Навреди место дијалог, за власта ССМ се „синдикалци на батерии“

Бараат зголемување од 6.000 денари, добиваат 10.000 за две години и одбиваат – вака ССМ работи по насока на СДС, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ кои зад секое барање поголема плата гледаат вмешаност на опозиција, освен ако не станува збор за функционерските.

Според Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ, протестите на ССМ, поддржани од СДСМ и Левицата, покажале дека не се поддржани од работницит „кои веќе се свесни дека некој од врвот на ССМ јасно ги искористува“, бидејќи нив добро им мислат очигледно само од власта, а не тие што ги избрале да ги застапуваат.

 

„Синдикалците на батерии, како Слободан Трендафилов, Иван Пешевски и Трпе Деаноски, кои земаат над 80.000 денари плата од работниците и дополнителни додатоци во висина над милион денари во само една година добиени од џебот на работниците, не го прифаќаат новиот колективен договор со кој минималната плата на административните службеници ќе се искачи до 600 евра за само две години од денес.

 

Предлогот од страна на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за зголемување на платите за 40 % или над 10.000 денари до 2028 година, не е прифатлив од ССМ, Трендафилов, Пешевски и за Деаноски, само затоа што не сакаат да го потпишат новиот колективен договор предложен од Владата, со кој работниците ќе добиваат зголемување на платите според Законот за минималната плата и дополнително 8 % на добиената сума, со што би се дошло до зголемување од 40 % до 2028 година.

Да резимирам, ССМ бара 600 евра минимална плата, добива – и ја одбива. Бара 100 евра повисока плата, добива и повеќе – и ја одбива. Само затоа што се политички заробеници на оние што ги поставиле да бидат таму, а тоа е СДС. Ги повикуваме ССМ, Трендафилов, Пешевски и Деаноски да ги оттргнат канџите во кои се заробени од СДС и Левицата и да го прифатат предлогот на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за 600 евра минимална плата за административните службеници во 2028 година.

 

На прашањето кој е ставот на ВМРО-ДПМНЕ за предлогот на Филипче и СДСМ за 600 евра минимална плата, Нманасиевски одговори дека токму со ова барање се покажува дека СДС и Левицата стојат зад барањата на ССМ.

 

„Барањето на СДС за 600 евра минимална плата е крајно несериозно, популистичко и без никакви претходни факти и аргументи. Вчера, бевме сведоци на тоа дека претседател на партија, во случајот Венко Филипче, на прес-конференција излезе крајно неспремен, предложи закон за 600 евра минимална плата, без претходно тој закон технички да му биде спремен, да има увид колку средства би биле потребни од буџетот и на кој начин би стигнал до нив и слично. Е ова е чист доказ дека СДС нема ниту програма ниту визија како да ги промени работите. Меѓутоа, излегоа на прес-конференција, расфрлија со пердувите и сега треба да одговориме на тоа. Навистина крајно несериозен пристап од страна на опозицијата. Имаа 7 години време минималната плата да ја искачат до 600 евра. Тоа не го направија, но затоа ги наполнија своите џебови.

 

Е, сега, отворено, еве прашуваме до јавноста, колку работници во фирмите на Заеви земаат минимална плата? Според нашите сознанија и информации со кои располагаме, вработените во фирмите на Заеви земаат плата во вид на минимална“ , вели Манасиевски.

 

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов веднаш го повика премиерот Христијан Мицкоски во понеделник во 9 часот да дојде во зградата на ССМ и таму да го потпишат колективниот договор.

 

„Да дојде во ССМ, да се потпише Договорот со кој ги зголемува платите на сите вработени за 40% како што пишува во соопштението на Владата. И исто така, минималната плата наместо од 2028 година да ја зголемиме од февруари 2026 година. Го чекаме“, рече Трендафилов.

Првиот синдикалец најави и блокади од идната недела, а прва блокада ќе биде Собранието, додавајќи дека работниците бараат минимална плата од 600 евра сега, а не во 2028 година.

Back to top button
Close