НЕ Е КРАЈ НА СВЕТОТ

Ај да ја прашаме јавноста дали да го укинеме судството, па да имаме само партиски суд.

Што им стана на судиите, па се одважија да му пишат на премиерот Мицкоски дека ја „преминал границата на добро однесување“? Откако три месеци секојдневно ги навредува дека не си ја заслужуваат ни платата што ја добиваат, па уште пред некој ден им понуди и дел од својата плата како донација „ако судат според закон“, Врховниот суд, Судскиот совет и Здружението на судии му пишаа дека „најголем проблем во судството е независноста на судиите, која е поткопана од постојано мешање на извршната и судската власт“.

Мицкоски постојано тврди дека реформите што ги бара Европската комисија се однесуваат само на зголемување на платите на обвинителите и судиите и дека пари за тоа нема затоа што „некој душмански ја задолжувал државата и неродените генерации“. И вели: „Јавноста нека каже, ако мисли дека треба да ги дуплираме платите на обвинителите и судиите, слободно кажете“.

Како јавноста ќе каже дали треба да се зголемат платите на обвинителите и судиите? На референдум ли ќе одиме за нивните плати? На локални избори ли гласавме за платите на судиите?

Кога зборува за „душманско задолжување“, дали мисли на „Скопје 2014“ од 700 милиони евра што ни се распаѓа пред очи? Или, тоа беше милосрдно задолжување, за доброто на партијата која во тој период се стекна со милионски имот. Тогаш, ај јавноста нека каже дали да се процесуираат судските спорови за стекнатиот имот на ВМРО-ДПМНЕ додека беше на власт.

Што го спречува Мицкоски со огромното парламентарно мнозинство во Собранието да го смени кривичниот закон што СДСМ го донесе со помош на ВМРО-ДПМНЕ, според кој се намалија казните и застареа делата на функционерите обвинети за корупција? Чека ли да застари уште некој судски процес што се води против неговите сопартијци? Па уште и оштета им плаќаме. Тие душмански нѐ краделе, ние милосрдно им доплаќаме.

Тогаш, ај да ја прашаме јавноста и дали пратениците си ја заслужуваат платата?

Кога Мицкоски вели „сѐ ќе добијат наредните месеци, но само една работа ќе барам – одговорност, секој денар народни пари ќе гледаме како се троши, за да не се случи дел од нив да се најдат на обвинителска клупа“, си велам, па ај да ја прашаме јавноста дали да го укинеме судството, па да имаме само партиски суд.

Во демократска држава има законодавна, извршна и судска власт. Премиерот како извршна власт може да бара одговорност само од своите министри и од државните службеници што тој ги поставил. Судиите и обвинителите не се вработени во негова приватна фирма, па платата да им зависи од неговиот ќеф. Па уште и им се заканува дека тој ќе ги става на обвинителна клупа. Конечно, ќе му каже ли некој на Мицкоски дека во демократска држава премиерот не е тој што следи, обвинува и пресудува?

 

Две американски компании од автомобилската индустрија ги затвораат своите фабрики во слободните трговски зони и без работа ќе останат околу 1.000 работници.

Премиерот беше во посета на фабрика во Охрид кога кажа дека „тоа не треба да се сфати како нешто што претставува крај на светот“.

Кога Владата склучува договор со некоја странска или домашна приватна компанија, па дури и кога се сликаат на прием на донации во културата и во здравството, тогаш тоа е историски настан и заслуга на ВМРО-ДПМНЕ. Кога некоја приватна компанија ќе го затвори бизнисот и 1.000 семејства ќе останат без редовни примања, тогаш „нема да пропадне светот“.

Релативизирањето секогаш е добар лек за криење неуспех. Особено ако имаш добра пропагандна машинерија.

Целата колумна на Горан Михајловски на сдк.мк

 

 

Back to top button
Close