НБ: Во последните месеци од 2020 година поумерени негативните ефекти од ковид-кризата и поповолни движењата во економијата

– Поумерени негативни ефекти од здравствената криза врз економската активност и поповолни движења во домашната економија се забележани во последниот квартал од 2020 година, во однос на претходниот квартал, оценува Народната банка врз основа на расположливите високофреквентни податоци  за последниот квартал од 2020 година.

Во објавената месечна информација наведуваат дека во третиот квартал од 2020 година значително забави падот на Бруто домашниот производ, а остварувањата во првите три квартали се во рамки на очекувањата од октомвриските проекции.

-Согласно со објавените проценети податоци и направените ревизии за БДП, во првите три квартали на 2020 година, во просек, економијата бележи реален пад од 5,9 отсто, што е во согласност со очекувањата од октомвриската проекција (проектиран пад од 6,1отсто). Во однос на економската активност во четвртиот квартал на 2020 година, тековно расположливите високофреквентни податоци за периодот октомври-ноември 2020 година, општо земено, упатуваат на поумерени негативни ефекти од здравствената криза врз економската активност, а во споредба со претходниот квартал движењата во домашната економија се поповолни, наведуваат од Народната банка.

Појаснуваат дека во услови на целни и помалку рестриктивни мерки за справување со вториот бран на
Ковид-19, постепено приспособување на однесувањето и навиките на субјектите кон новонастанатата состојба, како и преземените мерки за поддршка на економијата, податоците за овој период покажуваат натамошно забавување на годишниот пад на индустријата и прометот во вкупната трговија, како и забрзување на растот во градежништвото, а единствено неповолни движења се забележуваат кај прометот во угостителството.

Во однос на инфлацијата, остварувањата за цела 2020 година се во согласност со проектираните, што
при ревизии во различни насоки кај надворешните влезни претпоставки, засега упатува на балансирани ризици во однос на движењето на инфлацијата во следниот период, наведуваат од Народната банка.

Во однос на промените кај потрошувачките цени, како што стои во информацијата, остварената годишна стапка на инфлација во декември 2020 година од 2,3 отсто е малку повисока од очекуваната според октомвриската проекција. Сепак, од Народната банка сметаат дека гледано за целата 2020 година, остварената годишна стапка на инфлација од 1,2 отсто е во согласност со октомвриската проекција (проектирана стапка на инфлација од 1,1 отсто).

Back to top button
Close