Не сакам да коментирам работи од мојот приватен живот, кажа Филипче за забавата со Заев во Дубаи
Апсолутно не сакам да коментирам работи од мојот приватен живот. Ова беше кусиот одговор на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на новинарско прашање во врска забавата во Дубаи, каде што тој бил еден од гостите.
Филипче за ова беше прашан на денешната прес-конференција во Собранието откако повеќе македонски портали објавија вест дека тој заедно со екслидерот на СДСМ неодамна присуствувал на забава во градот Дубаи, во Обединетите Арапски Емирати, каде што со другите гости уживале во песните на српскиот фолк-пејач Харис Џиновиќ.
Во веста порталите објавуваат и видеоснимка што наводно е од забавата, а на која Филипче и Заев можат да се забележат во добро расположение.
На снимката се гледа како актуелниот лидер на СДСМ седи во агол и со мобилниот телефон снима или фотографира дел од изведбата на фолк-пејачот, додека Заев може да се забележи како му приоѓа на Џиновиќ. го прегрнува и му шепка нешто на уво.
Повикувајќи се на написи во српските медиуми, домашните портали пишуваат дека забавата се одржала на 26 октомври во хотелот „Хилтон“ во Дубаи.