НАТО отвора истрага за инцидентот меѓу Франција и Турција во крајбрежјето на Либија

Генералниот секретар на НАТО соопшти дека ќе биде отворена истрага за инцидентот меѓу француски и турски бродови при операција за контрола на ембаргото за оружје во Либија, јави дописникот на МИА.

-Воените власти на НАТО ќе спроведат истрага со цел да се расветли целата ситуација за инцидентот, изјави Јенс Столтенберг по состанокот на министрите за одбрана на НАТО.

Француската фрегата „Курбе” која се наоѓала близу брегот на Либија за контрола на карго брод за кој се сомневале дека е вмешан во трговија со оружје, според француската министерка за одбрана, на 10 јуни била изложена на три „осветлување од радар”, односно означување како мета, од страна на една турска фрегата.

Според правилата за ангажирање на НАТО, еден таков акт се смета како непријателски чин. Уште повеќе е неприфатливо дека еден сојузник се однесува на тој начин против брод на НАТО, под команда на НАТО, кој спроведува мисија на НАТО, се вели во Париз.

Анкара од своја страна демантираше дека нејзини воен брод „вознемирувал” француски воен брод.

Back to top button
Close