Научно објаснување: Зошто жените чувствуваат студ побрзо од мажите?

Она што е удобна температура за некои – е премногу студено или претопло за други луѓе. Така, човековата перцепција за топлина варира, а тука и полот, но и возраста имаат важна улога. Жените, имено, го чувствуваат студот побрзо од мажите, потврдува Ралф Брандес, професор по Физиологија на Универзитетот „Гете“ во Франкфурт, Германија, и член на одборот на Германското физиолошко друштво. Тој научно ги објаснува причините за тоа.

– (Жените) обично, имаат помала мускулна маса и, следствено – помала стапка на метаболизам, па така, создаваат помалку топлина. Повеќе мускулна маса ја зголемува стапката на Вашиот метаболизам дури и во мирување, што значи дека согорувате храна за побрзо да создадете енергија, а тоа го загрева Вашето тело. Контракциите на скелетните мускули – намерни или ненамерни, се основен извор на произведување топлина, вели д-р Брандес.

Според Рудигер Келинг, директор на Институтот за физиологија „Оскар Лангендорф“ при германскиот Универзитетски медицински центар Росток, причината зошто мажите имаат поголема мускулна маса, веројатно, лежи во еволутивната историја.

– Додека праисториските луѓе ловеле – се движеле и самите се затоплувале, жените и децата најчесто останувале во нивните живеалишта, вели д-р Келинг.

Фото: Пекселс

Од друга страна, тој вели дека „жените се подобри во централизацијата на топлината“, бидејќи женското тело ја насочува крвта што носи топлина во јадрото на телото, како одговор на студот.

– Во истовреме, циркулацијата на крвта во екстремитетите – како што се рацете, стапалата, носот и усните, е ограничена. Ова им дава приоритет на виталните органи на жените, вклучувајќи ги и репродуктивните органи. Но, тоа значи и дека женската кожа се лади побрзо, што може да се види, на пр., во сините усни и бледите, бели раце, забележува Келинг.

И лицата во третата доба брзо чувствуваат студ.

– Повозрасните, вообичаено, вежбаат помалку, така губат мускулна маса и затоа имаат побавен метаболизам. Поради сѐ ова, нивните тела генерираат помалку топлина. Намалувањето на метаболизмот е дел од стареењето, вели Брандес.

На крај, неговиот совет за постарите луѓе гласи: Вклучете го термостатот во зима и добро облечете се пред да излезете надвор.

Back to top button
Close