Навивачите на Сараево физички ги нападнаа Велкоски и соиграчите

Членови на навивачката група „Орди на злото“ (Хорде зла) на босанскиот фудбалски клуб Сараево, за кој настапува македонскиот репрезентативец Крсте Велкоски, го прекинаа денеска клупскиот тренинг и физички ги нападнаа фудбалерите.

Инцидентот во тренинг кампот „Бутмир“, крај Сараево, се случи ден откако главниот конкурент за шампионската титула Борац од Бања Лука ја совлада во неделата екипата на Тузла Сити и за прв пат па пауза од десет години стана првак на БиХ.

Неофицијално, навивачите на Сараево физички го нападнале играчите огорчени и бесни поради тоа што нивниот омилен тим испушти дури 13 бодови предност во шампионската трка со Борац.

Сараево в среда го очекува финалниот натпревар од Купот на БиХ токму против Борац, а според локалните медиуми, неколку фудбалери на сараевскиот клуб по инцидентот најавиле дека нема да настапат во финалето.

Back to top button
Close