Не е фер „Макпетрол“ сега да се заканува

 

Претпоставувам дека, од ѓутуре, за 2020 и 2021 година, акционерите на „Макпетрол“ оствариле приближно 30 милиони евра профит. Би се рекло, не е лошо за македонски услови, во години во кои севкупното работење во светот под карантинско-пандемиски ограничувања силно се одрази врз светската економија на движење и транспорт, од што директно профитира нашето најголемо акционерско друштво за трговија со нафта и нејзините деривати. Впрочем, од компанијата пред само неколку месеци се пофалија дека „оствариле извонредно позитивен резултат, што покажува дека е во одлична состојба“. Лидер на пазарот.

Вчера, пак, истиот тој „Макпетрол“, а по објавувањето на Владината мерка за намалување на трговската маржа на горивата за 30-тина отсто, излегоа со заканувачко соопштение дека се создадени „непазарни услови“ и со „несоодветната методологија за пресметка, се доведува набавните цени да се повисоки од постоечката малопродажна“ цена, со што загубите ќе им бидат „огромни“. Тоа, велат од компанијата без многу двосмислености, „може да принуди одредени трговци да престанат да продаваат гориво, а тоа е опција којашто и ‘Макпетрол’ сериозно ја разгледува“.

Дополнително, од компанијата уште ѝ порачуваат на Владата дека „вештачкото држење на ниски цени на горивата, како социјална категорија“ ќе треба да го платат од своите годишни профити, а дека ваквата владина „популистичка мерки е неодржлива и може да создаде дополнителна паника меѓу граѓаните, зголемена побарувачка и недостиг на гориво“.

Со други зборови, „Макпетрол“ порачува дека, бидејќи му се чепка во џебот, ќе престане да точи гориво на пумпите, па власта нека му ја мисли.

Не знам дали вчерашната реакција на власта за „военото профитерство“ на некои домашни трговци се однесуваше (и) на „Макпетрол“, но на сите ни е јасно дека „вештачкото држење на ниски цени на горивата“ тукушто, од „невештачки“ причини, отиде по ѓаволите. Во синџирот на причините за тоа најважно место заземаат едни тенкови што газат врз една туѓа земја. Како што почна драматично да се покачува цената на барел нафта на светските берзи, можеби ќе стане исплатливо и Македонија да почне да ги експлоатира резервите на нафта кои лежат под Овче Поле. До таму е стигната таа ненормална работа.

Колумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close