Наумовски за блокадата: Опозицијата треба да покаже дека има подобри кадри и програма од власта

Мислам дека во ниту една од тие претходни прилики што сме ги имале во минатите години опозицијата што го блокирала Собранието не успеала да извлече некоја голема политичка корист за себе и оттаму, можеби, треба да се разгледаат и други методи на делување. Како и секоја опозиција, таа треба да демонстрира дека има подобри човечки ресурси, проекти и програмски определби од власта, вели универзитетскиот професор, Васко Наумовски
Активната блокада на Собранието од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за универзитетскиот професор Васко Наумовски е легитимен метод за вршење притисок врз власта, но смета дека на опозицијата ѝ стојат на располагање и други методи и алатки, како предлагање закони, свикување јавни расправи, поднесување интерпелации за министрите и сл.

Во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, Наумовски, кој е поранешен вицепремиер и амбасадор во САД, рече дека активната блокада не е ништо ново зашто во Собранието имало и порадикални настапи кои имале за цел да ја блокираат неговата работа.

„Мислам дека во ниту една од тие претходни прилики што сме ги имале во минатите години опозицијата што го блокирала Собранието не успеала да извлече некоја голема политичка корист за себе и оттаму, можеби, треба да се разгледаат и други методи на делување. Како и секоја опозиција, таа треба да демонстрира дека има подобри човечки ресурси, проекти и програмски определби од власта“,вели Наумовски.
Тој смета дека половина година по победата на локалните избори на опозицијата ѝ се брза да предизвика и предвремени парламентарни избори. Посочува дека во првите неколку месеци кохабитацијата меѓу централната и локалната власт не функционира, а градоначалниците на опозицијата немаат можност во целост да ги реализираат своите проекти.

„Доколку парламентарните избори се одржат во редовниот термин, за околу две години од сега, постои шанса да се промени расположението кај јавноста, односно високиот рејтинг што сега го има опозицијата да биде стигнат од рејтингот на власта“,вели тој.
Прашан за односот меѓу ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, и впечатокот дека партијата како да почнува да се дистанцира од неа, вели дека таа беше независна кандидатка поддржан од опозицијата и смета оти градоначалничката и мнозинството во Советот имаат соработка.

„Јас мислам дека доколку се нема поддршката од централната власт, проектите, особено во главниот град, не можат да бидат успешно реализирани. Ние сите се сеќаваме на успешни градоначалници во минатото, но разликата беше што тогаш и локалната власт и централната власт ја имаше ВМРО-ДПМНЕ односно градоначалниците ја уживаа широката поддршка од централната власт. Тоа сега не е случај и, за жал, тоа е на штета на граѓаните во дневните препукувања меѓу партиите“,вели Наумовски.

Back to top button
Close