НАТО „контра” УДБА и КОС преку безбедносен ремонт

Конечно македонската држава треба да расчисти со структурите на КОС и УДБА вгнездени во сите политички партии, полицијата, војската, агенциите, институциите, факултетите, медиумите… Пишува Марјан Ѓуровски, пренесува Дојче веле

Секој кој седнал зад воланот знае кога треба да го однесе своето возило на редовен сервис, во спротивно доколку навреме и редовно не менува делови и масло, автомобилот ќе се соочи со дефекти. Но и кога возилото ќе Ви биде уште со 30-годишна старост нема дилема дека кај Вас автомобилот треба да се паркира зошто едноставно „плаче“ за сериозен ремонт во спротивно ќе заврши на отпад за старо железо.

Така е и со државата. Автомобилот (читај:безбедносно-разузнавачка заедница) треба или да се остави на паркинг или да се носи  на сервис зошто веќе неколку пати зариба. Многумина го возеа, но делови не менуваа и кој знае колку пати на сред пат ги има оставено во дефект (н.з.конфикт 2001 година, Диво насеље, поплави, пожари вонредна, па сега кризна состојба). Дали е до автомобилот (системот), возачот (политичките партии на власт) или кај сервисот (НАТО) треба сами да си одговориме. Воедно најважно е да се внимава дали навреме сме дотурале масло (финансиски средства) и од каде сме ги набавувале резервните делови-дали од авто пазарот на црно или преку овластениот автомобилски сервисер.

Закон за вонредна и воена состојба наместо респиратори

Денес во земјата, под покровителство на шефот на државата и на Министерството за правда (читај Владата), се отвора процес на изработка на закон за вонредна и воена состојба. Конечно после долго време ќе се пристапи кон изработка на предлог- законско решение кое верувам ќе ги имплементира научените лекции, со цел да се создаде функционален систем кој нема во иднина да остави простор за ад хок решенија. Граѓаните живееја 87 денови во вонредна и 82 дена во кризна состојба која се уште трае.

Заедничко на двете состојби кои ги преживуваме се слабостите во менаџирањето со ресурсите кои ги имаме, па правната „дупка“ дава простор денес после толку години повторно да импровизираме. Една од импровизациите е неформалното суспендирање на Управувачкиот комитет на Центарот за управување со кризи, кој одамна нема заседавано, па неговата улога ја презема Главниот координативен кризен штаб во Владата. Нема законска основа за работа на Главниот координативен кризен штаб во Владата со кој од друга страна се минимизира и значењето на Главниот штаб за управување со кризи со кој раководи Директорот на ЦУК согласно постојната законска рамка за управување со кризи. Ова значи дека не само во вонредна, туку и во кризната состојба импровизираме, во услови кога на системот за управување за кризи и заштита и спасување кажано со корона-терминологија се наоѓа на респиратор за дишење и така се одржува во живот.

Како што сега стојат работите и превземените мерки од страна на ЦУК и ДЗС се отвара прашањето-чуму кризна состојба ако вака се менаџира и користи?! Сепак на ова прашање врз основа на дополнителни безбедносни проценки и потреби одговорот треба да го даде Советот за национална безбедност на една од наредните седници. Нема да биде лошо и ако некои од парламентарците се разбудат од дружбата со Алиса (читај: политички интриги) во земјата на чудата и да побараат извештај за кризната состојба како институција (Собранието на РСМ) која ја прогласи кризната состојба и која се чини дека на моменти креира кризи наместо истите да ги решава преку правни услови и решенија.

Една година во НАТО без ефект за граѓаните

Не двојат неколку недели од прославата на првиот роденден на државата од кога е членка на НАТО и воедно годинава одбележуваме 30 години градење на независен и самостоен безбедносно-одбранбен систем кај нас. За жал, мора да се признае дека придобивките од полноправното членство во НАТО во изминатите 365 дена граѓаните не ги почувствуваа, па макар и да бараме изговор во пандемијата и во здравствено-безбедносниот ризик пред кој сме исправени. Но, она со што може да се ,,пофалиме,,  е дека  македонската одбрана е на 133 место во светот од 139 држави во светот кои се рангирани од Global Firepower (https://www.globalfirepower.com/countries-listing.asp).

Како и да е за Северна Македонија заврши медениот месец, па она што е во ,,брак,, со НАТО само по себе не значи  дека  НАТО  ќе  направи ,,генералка,, по дома. Мора да се работи на воспоставување на НАТО стандардите и нормите во работењето на македонските институции и безбедносниот и одбранбениот систем. Едноставно, НАТО е втора шанса која не треба да се пропушти за да не се случи катарза на македонското општество поради неуспешниот обид на лустрацијата која ја имавме, проверката на приватизацијата во земјава… Токму преку членството во НАТО да се реализира  т.н. безбедносна проверка на актерите и кадарот во политичкиот и безбедносен систем.

