„Не сакам да се гледаш со внуците“: сведоштва од растргнатите семејства во кои возрасни деца одлучуваат да ги прекинат односите со родителите

Некогаш отуѓувањето на родителите произлегува од трауматично детство. Но, за родители кои веруваат дека го направиле најдоброто, ваквата одлука може да предизвика шок. Двете страни на ваквиот тип семејни конфликти ги споделуваат своите гледишта.

Џоди последен пат зборувала со мајка си пред година и половина и разговорот завршил лошо. Иако нивниот однос отсекогаш бил тензичен, со долги периоди минати без контакт, Џоди чувствувала анксиозност при некои големи промени во нејзиниот живот и копнеела по утеха. Слушањето стари говорни пораки од нејзината мајка ѝ разбудило доволно носталгија за да го земе телефонот во раце. Но разговорот брзо отишол во погрешна насока.

„Мајка ми е склона да ги изразува своите емоции на екстремен и агресивен начин. Таа избувнува и навредува луѓе“, вели Џоди, која има 29 години и е во процес на прекуокеанска преселба. Нејзината мајка страда од психички проблеми веќе подолг период, вели таа, и постојано се гледа себеси како жртва против која има некаков заговор. Џоди како млада сфатила дека ќе биде отфрлена доколку не моли за прошка кога нејзината мајка ќе почне да ја обвинува. Но, не и овој пат.

„Кога конечно сфатив дека мајка ми ги користи сопствените емоции како оружје за манипулација на моите, престанав да чувствувам потреба за самоодбрана“.

Таа го спуштила телефонот, го блокирала бројот на мајка си и одлучила дека никогаш повторно нема да проговори со неа.

Иако Џоди е сигурна дека ја донела вистинската одлука, живеењето без мајката не е лесно. „Сè уште ми недостига и посакувам да ги имам сите тие мигови што други луѓе ги имаат со своите мајки. Не можам да се сетам како мириса и какво е чувството да се биде во нејзината прегратка“.

Но Џоди вели дека не може ниту да живее како постојано да е на тест односно како да е работник на вечна обука. „Тоа што мајка ми не успеа да го земе предвид е дека како секој преоптоварен работник, и јас можам да дадам отказ“.

Овој вид нарушени односи се многу почести одошто мислите. Истражување од хуманитарната организација Стенд Алоун во Англија покажува дека едно од пет семејства може да е афектирано од отуѓеност дефинирана како однос со прекината комуникација. Во САД (каде што Џоди моментално живее), истражување од универзитетот Охајо Стејт покажува дека 6 отсто од испитаниците биле отуѓени од своите мајки, а зачудувачки 26 отсто од своите татковци.

Додека искуството сè уште е често обвиено со тишина и срам, можеби не е толку табу колку што било порано. Во нејзините скорешни мемоари, Дајана Абот (пратеничката од Лабуристичката партија) по смртта на нејзиниот доминантен и тежок татко, ги опиша сложените чувства врзани со неговото отуѓување.

Под силни рефлектори се одигра и егзодусот на Принцот Хари од неговото семејство и отуѓувањето на неговата жена Меган од нејзиниот татко. Нешто што беше осамничко и изолирано искуство сега е сè повеќе споделувано на ТикТок, Редит или на форуми кои нудат совети за прекинување контакт (целосно пресекување на врската) или намалување контакт (одржување минимална интеркација), без грижа на совест.

Некои луѓе прават тоа да изгледа примамливо лесно и во суштина го потврдуваат истото што поетот Филип Ларкин го напиша пред педесет години во неговата песна „Ова нека биде стихот“: „Те заебуваат, мајка ти и татко ти / Можеби ненамерно го прават тоа, но го прават“. Песната им препорачува на читателите да „излезат што побргу“ и да се откажат од имањето деца.

„Луѓето како да мислат дека хаштаговите на друштвените мрежи создаваат отуѓување“, се жали Бега Бланд којашто е основачка на Стенд Алоун. Таа се отуѓила од своите родители кога имала 25 години и оттогаш самата советува отуѓени семејства. „Но во 12-те или 13-те години како го работам ова, не сум запознала ниту еден човек што немал екстремно добра причина за да го земе предвид отуѓувањето“. Покрај осаменоста и болката што доаѓаат од напуштање на семејството, вели таа, младите луѓе скапо плаќаат што се отуѓени во свет во којшто речиси третина од 25 до 29-годишни британци сè уште живеат кај нивните. Не само тоа, туку и во свет во кој родителите често се ко-потписници на студентски долгови, гарантираат за киријата на младиот човек или, пак, придонесуваат на депозитот за првиот купен дом. Сето тоа објаснува зошто отуѓувањето не се случува за време на бунтовните тинејџерски години, туку, како што беше и за Џоди, во годините кои се сметаат за финансиски постабилни како доцните 20-ти или 30-те.

