„Не не‘ бива“ – паролата на македонскиот дефетизам

Откако започна транзицијата, при секоја моја посета на Македонија се‘ почесто ја слушам реченицата: „не не‘ бива!“Во неа ја гледам суштината на македонскиот дефетизам.Таа има и многу други јазични варијации, зависно од констелацијата, како „ништо од овој народ“ или „од нас не бива држава“. Сите ја изразуваат истата порака: длабоко неверување во себе како народ. Недоверба дека како држава или како заедница Македонците се способни да ги остварат посакуваните цели.

Доколку се знае дека коренот на изразот е францускиот збор за пораз, ќе ни стане јасно дека дефетизмот е секогаш ненадминато искуство на порази во историјата на еден народ. Тие се таложеле во колективното паметење и го обликувале македонскиот менталитет. Тој се пројавува во две екстремни ментални матрици. Едниот екстрем е самоувереноста во стилот, „тој ли мене ќе ми кажува“. Што значи, неспособност за самокритичност и мерка, затоа што „секој знае подобро од другиот Македонец“. Другиот екстрем е оној на очајот при првиот пораз, кој се доживува апсолутно, небаре е крај на светот – „не не‘ бива за ништо“. И двата екстрема изразуваат недостиг на свест за стратегија и организација во постигнувањето на целите. Сознанието дека долгорочните цели бараат самопрегор и одговорност, заедничка акција и долготраен труд на многу луѓе, не е многу често во Македонија. Тоа сознание, пак, учи на истрајност и скромност во заложбите за посакуваните цели. Од друга страна, онаму каде што недостига реалистична проценка на ситуацијата, поразите секогаш се доживуваат трагично. Во кризни историски моменти други народи, како, на пример, германскиот, се обединуваат, за да ги мобилизираат сите сили. Тоа својство ги обликувало и омилените германски изреки за ситуациите во кои е потребна колективна акција. Како, на пример, изреката: „Има многу работа, да засукаме ракави!“

А што велиме ние Македонците по поразите, во кризите? „Не не‘ бива“! Како тогаш очекуваме да ни‘ успее нешто, ако однапред веруваме дека нема да ни успее? Зошто не велиме, „нов ден, нова нафака“, како што велеа нашите баби, нашите родители? Таа изрека дава надеж и оптимизам, а „не не‘ бива“ раѓа очај. Очигледно, нашиот македонски менталитет е посилен од здравиот разум, кој докажува дека нема неостварливи цели. Има само такви кои биле неостварливи во еден конкретен миг, што значи дека треба да се продолжи со работата и да се чека следната шанса. Меѓутоа, македонскиот менталитет е побрз од разумот и често сака да не‘ увери дека од нас „не ќе стане саглам народ“.

Зошто таа „мантра“ на македонскиот дефетизам не беше присутна до пропаста на Југославија, но ниту во првите години потоа, кога се поставуваа темелите на смостојноста? Според моето согледување, затоа што тогаш во политичкиот и општествениот живот уште одлучуваше генерацијата која своето животно искуство го имаше собрано во Југославија. Освен тоа, за генерацијата на нашите родители самостојната држава Македонија беше остварување на дамнешен сон. Тие беа реалисти, затоа што беа извлекле поуки од сите порази и жртви на македонскиот народ во стремежот за македонска држава. Откако си замина таа генерација од политичката и јавната сцена, настапи една генерација која не сакаше да учи од поразите, туку порадо бегаше во историски митологии. Само во нив тие Македонци се доживуваа себеси како најсилните и најмудрите во светот. Затоа што Македонците немаа долго историско искуство во државотворно заедништво, современите транзициски политичари брзо го претворија општеството во збир од партиски кланови од феудален тип. Југословенското искуство на граѓанско заедништво беше градено половина век, но тоа време очигледно беше прекусо за да се создаде цврста граѓанска свест за одговорност кон државата и зедницата. Во клановската партизација на општеството уште посилно се пројавија сите негативни страни на македонскиот менталитет. Сега тој сугерира дека Македонија тешко може да се европеизира, затоа што тоа од Македонците ќе бара промена на менталитетот.

