Не можете да ми кажете како да ја нарекувам својата земја – му рече Мицкоски на пратеникот Реџепи кој го опомена за неупотреба на уставното име на земјата
Скендер Реџепи го праша премиерот дали почитувањето на Уставот е државен интерес со оглед на тоа што лично Мицкоски, министрите, пратениците и претседателот на Собранието дозволуваат негово кршење употребувајќи име на држава кое не е составен дел од Уставот.
Мицкоски рече дека согласно државниот интерес го употребил уставното име на државата кога давал заклетва како премиер, но оти уставно загарантираното право на говор му овозможува слобода во изразувањето
Не можете да ми кажете како да ја нарекувам својата земја во колоквијална употреба и што да кажувам. Мојата земја сум кажал дека е и ќе биде Македонија. Ова од собраниската говорница денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на пратеничко прашање од пратеникот Скендер Реџепи, од коалицијата „Европски фронт“, во врска со (не)употребата на уставното име на државата од страна на претставници на власта.

Реџепи го праша Мицкоски дали почитувањето на Уставот е државен интерес со оглед на тоа што и тој лично, министрите, пратениците па и претседателот на Собранието дозволуваат негово кршење употребувајќи име на држава кое не е составен дел од Уставот.
„Дали е државен интерес името Република Македонија? Доколку премиерот докаже дека името Република Македонија е државен интерес, тогаш нека дојде и нека каже во Собранието, а јас ќе бидам првиот кој ќе поддржи таква иницијатива. Ако, пак, нема такви измени, тоа значи дека државен интерес е почитувањето на Уставот и уставното име и не треба да се прекршува за секојдневна политика“,рече пратеникот Реџепи од собраниската говорница.
Во одговор на прашањето на Реџепи, премиерот Мицкоски рече дека согласно државниот интерес го употребил уставното име на државата кога давал заклетва како премиер, но оти уставно загарантираното право на говор, кое е заштитено со меѓународни конвенции, му овозможува слобода во изразувањето.
„Дали го почитувам Уставот? Да, го почитувам Уставот, и токму при заклетвата кога ја давав како мандатар на Владата ја спомнав придавката, а на оваа говорница можам и согласно Уставот да си го кажувам она коешто мислам дека можам да го кажам и тоа се вика слобода на говор. Не можете вие мене да ми кажете како јас да ја нарекувам мојата земја при колоквијална употреба и што да кажувам. Мојата земја сум кажал дека е Македонија и ќе биде Македонија. Нема да слушнете поинаку, барем додека јас сум премиер“,изјави Мицкоски.
Обраќајќи му се на Реџепи, кој е кандидат за градоначалник на Скопје од редовите на „Европскиот фронт“, Мицкоски му порача дека ако претендира да биде градски татко, мора да биде подемократски настроен, да ги почитува, обединува и разбира луѓето.