Безбедносните НАТО сертификати чистилиште за гревовите

Пред да навршиме една година од членството во Алијансата, треба да се разјасни дали од Брисел ни е вратен дипломат од одбраната кој беше на служба во македонската мисија во НАТО кој не ја поминал дополнителната безбедносна проверка, односно дали ни било предочено дека имал непријавени контакти со контаминирани структури во Брисел со земја која не е членка на НАТО.

По овој втор проблем во македонската воена дипломатија се пали алармот за создавање на законска рамка и  подобра подзаконска процедура на избор на воени аташеа, цивилни и воени дипломати во мисиите во странство, особено сега по членството во НАТО. По пат на јавен конкурс треба да се дојде до широк круг на имиња со кој би се создал базен на потенцијален кадар кој може да биде испратен во дипломатска и воена мисија, при тоа навреме да ги помине безбедносните проверки. Пред да замине во странство треба секако да ислуша и положи курс или Воено дипломатка школа (Академија) како што тоа го прават најголемиот дел од НАТО земјите. Неприфатливо е поради тоа што некој е миленик на власта да биде кандидат и да стане генерал или пак да биде пратен во дипломатска мисија во странство. Одлуката некој да се постави  за дипломатска или воена позиција е суверена на државата, но срамот е уште поголем и се нарушува и така проблематичниот кребидилитет кој се обидуваме да го градиме три деценции.

 Nordmazedonien Prof. Marjan GjurovskiПрофесор Марјан Ѓуровски

Во иднина, се очекува прочистување и спроведување на дополнителна безбедносна проверка во редовите на високиот воен врв на државата, но и на македонските политички актери, како од власта, така и од опозицијата и сите безбедносни агенции.

Затоа не треба политичките партии, (не)добивањето на НАТО сертификат да го претвораат во хајка по поединците кои од разно разно причини нема да го добијат. Доколку некој биде одбиен  не значи дека е странски шпион на земја која не е членка на НАТО. На пример, кандидатот за воено аташе во Брисел е офицер кој посветено, професионално и одговорно ги извршува должностите во стратешкото планирање и воената соработка, но критериумите се многубројни кои го опфаќаат можни ризици од потесното и од поширокото опкружување. Истово може да се однесува и на македонскиот генерал.

Лицитирањето со нивните имиња е во најмала рака неетички, уште повеќе што етикетирањето и рушењето на дигнитетот на секој човек, па оттука и на несудениот амбасадор, вработениот одбранбен дипломатски службеник или некој висок офицер не води кон попрофесионален систем.

Време е  да се размислува за законско регулирање на развојот во кариера и професијата на лицата кои ќе бидат одбиени за НАТО безбедносен сертификат, но и за национален безбедносен сертификат. Опции има како што се законско прераспоредување, предвремено пензионирање или пак друго решение, но клучно  е  прашањето да се разгледа и да се понуди солуција која ќе овозможи системот да функционира да гради партнерски и доверлив однос со НАТО, а секој да продолжи со своите работни и животни предизвици. Во спротивно, НАТО таа недефинирана меѓусостојба нема да ја толерира.

Недобивањето на НАТО безбедносен сертификат од друга страна не се случува само во Северна Македонија, низ тој процес поминале скоро сите земји, а негативни одговори при НАТО безбедносното сертифицирање добивале Бугарија, Црна Гора, Словачка, Чешка, Полска и други.

Се изнаслушавме прес конференции и на опозицијата и власта за НАТО безбедносните сертификати. Најдобро ќе биде политичките партии да ги тргнат рацете од одбраната и безбедноста, зашто ,,ќе си ги изгорат прстите“. Сите политички партии во изминатите 29 години кумуваат на партизацијата и политизацијата на одбранбено-безбедносниот систем, а тука не треба да се пренабрегне фактот колку и да се сака истиот да се избегне или негира- за унапредување од еден во друг повисок офицерски или подофицерски чин, за вработување во професионалните војнички структури до вчера требаше мислење да даде општинската организација или комитетот. Време е за јасни правила на игра и работа во безбедносниот систем и дипломатијата, како и за регулирање на партиското ангажирање на офицери и професионални војници.

Многу е јасно: За НАТО Сертификатите нема место за политички мегдан.Се што имаа политичките партии кажаа, сега Брисел зборува, партиите треба да замолчат, да слушаат и партиските активисти да   ги соберат, зошто конечно нема место за ,,нашите и вашите,,. Кога досега не се направи ветинг и департизација- тоа ќе го направат партнерите од НАТО. Ова е шанса во Министерството за внатрешни работи да отпочне процесот на ветинг на сите вработени.

