Научници: Пожарите во Европа ќе се зголемат за 39% дури и во најдоброто климатско сценарио

Површината на опожарени подрачја во Европа до крајот на векот ќе се зголеми за 39 проценти, дури и во најдоброто климатско сценарио, доколку не се преземат конкретни мерки за поефикасно управување со пожарите. Ова го покажува новата студија објавена од Гардијан. Топлото, суво и ветровито време, што ги претвора малите пожарни линии во големи пожари, ќе зачести во поголемиот дел од Европа поради зголемените температури предизвикани од емисиите на јаглерод.

Според најлошото сценарио, моделирано од истражувачите, кое предвидува глобално затоплување од 3,6 °C, уништената од пожари површина би можела речиси тројно да се зголеми. Подобрувањата во управувањето со пожарите би можеле да го ублажат тој пораст за повеќе од 70 проценти, но не можат целосно да го запрат.

„Инвестициите во управувањето со пожари можат да помогнат до одреден степен, но ако продолжиме со високи емисии, изгорените области ќе продолжат значително да се зголемуваат“, рече Мајк Билинг, истражувач на екосистемот во Институтот за истражување на климатските влијанија во Потсдам и главен автор на студијата.

„Управувањето со пожарите не може да биде замена за борбата против климатските промени“, додаде тој.

Истражувањето е објавено во време кога Европа се соочува со бројни пожари. Големи пожари беа забележани и во северните земји како Британија, Белгија и Германија, а претходните недели со пожарот се бореа и Франција, Шпанија, Италија и Грција, заедно со Хрватска.

Според податоците кои денеска ги објави Европската информативна служба за шумски пожари, оваа сезона во ЕУ ќе биде трета најлоша досега забележана, веднаш зад 2025 и 2022 година. Досега изгореа повеќе од 600.000 хектари, а во Белгија, Франција и Словачка се забележани рекордно изгорени површини за овој период од годината.

Научниците ја споредија предвидената годишна изгорена површина за периодот од 2070 до 2100 година со резултатите од моделот за периодот од 2000 до 2030 година. Тие заклучија дека главна причина за промените се временските услови кои придонесуваат за појава и ширење на пожари.

Во оптимистичкото сценарио, кое го ограничува глобалното затоплување на 1,8 °C, некои региони забележуваат умерен пораст на опасните временски услови, додека други минимални промени.

Научниците проценуваат дека сегашните политики ќе доведат до затоплување од околу 2,6 °C. Користејќи друг модел, истражувачите утврдиле дека понатамошните подобрувања во заштитата од пожар може да неутрализираат некои од ефектите од влошувањето на временските услови.

Back to top button
Close