„Треба да се ужаснеме од самите себе“, за да посакаме нешто да се промени во нашиот менталитет, вели рускиот филмски режисер Андреј Кончаловски говорејќи во својот блог за европеизацијата на Русија. Без критичко сознание за негативните особини изразени во менталитетот на еден народ, нема можност за промена, смета тој. Затоа што европеизацијата претпоставува култура на однесување и организација на целокупниот живот.„Да, ние го имаме Пушкин, но и нечистите јавни тоалети“, вели тој и заклучува дека Русија е уште многу далеку од Европа. Си велам, ако тоа важи за Русија, тогаш што останува за Македонија? Ние сме уверени дека имаме многу да и‘ понудиме на Европа, на светот, затоа што сме имале големи уметници, вредно културно наследство, стара историја.

Забораваме дека тоа што се нарекува европска култура не е само уметноста. Таа е, пред се‘, начин на однесување, мислење и работење. Без јасна свест за стандардите во европска култура на живеење, како работниот етос и прецизната организација на општеството, не е возможна европеизацијата на македонското општество. Имено, ако навистина ги цениме уметноста и литературата, тогаш зошто немаме книжарници во помалите градови? Затоа што македонската култура на живеење не е доволно обликувана, продуховена и просветена за да може да ги цени уметноста и литературата. Затоа и не и‘ пречи што во внатрешноста нема ниту книжарници, ниту библиотеки. Затоа и селските училишта во Македонија изгледаат како да се во некоја земја од Третиот свет. Го имаме Блаже Конески и Петре М. Андреевски, но и бедни, распаднати селски училишта во Македонија – во 21-от век!

Секако, тешко е да „излезете“ од својата „втора кожа“, од сопствениот менталитет, и да се погледнете критички, за да се „ужаснете од себе“, како што бара Кончаловски. Меѓутоа, речиси нема македонска фамилија во која синовите и ќерките не се заминати во странство. Многу од нив заминале таму на студии и не се вратиле. Деновиве и претседателот Пендаровски потврди во едно интервју дека кога би бил млад (и не би бил претседател) и тој би ја напуштил земјата. Затоа што во Македонија немало перспектива. Заминатите деца сигурно им кажуваат на родителите и роднините какви се стандардите по кои тие мора да работат во Западна Европа, во Америка. Тие можат да им кажат и што, според нивното искуство на Западот, треба да се смени во Македонија. А што им велат роднините и родителите? Да бидат среќни што се во странство! И им објаснуваат зошто од Македонија никогаш нема да стане „саглам држава“. Заминатите, пак, од просторната дистанца, но и со искуството во новата средина, често подобро знаат што треба да се промени во македонскиот менталитет за да може побрзо да се оствари посакуваната европеизација на земјата. Да сакаат Македонците во земјата навистина нивните заминати деца да им помогнат да го променат својот начин на однесување, мислење и работење, тие ќе ги прашаат како самите се учеле на европските стандарди. Заминатите ќе им кажат дека за Македонија е значајно на одговорните функции луѓето да се избираат според степенот на стручноста, а не според партиската книшка. Дека директорот кој е ценет авторитет во својата област многу подобро ќе ги мотивира своите соработници да постигнат и самите извонредни резултати.

Многумина денес во Македонија ја поткрепуваат паролата „не не‘ бива“ со тоа што тврдат дека останале само малкумина вистински професионалци во Македонија. Ама, за почетокот, добро би било барем тие да бидат поставени според објективните критериуми на стручност на одговорните функции. Промените во општеството не може да ги направат луѓе што не веруваат дека промените се воопшто возможни. Дека тие самите се способни да ги променат нештата. Македонскиот дефетизам е погубен, затоа што ја обликува самоперцепцијата – личната и онаа на целото општество. Само тој што не се чувствува способен да промени нешто во својот живот, не може да замисли дека промената е воопшто можна. Дефетизмот е самодеструктивен, затоа што ја убива надежта и самодовербата.

Kица Колбе
извор: ДВ

Back to top button
Close