Навистина, зошто би имало потреба Мијалков да бега?!

Пуштањето од притвор на Сашо Мијалков делува логично: човекот има две височки неправосилни затворски пресуди, обвинет е уште во два „потешки“ предмети, а осомничен е уште во неколку други случаи, па треба да му се овозможи да излезе од Шутка за да види и на мир да размисли, без притворски психолошки притисок и правна принуда, што ќе прави со себе понатаму. Дал имотни гаранции од 11 милиони евра од кои е прашање што и дали би можело нешто да се наплати во случај на бегство, а бидејќи тој имот – дури и ако може да се наплати во некоја фантастична конфискациска постапка – и така е со веројатноста на здравиот разум стекнат како след на компликувани кривично-правно-финансиски околности во половина дузина предмети за кои го судат, па речиси сигурно може да се тврди дека е сентиментално силно врзан кон него. Многу би пател ако го загуби. 11 милиони! Не се тоа „11 крушки“, што би рекол градоначалникот на Карпош, уште еден локален експерт за милиони.

Од друга страна, треба да се верува и во искреноста на изјавата на Мијалков по синоќешното излегување од притвор, пред да влезе во автомобилот (со приватна безбедносна придружба, оти се чувствува небезбедно кога е на слобода!): „Не бегам, зошто да бегам?!“… Навистина, веројатноста дека некоја од сегашните и идни пресуди во случаите против него во наредните стотина години би станале правосилни е рамна на неможноста физички да се биде на две различни места истовремено. Во случајов, и во затвор и во државава. Невозможно и по законите на физиката, а не само по толкувањето на законите во македонското право.

 

Тоа е Македонија во која судските реформи дадоа видлив резултат во неколкугодишното осамостојување на „независното судство“. На крајот од 2021 година, ситуацијата конечно дојде до врвот на својата тотална шизофренија: прочуените правобранители Михајло Маневски и Јово (празно место за надимокот) Вангеловски се главните борци во јавноста за да се престане со „политичките притисоци“ врз судството; главните криминалци се (А) во бегство, (Б) се жалат до Европскиот суд за човекови права дека им се нарушени базичните слободи или (В) седат по судски рочишта (со армија адвокати) на кои крајот не им се гледа и по 4-5 години од почетокот на судењата (ако воопшто и се почнати со судења, а некои од предметите и ќе застарат пред да почнат); поситните извршители на наредбите лежат со правосилни затворски казни или се спогодбено ослободени затоа што ги посочиле народбодавателите кои се шетаат на слобода; а единствено Катица Јанева е правосилно во затвор заради еден несомнен обид за поткуп кој, за потребите на пазарот, прерасна во рекет, на општа радост на јавноста желна за правда!

Колумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука

 

Back to top button
Close