Насилства низ Франција за време на празнувањето на Денот на републиката

 Во Париз, како и во повеќе провинциски градови, забележано е  урбано насилство при прославата на 14 јули – Националниот празник на Франција, јавува дописникот на МИА.

Како што пренесуваат повеќе француски медиуми, во вечерните и ноќните часови на 13 и 14 јули беа забележани повеќе инциденти, посебно во предградијата.

Во Монтбелијард (Дуб), полицајците биле мета на огномет, што можеше да биде фатален или да предизвика тешки повреди и изгореници. Притоа е уапсено 18-годишно момче. Истата ситуација била и во Евре особено во квартот Мадлен, познат по своите проблеми (1994, 1998, 2002 и особено 2005 година), каде осум мобилни жандарми кои дојдоа како засилувања беа повредени од проектили. Пожар на автомобилот се проширил и во куќа од која жителите морале да бидат евакуирани. Играње со кибрити, во овој случај со многу опасни петарди, исто така може да ги загрози животите на другите. Ова можеби се случило во Париз каде избувнал пожар во еден стан во 13-от арондисман, каде жителите од квартот се жалеле на див огномет.

Низ цела Франција има слични сведоштва за станари кои претрпеле вакви огномети. Уште поголема е заканата бидејќи младите престапници се навикнати да ги започнат своите „активности“ неколку дена пред националниот празник, вознемирувајќи ги жителите од нивните населби. Слично на тоа, надвор од „обичното“ урбано насилство, „празничното“ пукање со огномет против полицијата има тенденција да почне порано, како што беше случајот на 11 јули во Вилнев д’Аск и во Лил.

Од диви огномети се предизвикани и ненамерни пожари. Во Нантер е запалена спортска сала. Во Талант (во предградието на Дижон), пожарникарите морале да интервенираат недалеку од домовите за да изгаснат пожар што започнал со истрели во грмушките.

Предградијата на големите градови, во случајов, Париз, Лион и Лил беа најпогодени. Автомобили биле запалени во Рубе. Диви огномети биле забележани во неколку области во Лион. Пожари, автомобилски пожари и топовски удари имаше во Вилурбан, Вол-ен-Велин и Венисие. Во Рилио-ла-Пепе, групи на млади луѓе се судрија со полицијата со фрлање  на проектили и со одговор на солзавец.

Но, како и секогаш во парискиот регион се случија најмногу дела. Покрај спортската сала, во Нантер изгоре и автобус во квартот Пабло-Пикасо, познат по шверцот со дрога. Според префектурата, „едно или повеќе лица го извадиле возачот од неговиот автобус пред да го запалат возилото “. Исто така, градско насилство е забележано во Суресне и Вилнев-ла-Гарен,. Сен Дени, или 12-от, 14-от, 15-от, 18-от, 19-ти и 20-от арондисман на Париз.

Ако Министерството за внатрешни работи повеќе не објавува извештаи за овој вид насилство, повеќе од педесет лица се уапсени во Париз и неговиот регион,  најмалку седум лица биле притворени во Париз, притоа најмалку четворица полицајци се повредени во Ивелини и Есон, пишува Фигаро.

Надвор од ова урбано насилство, судирите што беа забележани во вторникот во Париз, на маргините на демонстрациите на болничкиот персонал и на дел од жолтите елеци, на плоштадот Бастилја, според експертите, сугерираат дека на есен полицијата повторно ќе има многу работа за одржување на јавниот ред и мир.

Back to top button
Close