НАТО отвори командно седиште во Финска, на 250 километри од Санкт Петербург
НАТО отвори ново копнено командно седиште во финскиот град Микели, на околу 250 километри од рускиот Санкт Петербург, во соработка со финската армија.
Станува збор за Мултикорпусно копнено командно седиште (MCLCC), чија задача е надзор и координација на копнените сили на Алијансата и националните армии во северниот регион. „Тоа вклучува планирање, подготовка и изведување заеднички вежби на НАТО“, соопшти финската војска.
Објектот е од особено стратешко значење за зајакнување на одбранбениот капацитет на НАТО на источниот фронт, во услови на зголемена загриженост за можен судир со Русија.
Во почетната фаза таму ќе работат десет припадници на персоналот, а во наредните години бројот ќе се зголеми на 50, меѓу кои војници од Финска и од други земји членки. Финскиот министер за одбрана Анти Хаканен ја одобри иницијативата во август.
Новото командно седиште се вбројува меѓу најблиските до руската граница, заедно со мултинационалните центри во Адажи (Летонија), Елблонг (Полска) и Шчеќин (Полска).
Финска, по децении неутралност, стана членка на НАТО во 2023 година како одговор на руската инвазија врз Украина, а една година подоцна се приклучи и Шведска. Финската армија проценува дека Русија ќе го засили военото присуство долж заедничката граница од 1.340 километри по завршување на војната во Украина.