Наводи за поткуп во Велес, Прилеп, Крива Паланка и Свети Николе

Денешното гласање до сега поминува мирно без поголеми нарушувања на изборниот процес, соопшти Јавното обвинителство.

„Од почетокот на гласањето утрово, до јавните обвинителства и на посебната електронска адреса [email protected] не се пријавени инциденти или неправилности на гласачките места кои би имале елементи на кривично дело.

Јавен обвинител од ОЈО Струмица денеска усно е известен за погрешно испечатени гласачки ливчиња во Ново Село и извршен е разговор. Известена е Државната изборна комисија да го замени материјалот, но нема елементи на кривично дело.

Во текот на вчерашниот ден, поединечни настани со наводи за изборен поткуп се евидентирани во ОЈО Велес, ОЈО Прилеп, ОЈО Крива Паланка и ОЈО Свети Николе. Во сите нив се преземаат дејствија по насоки на јавен обвинител за испитување на наводите.

Има неколку информации и во однос на настани со елементи на прекршување на изборниот молк, но до овој момент вкупно евидентирани се многу мал број настани кои би можеле евентуално да имаат обележја на кривично дело, па со оглед на тоа изборниот процес до овој момент поминува без поголеми нарушувања од аспект на јавнообвинителското постапување“, велат од ЈО.

Од Обвинителството наведуваат дека сите евентуални сомненија за кривични дела кои би можеле да го нарушат изборниот процес ќе бидат испитани, а предметите ќе имаат приоритет на постапување во јавните обвинителства.

Back to top button
Close