Насилства низ Париз по победата на ПСЖ во Лигата на шампиони, Херцог го осуди вандализмот врз еврејските институции

Повеќе од 290 лица се уапсени во Париз за време на прославата на историската победа на фудбалскиот клуб Пари Сен Жермен (ПСЖ) над Интер во финалето на Лигата на шампионите што се одржа синоќа во Минхен.

Прославата беше одбележана со бројни инциденти на неколку локации во градот, вклучувајќи ги Шанзелизе, париската обиколница и квартот Порт де Сен-Клу, јави француски BFM.

Според париската полиција, уапсени се вкупно 294 лица, од кои многумина поседувале пиротехнички средства и запаливи материјали.

На некои места избувнаа судири со полицијата, а беа употребени и водни топови и солзавец.

На плоштадот Етоал, демонстрантите ја пробија полициската бариера, а на Шанзелизе беше запален автомобил, а продавница за чевли беше ограбена.

Министерот за внатрешни работи Бруно Ретахо остро го осуди насилството.

„Вистинските навивачи слават, додека варварите го уништуваат градот и ја провоцираат полицијата“, рече тој за мрежата X.

Илјадници навивачи учествуваа во прославата, а Ајфеловата кула беше осветлена во боите на клубот.

И покрај инцидентите, атмосферата на многу места остана празнична.

Околу 5.400 припадници на полицијата и жандармеријата беа ангажирани за одржување на редот, објави шефот на париската полиција Лоран Нуњез.

Фудбалерот на ПСЖ, Усман Дембеле, апелираше до навивачите да останат смирени: „Славиме, но без насилство“, рече тој.

Израелскиот претседател Исак Херцог денес го осуди вандализмот врз еврејските институции во Париз, вклучително и прскањето со зелена боја врз синагогата изградена од прадедото на израелскиот шеф на државата.

„Згрозен сум од нападот врз еврејските институции во Париз на Шабат, вклучувајќи ја и синагогата во населбата Маре, изградена од мојот прадедо, рабинот Џоел Херцог“, рече Херцог на X.

Тој рече дека разговарал со Советот на еврејски институции во Франција (CRIF), на кого му изразил поддршка и солидарност.

„Ги повикувам француските власти да дејствуваат брзо и решително за да ги изведат сторителите пред лицето на правдата и да ја одбранат еврејската заедница од омраза и напади од каков било вид“, рече Херцог.

Француската полиција утрово објави дека пет еврејски институции во Париз биле испрскани со зелена боја, а за инцидентите е покрената истрага.сд/

Back to top button
Close