Не очекуваат големи снежни врнежи викендов

Во петок попладне и за време на викендот се очекуваат повремени врнежи од дожд, кои на планините ќе преминат во снег. В недела, поради влијание на постудена воздушна маса, снежни врнежи ќе се појават и во пониските предели, информираше УХМР.

Македонија викендов ја очекува значителен студен и снежен бран кој според прогнозите може да донесе нова снежна покривка од 50 сантиметри до еден метар на планините и на скијачките центри. Поголема снежна покривка ќе се формира и во делови од пониските предели, вклучувајќи ги и градовите.

Метеопрогнозерот Славчо Попоски најавува снежен бран почнувајќи од петок.

„Поради тоа што сѐ уште е неофицијално, можно е варирање околу очекуваната снежна покривка. Ќе видиме што ќе покажат најновите ажурирања“, напиша Попоски на Фејсбук.

Потврда за снежниот бран доаѓа и од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Оттаму велат дека до петок времето ќе остане стабилно, но во котлините ќе има појава на магла и ниска облачност, што ќе одржи пониски температури

На планините, пак, ќе продолжи постепеното топење на постојната снежна покривка.

„В петок попладне и за време на викендот се очекуваат повремени врнежи од дожд, кои на планините ќе преминат во снег. В недела, поради влијание на постудена воздушна маса, снежни врнежи ќе се појават и во пониските предели“, изјави дежурниот синоптичар Јулијана Фиданоска-Мишкоска.

Предупредувања за силниот студ и снег пристигнуваат и од соседните земји. Српските метеоролози исто така прогнозираат дека Балканот ќе биде зафатен од студен бран кој може значително да влијае на условите за движење.

Сите граѓани се повикуваат да бидат внимателни, особено оние кои планираат патувања за време на викендот, и да ги следат препораките на надлежните институции за справување со снежните услови

Back to top button
Close