Не очекував од вас ваков популизам, рече Јаневска откако Лукаревска ја праша зошто ученици од ОУ „Киро Глигоров“ следат онлајн настава


Пратеничката од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Сања Лукаровска, на денешната седница за пратенички прашања упати прашање до министерката за образование и наука Весна Јаневска зошто ученици од скопското основно училиште „Киро Глигоров“ наставата ја следат онлајн, додека објектот на почетокот на новата училишна година личи на градилиште.

Од денешната седница за пратенички прашања во Собранието / Фото: Принтскрин
Според најавите на Министерството за образование и наука (МОН), околу 500 ученици од четврто до деветто одделение во ова училиште од 1 септември привремено следат онлајн настава. Во училишниот објект се изведуваат градежни работи за приспособување на шест нови училници со цел да се воведе едносменска настава.

„Како можевте да дозволите учениците во едно од најбројните училишта во земјата, патем и најново, учебната година да ја започнат без редовна настава со физичко присуство, во услови кога сите показатели укажуваат на сериозен пат на квалитетот на образованието. ОУ ‘Киро Глигоров‘ во Центар заради немарноста на МОН сред училишна година личи на градилиште полно со прашина. Родителите и учениците се во шок, револтирани и без бараните одговори“,вели Лукаревска.

Според неа, договорот со Општината Центар за реконструкција и адаптирање на дел од училиштето бил потпишан во февруари годинава со цел да се обезбеди едносменска настава, но градежните активности почнале дури во август.

„На 7 август знаете дека има застој во работите и дека нема да се завршат активностите до 1 септември. На 27 август е поднесено барање од училиштето до МОН за решавање на состојбата. Општината ги преземала сите активности во рамки на своите надлежности. Одговорноста за овој преседан е комплетно ваша. Но, на 9 септември има нов допис дека од 14 септември за учениците од прво до петто одделние наставата ќе се одржува со физичко присуство, а за тие од петто до деветто останува онлајн настава. Зошто реконструкцијата почнува во август иако градежните работи биле планирани. Зошто дозволивте да имаме нарушување на образовен процес. Врз кој член од закон тоа го направивте. Кој ќе понесе одговорност што учениците не ја почнаа годината со редовна настава“,

праша пратеничката од СДСМ.
Во одговорот до Лукаревска, министерката Јаневска рече дека сите ученици од ова училиште за една недела треба да почнат да учат со физичко присуство и дека организацијата на наставата е направена од директорката.

За забелешките дека доцна почнала доградбата на училиштето, министерката посочи дека има коректни односи со Општината Центар, но дека проектот во архива е предаден на 18 мај, а цел месец не бил закачен во системот. Откако е закачен, поминале 40 дена за да се добие одобрување.

„Единствено училиште кое го изгради СДСМ е токму ‘Киро Глигоров‘. Како што гледате, не сте го изградите како што треба оти не сте предвиделе дека бројот на ученици ќе биде поголем и дека ќе треба поголем простор. За да се доградува едно училиште потребна е соработка со општината, со која имаме коректни односи. Ова е она што е реалност, но има уште една реалност. Вие комуницирате со директорката, а таа во допис до мене вели дека обезбедиле плус осум училници и од 14 септември децата од четврто и петто одделение ќе почнат со физичко присуство, а останатите ќе продолжат со онлајн настава. Јас во училиштето не ја организирам наставата. Си има директор, си има општина. Јас соработувам со сите. Не велам наши и ваши, со сите во корист на децата. Како вели директоркиата дека треба да се организира наставата, така нека ја организира“,кажа Јаневска.
Посочи дека не очекувала од Лукаревска да прави ваков популизам, додавајќи дека учениците во ова училиште имаат настава, а дел привремено ја следат онлајн поради градежни активности што треба да им обезбедат подобри услови за учење.

„Ако не градевме, ќе прашавте зошто децата ви учат во две смени. Кога градиме, велите зошто градите, децата не можеле да учат. За една недела сите ќе учат со физичко присуство“,
додаде таа.

Според неа, има проблем во образовниот процес оти учениците не учат, посочувајќи дека приоритет е како да почнат да го совладуваат материјалот и како да се научат наставните да им го пренесуваат знаењето.

Ги повика пратениците да се обединат околу прашањата поврзани со образованието и здравството.

„Овде нема проблем. Зошто правиме проблем таму каде што го нема само за популизам, за собирање гласови и лајкови. Гласови ќе собираме со добри проекти. Тргнете ги рацете од образованието и здравството оти се суштински се за опстанок на младите. Ама не сум сигурна дека се грижите за тоа. Се грижите да го постигнете рејтингот на вашата партија, а не за децата“,кажа Јаневска.

Лукаревска во контраодговор до Јаневска рече оти очекува дека брзо ќе се разреши овој проблем, како и дека нема комуникација со директорката на конкретното училиште, за која рече дека првпат ја видела на телевизија на 1 септември.

Back to top button
Close