НАТО планира најголемо зголемување на трошоците за одбрана по Студената војна

 

НАТО започна разговори за зголемување на одбранбените трошоци до пет отсто од БДП на сите свои членки до 2032 година, што би било најголемо зголемување од времето на Студената војна, објави денеска „Блумберг“.

Иницијативата, дел од повиците на претседателот на САД Доналд Трамп, ќе се разгледува на министерската средба што деновиве се одржува во Анталија и на јунскиот самит во Хаг.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, предложи двоен пристап: 3,5 отсто од БДП за основни одбранбени трошоци и дополнителни 1,5 отсто за воена мобилност, двојна технологија и кибер-безбедност. Останува нејасно дали овие дополнителни средства ќе произлегуваат од постојни или нови буџети.

Во моментов, ниту една од 32-те членки не го достигнува прагот од пет отсто, а осум земји немаат за одбрана ни два отсто од БДП. САД лани учествувале со 64 отсто од вкупните трошоци на Алијансата.

Целта на самитот во Хаг, прв за Трамп по враќањето во Белата куќа, е рамномерна распределба на товарот и редовна проверка на спроведените мерки.

Од оние кои издвојуват најмногу, Полска е најблиску до целта со 4,1 и планира 4,7 отсто во 2025. Следат САД со 3,7 отсто и Естонија со 3,4 отсто. Другите земји, вклучително и Италија и Шпанија, неодамна го достигнаа прагот од два отсто.

Истовремено, се планира и зголемување на воено-индустриското производство и реформи за ефикасно управување со НАТО.

Back to top button
Close