Не престанувам- Еуростандард банка
Во оваа држава сум донирал над 100 милиони евра, а од оваа држава сум ограбен за уште толку.
Неуморно ќе повторувам факти додека не ја добијам правдата.
Пишува:Tрифун Костовски
Почитувани читатели, вообичаено овој ден го посветувам на темата стечај на Еуростандард банка . Во изминатите, речиси 30 месеци настојувам на институциите за прогон во Македонија и на вас моите читатели, да ви ги предочам фундаменталните пропусти во системот етаблиран во Република Македонија, а поврзани со стечајот на Еуростандард банка. Честопати мои блиски пријатели ме советуваат дека треба да престанам да пишувам за оваа тема – НО ДАЛИ ВИЕ БИ ПРЕСТАНАЛЕ ДОКОЛКУ ДОЖИВЕЕТЕ ВАКОВ ГРАБЕЖ И НЕПРАВДА ВРЗ СЀ ШТО СТЕ СОЗДАВАЛЕ ЦЕЛИОТ ЖИВОТ?!
Низ животот сум се соочувал со многу предизвици, но ова е најголемиот, бидејќи се работи за мојата чест. Моето животно мото : ,,Ако можам и сакам ќе дадам сѐ, но не дозволувам да ме ограбуваат и понижуваат.” Дур сум жив ќе ги живеам своите принципи. Народната банка не почитува принципи, ни закони:
1. Народна банка не ги користи инструменти кои ѝ се на располагање за стабилизирање на банката.
2. Не го прифаќа стратешкиот партнер за влез во банката полни 3 месеци, иако истиот тој партнер ги задоволуваше сите критериуми за непречен влез како акционер во банката.
3. И трето, не си го почитуваа дадениот збор, ветен пред Надзорниот одбор на ден 7 август 2020 година преку видео конференција и на 14 август 2020 година акционерите ја докапитализираа банката со нови 2,4 милиони евра.
Народна банка ја однесе Еуростандард банка во стечај на 12 август 2020 година.
За ваквиот чин, Народна банка доби логистичка поддршка од Техничката Влада на Оливер Спасовски со две контроверзни уредби со сила на закон, при што дозволи стечајот на банката да се обзнани веднаш по завршувањето на вонредната состојба предизвикана од пандемијата Ковид-19.
Останатите институции како судство, обвинителство, Собрание на Република Македонија и натаму молчат.
Молкот на институциите кои треба да ни го гарантираат правниот поредок се комплетно украдени и ставени во функција на организираниот криминал и корупција. Несомнено во Македонија владее организираниот криминал и корупција.
Поимот организиран криминал и корупција се како сијамски браќа, тоа се форми кои дефинитивно се најсилното општествено зло во нашето секојдневие.
Деновиве бевме сведоци на една мошне сериозна изјава на првиот човек во Стејт Департментот задолжен за Западен Балкан, Господинот Ескобар. Тој најави поименично санкционирање на сите учесници во ова општествено зло. Замислете, после оваа изјава врвните политичари во Владата на Република Македонија, премиерот Ковачевски и министерот за Надворешни работи Османи, констатираа дека со вдомениот криминал и корупција нема да бидеме примени во европското семејство. Имам впечаток дека овие изјави од овие врвни политичари се изнудени, бидејќи наназад веќе полни 4 години амбасадорите на САД во Македонија, на секој нивен јавен настап или интервју, перманентно укажуваа на ова зло. Дали требаше ваквото предупредување да го добиеме од господинот Ескобар, за да разбереме дека Македонија е заробена држава од криминалот и корупцијата? Ние граѓаните на Република Македонија кои сме го почувствувале ова општествено зло, со години наназад укажувамебез ни. За жал властодршците не реагираат. Дали требаше Господинот Ескобар да ни посочи каде грешиме на нашиот пат кон ЕУ? Дали тоа значи дека ние граѓаните на Република Македонија не сме свесни за ова зло? Жално е да се констатира дека политичките елити во Македонија го омаловажуваат сопствениот граѓанин, иако од него ја црпат можноста за власт. Дали со изјавата на господинот Ескобар се загрозени многу политичари, глуви апологети и сивата еминенција во државата, бидејќи тој недвосмислено упати порака до нив?
Голема благодарност до САД, особено до господинот Ескобар што го кренаа овој проблем на државно ниво. Во време кога нашите институции и дел од медиумите се прават слепи, редно беше вакви ,,шлаканици” да добијат од САД. Да видиме дали овој пат пораката ќе биде сфатена, или нашите стратешки партнери ќе треба да одат чекор понапред и поексплицитно да им покажат што значи справување со криминална и корумпирана врхушка.
Се поставува прашањето, како со постоечките политички елити ќе успееме да се справиме со ова општествено зло? Не сум единствениот во Македонија со скептичност дека со постоечкиот политички естаблишмент ќе можеме да се справиме во скора иднина. Корупцијата кога ќе се вкорени тешко се искоренува.
Еуростандард банка не е прв, а убеден сум дека нема да биде ни последен правен субјект кој што е жртва на организираниот криминал. Доколку и натаму се игнорираат ваквите сериозни предупредувања од нашите пријатели, сѐ почесто ќе ни се случуваат. Потребна е акција која првенствено треба да ја преземеме ние, граѓаните на Република Македонија, поддржани од вистински пријатели и компетентни професионалци.
Ова е единствената опција да му се стави крај на ова зло. Молкот треба да го замениме со барања и акција. Дали во тоа ќе успееме? Зависи од нас. Без конкретно санкционирање на сите учесници во организираниот криминал и корупција, нема напредок за Македонија.
Јас продолжувам.