Навивачи на Манчестер јунајтед нападнати пред финалето на Лига Европа во Гдањск
Навивачи на Манчестер Јунајтед биле физички нападнати во полскиот град Гдањск во пресрет на вечерашното финале на нивниот тим во Лига Европа против Виљареал.
Англискиот клуб соопшти дека неколкумина навивачи биле нападнати синоќа пред кафуле во Гдањск, не наведувајќи, притоа, дали некој од нападнатите е посериозно повреден.
Локалната полиција соопшти дека инцидентот траел кратко и во него учествувале до 30 луѓе.
Полицијата додаде дека, иако напаѓачите веднаш го напуштиле местото на инцидентот, нивното апсење е „само прашање на време“
Градоначалничката на Гдањск, Александра Дуљкевич, порача преку социјалните мрежи дека „во градот нема место за насилство“.
„Драги навивачи и гости, во нашиот град сте секогаш добредојдени“, напиша Дуљкевич на својот Твитер профил.
Финалето меѓу Манчестер Јунајтед и Виљареал се игра вечерва со почеток во 21 часот.
Двете екипи добија од УЕФА по 2.500 билети за своите навивачи.