стратегиски зафати со кои општеството треба да се насочи кон тој простор, но и да се ослободи од напластените негативни процеси и односи од минатото кои претставуваат пречки на нормалниот цивилизациски тек на македонското национално (колективно) и индивидуално ткиво. Во тоа прочистување од негативите значајно е надминувањето на тнр. синдроми кои се остаток од едни времиња на покор и јад.

Влезот во ЕУ е поврзан со чинот на менување на „човечкиот материјал”, на „полнење” на менталниот склоп на Македонецот со европскиот дух. Заради тоа, со една континуирана и широка општествена акција од социјалниот амбиент на Македонија треба да исчезнат, покрај другото, неколку синдроми кои ја нагризуваат и загадуваат и социјалната екологија (проф. Ацески), но и самата човечка душа/дух на Македонецот и неговите сограѓани. Еве кои се синдромите:

1.Синдром на самоуништување. Во домашната и меѓународната јавност постојат „гласни” размислувања дека Македонците се вбројуваат во народите со низок степен на меѓусебна емпатија и толеранција – „Се изедовме меѓу себе”. Постои и виц за Македонците и казанот во пеколот. Обидот на Македонецот да излезе од казанот бил неуспешен зашто другите, неговите не му помагале туку го влечеле надолу, назад во казанот. Борбата против овој синдром е вечен, вонвременски, судбински предизвик. Мораме да се огледаме на други позитивни примери на општества кои чувствуваат блискост, сродност, емпатија и судбинска поврзаност со луѓето околу себе и да градиме такви социјални односи во нашето општество. Добар пример за ова е Корејскиот народ. Според Корејското предание и искуство кај Корејците (кои себе си се сметаат за измачен народ) постојат две душевни состојби – ХАН (прва состојба која означува ДЛАБОКА ТАГА И БЕС од неправдите кон нив во нивната историја; оваа состојба веќе е ГЕНЕТСКА, НЕ Е ВРЗАНА СО ВОСПИТАНИЕТО) и ЧОНГ (втора состојба која означува ДЛАБОКА ЉУБОВ КОН ДРУГИТЕ КОРЕЈЦИ). За потсетување – Кореја (Јужна) е дел од групацијата на тнр. Азиски тигри, заедно со Сингапур, Тајван, Малезија… Оваа Корејска приказна треба да биде поука и патоказ за дејствување на сите наши агенси на едукативниот, воспитниот но и политичкиот ангажман. Следните генерации мора да растат со сознание дека: Љубовта кон татковината се мери првенствено со љубовта и почитот кон своите луѓе, сонародници, сограѓани и кон другите со кои делиме заедничка судбина... Омразата и подметнувањата во однесувањето со луѓето (за што виртуозен e примерот со „животната улога во лустративниот процесциркус на „Ќосето од Битола – Големиот Инквизитор и Егзекутор на Диктатурата на Груевски) кај цивилизираните луѓе се потиснати со хуманиот однос кон луѓето.

2.Синдром на празно гнездо (Бужаровска). Иако подолго време во републиката не е извршен попис на населението, сепак владее уверување и страв дека од државата во последниве 2-3 децении се иселени околу 600.000 лица, од кои голем дел се со факултетски дипломи и високопрофесионални работни места. Ова остава длабоки последици не само врз економијата туку и врз демографската структура на населението. Долгата иселеничка традиција на македонскиот простор од 19 век наваму продолжи да се одржува и во независната македонска држава. Младите заминуваат, остануваат старите луѓе без својот подмладок во празните домови. Затоа, Бужаровска е во право кога зборува за „празни гнезда”. Причините за заминување веќе не се само економски. Младите заминуваат и заради незадоволството од општествениот амбиент во кој не постојат соодветни услови за кариера и големи работни резултати и успеси. Менувањето на лошиот нестимулативен и немотивирачки амбиент мора да биде една од примарните задачи на власта, но и на опозицијата, на сите политички субјекти. Во спротивно, синдромот на празни гнезда ќе ја доведе во прашање самата егзистенција на државата – „без народ држава нема

3.Синдром на бедата (сиромаштијата). Според наводите на Дојче Веле (DW од 30.10.2020) речиси една четвртина од жителите на Северна Македонија тонат во сиромаштија. Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, 455.600 лица во С.Македонија живеат во тешки услови, што е 21,9% од вкупното население. Од Западен Балкан, во најлоша состојба се Македонија и Албанија. Најголемото годишно зголемување на бројот на невработени годинава е забележано во Албанија, и тоа за 25 проценти, а во Македонија, за 11 проценти. Податоците индицираат тнр. аларм состојба, бидејќи бедата е (пре)долго белег на развојот на републиката. Тоа е една од причините за отселување, особено на младите лица што го потхранува страшниот и опасен за РС Македонија синдром на празни гнезда. Бедата е најакутен, најжежок и најхитен проблем за решавање од страна на надлежните владеачки авторитети/субјекти во РСМ… Сиромаштијата е најтешката (социјална, со биолошки последици) болест за луѓето

4.Синдром на неуспешни и гнили институции. Институциите во РСМ според својата заснованост и функционирање сеуште се далеку од Европскиот терк. Дури кај некои од нив можат да се препознаваат и елементи кои вообичаено се дел од автократски колорит на владеење. Сеуште нема ефикасни механизми кои со своето делување би ја фаворизирале демократијата, наспроти владеењето на отуѓената и заробена држава. Моќта на одделни поединци (Моќници) од бизнис и политичките кругови е несразмерно голема и многу изразена, речиси излезена од контролата на општеството. Граѓанската, општествената иницијатива, како можен инструмент во развојот на демократските и антикорупциските процеси, не е доволно моќна и фаворизирана за успешно да се спротивставува на закоравената бирократија во бројните нефункционални порозни политички и социјални институции. Доминацијата на политичкото не дава доволно простор за разгорување на граѓанската иницијатива. Со нашата практика далеку сме од духот на пораката на Кенеди до Американците: „Не прашувајте што државата може да направи за Вас, туку прашајте се што Вие можете да направите за државата”. Низ многубројни канали се губи социјалната енергија, уште се актуелни барањата од Шарената револуција за натамошно демократизирање на македонското општество. Мора да се гради чувство за одговорност на сите поединечни граѓани на македонското општество (сите етникуми и религии) за градење на нормални и ефикасни институции кои треба да се сервис на потребите на граѓаните а не нивни господари. Квалитетните институции се еднакви на квалитетна модерна држава.

Следен, но не и последен, би можел да биде синдромот на игнорирање на науката и интелектуалците (непочитување/негација на умот). Меѓутоа, со оглед на долготрајноста на овој синдром на овие простори нема потреба од негово подетално елаборирање.

Ѓорги Тоновски

Back to top button
Close