„Не, не е алатка за шиење“ – Откопано римско дилдо старо 2000 години

Археолозите веруваат дека можеби го пронашле единственото познато дилдо со природна големина, откриено во ров во најоддалечените северни краишта на римската империјата. Ако не се користело баш како сексуално помагало, тогаш предметот стар 2.000 години можеби бил толчник во форма на пенис  или евентуално дел од статуа што луѓето ја допирале за среќа.

Она што дефинитивно не е, а било така каталогизирано по откритивањето во римската тврдина Виндоланда во Нортамберленд во 1992 година, е  алатка за шиење.

 

-Морам да признаам –  вели Роб Колинс, професор по археологија на Универзитетот Њукасл – дел од мене мисли дека е очигледно, само по себе, дека се работи за пенис. Не знам кој го внел во каталогот. Можеби некому било непријатно или мислел дека Римјаните не би направиле такви откачени работи. Ако навистина мислеле така, не би можеле да се повеќе во грешка, со оглед на тоа колку многу дводимензионалните фалусни претстави биле сеприсутни во римскиот свет, без разлика дали станува збор за мозаици, фрески, декорација на саксии или приврзоци што се носат околу вратот.

Фалусот од Виндоланда е долг 16 сантиметри, но според истражувачите, веројатно бил и поголем бидејќи дрвото е склоно на собирање и искривување со текот на времето. Истражувачи од Универзитетот Њукасл и Универзитетскиот колеџ во Даблин откриле дека, во најмала рака, ова е првиот познат пример на  дрвен староримски фалус кој не бил дел од поголема скулптура.

Предметот бил пронајден во ров заедно со десетици чевли и додатоци за фустани, како и отпадни производи од занаетчиството, како што се кожни парчиња и обработен рог – можеби тоа е и една од причините поради која бил каталогизиран како алат за шиење.

-Она што го прави прв е тоа што не е мал, минијатурен фалус. Во природна големина е. Исто така е важно и тоа што дрвото вообичаено не преживува… не можевме да најдеме никакви паралели –  вели Колинс.

Големината и нејасноста на функцијата беа фасцинантни – вели тој. „Често во археологијата кога ќе најдеме некој предмет, можеме да претпоставиме за што се користел. Тоа не беше случај за овој предмет.Имавме многу интересни дискусии.”

Античките фалусоидни предмети често се користеле и како заштита против магии. Анализата покажа дека фалусот од Виндоланда има значително помазни краеви, што укажува дека се користел за нешто во одреден временски период.Тимот се осврна на три можни теории, кои се наведени во детален текст  објавен во Antiquity.

Една теорија е дека се користел како сексуална играчка. Тоа може да значи дека станува збор за секс играчка, иако и тука е потребна одредена претпазливост, рече Колинс.

-Понекогаш [дилдото] не се користело за задоволство. Има индиции дека се користеле и како средства за тортура, па затоа имам резерва кога го користам терминот секс играчка. Се надеваме дека тоа е она за што се користело. Тоа е највозбудливата и најинтригантната можност. Доколку е така, според нашите сознанија, ова би било првото римско во археологијата. Знаеме од грчката и римската поезија и уметност дека користеле дилда. Но, немавме пронајдени артефакти што само по себе е интригантно.

-Дополнително интригантно е што го наоѓаме на далечниот север, а не долу во богатото срце на римска Италија… тоа е некако зачудувачки – изјави Колинс.

Втората теорија е дека предметот се користел како толчник, или за мелење козметички или медицински состојки. Неговата големина го прави лесен за употреба, а обликот би ја надополнил храната или состојките со магични својства.

Третата опција е дека требало да се вклопи во статуа која минувачите би ја допирале за среќа или за да апсорбираат или активираат заштитата од несреќа – што било вообичаено низ Римската империја. Доколку било така, статуата веројатно би била во близина на влезот на важна зграда, но доказите покажуваат дека артефактот бил чуван внатре.

Истражувачите се надеваат дека фалусот од Виндоланда ќе поттикне пребарување на слични предмети во други збирки. Во меѓувреме, изложен е во музејот во Виндоланда.

извор: Гардијан

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close