НАТО: Мораме да се заштитиме од безбедносните закани што доаѓаат од Кина

 

Од лидерската средба на НАТО денеска произлегува дека главна тема на разговорите биле односите со Кина и како земјите членки на Алијансата треба да се подготват да одговорат на безбедносните закани кои доаѓаат оттаму, јави дописничката на МИА од Брисел.

По првпат НАТО денеска зазеде поостра позиција во однос на Кина во својата финална декларација, охрабрена од засиленото присуство на САД по четиригодишниот мандат на Доналд Трамп.

По еднодневниот самит на лидерите на земјите членки на Алијансата што се одржа денеска во Брисел, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека 30-те земји членки се усогласиле за низа „клучни теми“, меѓу нив иднината на Алијансата преку Агендата 2030 на НАТО и односите со Кина.

-НАТО изоде долг пат, првпат ја споменавме Кина во лидерска одлука пред 18 месеци, пред тоа немавме формулација воопшто, Кина е противник но треба да се справиме со предизвиците, изјави Столтенберг.

Она што ги загрижува земјите членки на Алијансата е решителноста со која Кина инвестира секаде во светот и во критични сектори и инфраструктури, на неконвенционален начин, во однос на кој Запад доцни. Тука се подразбира, меѓу другото, 5г инфраструктурата која рапидно напредува во Пекин, но и нуклеарното оружје, сајбер капацитетите и сајбер нападите, присилното однесување на Кина и непочитувањето на меѓународните правила, објасни шефот на Алијансата. Во прашање е и силната соработка со Русија, чии односи со НАТО не биле полоши од Студената војна наваму, објасни Столтенберг.

Поради ова генералниот секретар ги повика земјите членки на НАТО да го одржат чекорот со кинескиот ривал.

-Треба да задржиме технолошка предност, рече Столтенберг, додавајќи дека Кина веќе силно инвестира во напредна технологија и има цврста контрола врз клучни инфраструктури како аеродроми и 5Г мрежи.

Земјите членки, рече тој, треба да ги зајакнат своите сајбер и вселенски капацитети за да одговорат на Кина. Конечно, лидерите денеска донесоа одлука и да ги засилат своите односи со Австралија, Јапонија и Азија Пацифик токму во рамките на односите со Пекинг.

-Се справуваме со фактот дека Кина е втора најголема економија во светот и го има вториот најголем буџет за одбрана, силно инвестира во технологии како вештачката интелигенција, препознавање на лице, дисруптивни технологии кои го менуваат начинот на кој се водат војните и што не сме го виделе порано никогаш, ова е важно за нашата безбедност. Прашањето е како ќе се справиме, а не дали.

Сепак, според Столтенберг, ова не е причина да бидат загрозени трговските и економските односи кои ги имаат поединечни земји членки на Алијансата со Кина.

-Важно е да се разбере какви предизвици носи подемот на Кина за нашата безбедност, и, иако многу сојузници имаат многу економски односи со Кина, прашањето не е или-или, или ништо не правиме и продолжуваме да тргуваме, и правиме сѐ и престануваме да тргуваме, не е така едноставно, она што е важно е што поединечните сојузници денеска се справуваат со можностите што произлегуваат од подемот на Кина, рече Столтенберг.

Шефот на Алијансата додаде дека земјите на НАТО денеска покажале единство по ова прашање.

-Кина наскоро ќе стане најголемата економија, дури и САД која беше најголема сфаќа дека е јасно дека кога станува збор за Кина, огромна предност е да се имаат сојузници во НАТО, рече Столтенберг, нагласувајќи уште еднаш колку е важно да се вложува во сајбер безбедноста и да се заштитат ранливите 5г системи, како и да се инвестира во напредна технологија. Но, рече тој, ништо од тоа не спречува трговија со Пекинг.

Столтенберг се осврна и на Русија, меѓу другото во однос на надежите за членство во НАТО на Украина и Грузија и повтори дека таа одлука им припаѓа исклучиво на 30-те земји членки на Алијансата, и на двете земји кандидатки, но не на Москва.

-Секоја нација има право да одлучи за својот пат, вклучително дали сака да биде дел од НАТО или не, Русија нема збор тука, не може да стави вето за своите соседи, нема да се вратиме на старите сфери на влијание кога големите одлучуваа за малите соседи. Русија, или Советскиот Сојуз не беше задоволен кога мојата земја, Норвешка стана членка на НАТО, исто и со балтичките земји, и неодамна со Црна Гора и Северна Македонија, изјави шефот на Алијансата.

Политиката на отворени врати за нови членки во НАТО останува да важи, повтори Столтенберг.

Back to top button
Close