На крајот бидејќи во процесот кој го спроведува НАТО, преку сопствената Канцеларија за безбедност во Брисел директно е вклучена Дирецијата за безбедност на класифицирани информации поради зајакнување на професионализацијата и довербата се наметнува потребата за измени во законот за оваа институција, каде на вработение ќе им се дадат посебни законски овластувања како и зајакнување на нивната финансиска институционална и поединечка независност.

Дипломати во стилот „вози Мишко“

Воедно, додека ги пакуваше куферите да отпатува во една од соседните земји бидејќи ги имаше поминато сите процедури во Собранието и надлежните институции, пред заминување беше вратен несудениот македонски амбасадор наводно поради предочени сознанија од пријателски партнерски служби за безбедносната подобност и претходни остварени контакти кои може да го проблематизираат служењето во дипломатска мисија на татковината. За ова прашање тивко се шепоти во круговите на Министерството за надворешни работи, меѓу професионалците кои седат со наведнати глави од пусти срам што ни се случува дома и каков резил не има снајдено. Дипломатијата и безбедноста одат рака под рака заедно и благодарение на таа индиректна соработка дојде до попречување на потенцијални идни поголеми штети и роварења.

Од ова може да се заклучи дека не само да се напише закон за надворешни работи, туку истиот треба да се примени од А до Ш, да се удостојат дипломатите од кариера кои долго, долго чекаат да бидат пратени во мисија на некоја Амбасада бидејќи до безбедносна проверка не стигнале, туку политичкиот амин не го добиле.  Се поставуваат низа прашања: Каде оди македонската дипломатија, дали знае што и престои во наредните 5-10 години, каде може да се најде и прочита стратегијата на приоритети, делување и развој на македонската дипломатија, надворешна но и безбедносна политика?!

НАТО „контра„ УДБА и КОС

Конечно македонската држава треба да расчисти со структурите на КОС и УДБА  вгнездени во структурите на политичките партии, институциите, институтите, средствата за јавно информирање, дипломатијата, црквата, невладиниот сектор…

Дијагнозата е дадена, конзилијарниот тим на доктори е со став се што е труло дома, а дел од системот треба да се ампутира, во спротивно целиот организам (читај:политичко-безбедносниот систем) ќе умре од сепса. Она што се случува со тивката промена на актерите во судскиот систем дава малку надеж, но тој процес може да пропадне доколку на било кој начин се инволвира политиката. Може и без многу помпа и телевизиски камери, да „паѓаат“ глави на контаминираните главни ликови во претставата со наслов „Делење на правдата„. За степенот на инволираност на странски служби во државата многу малку се говори и практично не постојат анализи за нивното присуство во политичките и во безбедносни структури. Поради тоа круцијална обврска треба да биде спроведување на целосна, легална процедура за проверка на вработените во безбедносно-разузнавачката заедница и дипломатија и изнаоѓање на решение (превремено пензионирање) на тие што нема да ги поминат безбедносните контроли.

Изведување на сериозна контраразузнавачка акција за демоконспирација и консеквентно соочување со законските санкции на агентите на странските служби, кои според расположливите информации успешно се инфилтирани во структури на политички партии, средства за информирање, црковни организации, невладиниот сектор и др.Крајна цел е да им се овозможи на домашните служби да станат поефикасни во извршување на нивната примарна задача, а тоа значи дефакто да бидат првата линија на заштита на суверенитетот и територијалниот интегритет на државата, преку успешно антиципирање на потенцијалните закани за нејзината безбедност и целосно информирање на државниот врв за нивно постоење.

Наместо заклучок

При евалуација на трите децении од осамостојувањето од безбедносен аспект, треба да се соочиме со сериозно и комплексно прашање кое ќе бара ангажман на целокупниот интелектуален капацитет на државата со цел да се извлечат предлози и решенија за реобнова на безбедносносно разузнавачкиот систем со цел подобро справување со безбедносните проблеми (дефекти на автомобилот) и предизвици (временски услови), што ќе придонесат граѓаните кога ќе одлучат да се качат или услуга да побараат од автомобилот (безбедносно-разузнавачката заедница) на сигурно да се превезат и пријатно и безбедно да се чувствуваат.

Светот постојано се менува, трансформацијата во сферата на безбедноста и одбраната никогаш не престануваат, затоа треба да се постават реформски правци во безбедноста со што би се направило обид за формулирање на решенија во системот со што би добиле продуктивно функционирање во целина.

(Авторот е универзитетски професор)

Back to top button
Close