Некогаш отуѓувањето е резултат на физичко или сексуално злоставување, зависност или проблеми со менталното здравје (Не се само децата оние кои се оддалечуваат од родителите. Некогаш е обратно). И некогаш е рефлексија на навидум нерешлив конфликт меѓу различни религиски или етички верувања.

„Доколку потекнуваш од имигрантско семејство кое има фиксирани вредности а истовремено растеш во општество кое е послободно и полиберално, тогаш си во ризична позиција“, вели Бланд којашто била дел од истражување за отуѓувањето спроведено од Центарот за семејни студии при универзитетот Кембриџ. „Би рекла и дека политичките ставови играат улога: Брегзит или различните мислења за тоа како треба да изгледа општеството“. Истражувањата покажуваат дека одвојувањето на родителите и нивно стапување во друг брак е исто така ризично, особено ако детето не ја сака маќеата/очувот или ако се чувствува притиснато да заземе страни.

Отуѓувањето е исто така почесто меѓу ЛГБТ+ луѓето. (Едно истражување на ЛГБТ+ хуманитарното здружение Џаст Лајк Ас откри дека речиси половина од испитаниците биле отуѓени од членови на семејството).

Но понекогаш нештата не се толку јасни. Некогаш отуѓувањето може да биде продукт на терапевтски-писмена генерација која, во споредба со нивните родители, е посвесна за различните дефиниции на насилството и верува во поставувањето граници околу луѓе кои те прават да се чувствуваш мизерно, дури и ако тие луѓе те зачнале.

„Поминавме долг пат околу разбирањето, да речеме кога станува збор за семејното насилство, дека не треба да имаш однос во кој нема еднаквост, љубов или почит“, вели Бланд. „Тешко е да си дел од семеен однос во кој немаш право на глас. Општеството и односите еволуираа и семејството ќе мора да еволуира со нив“. Како што „бејби бумберите“ ги шокираа нивните родители со измислување контрацепција или дестигматизирање развод, таа смета дека новата генерација ќе го реобмисли семејниот живот на начин којшто понекогаш може да биде непријатен за постарите.

Идејата дека љубовта помеѓу родителот и детето повеќе не е безусловна може да биде застрашувачка за родители кои вистински веруваат дека го направиле најдоброто само за да тоа биде проколнато од стандардите на поинаква ера. Што ако никогаш повеќе не си го видат детото? „Ова е масивна промена во моќта и сигурно не им е лесно и на родителите“, вели Бланд. „Сите го копираме она што го знаеме и многу родители го копирале она што правеле нивните родители“. Како со секој прекин на врска, отуѓувањето може да остави зад себе траги од повредени, збунети и игнорирани луѓе.

Кога и да сум читала приказни за отуѓување, сум си помислувала ‘Но мора нешто да направиле“, вели преку телефон Керолајн, професионална жена со нежен тон. Но тоа било пред едно од нејзините возрасни деца да престане да зборува со неа.

Нејзината ќерка била тешка тинејџерка, вели таа. Тие имале многу расправии, а ќерката имала тешкотии за време на универзитетските години. Откако се одвоила од сопругот, Керолајн се чувствувала и притиснато да глуми „лош полицаец“. Но односот со ќерка ѝ бил доволно среќен речиси цела деценија, сè до минатата година: „Постојано си мислев дека нешто не е во ред, но не можев да препознаам што точно. Испраќав пораки на ВатсАп, но не добивав одговор и се запрашав: Дали сум мјутната?“ Се запрашала и дали е премногу сензитивна. Но кога внимателно го покренала прашањето, ќерка ѝ заплакала и рекла дека ѝ е тешко да ја спои мајката што ја имала во тој миг со „онаа ужасната“ од нејзиното детство.

Керолајн била ужасната и зачудена: не можела да разбере за што била обвинета. „Како родители, сите имаме каења и постојат нешта за кои се каам. Можам да се сетам на една ситуација кога изгубив контрола и посакувам да не го направев тоа. Но сè на сè, мислам дека сум била навистина добра мајка. Сигурна сум во тоа“. И мајката и ќерката посетувале психолог, посебно. Но по една бурна расправија, ќерката ѝ пишала порака дека веќе не сака да комуницира со неа. Тие сè уште разменуваат честитки за роденден, но не зборуваат и не се гледаат. „До скоро плачев секој ден. Чувството е како да прежалуваш нечија смрт, не можам ништо да направам. Си го премотувам филмот во глава и се напрегам да сфатам зошто. Уништена сум“.

За сега, Керолајн се обидува да даде простор на ќерка си. Ја боли што таа сè уште е во контакт со таткото, додека Керолајн која ги има поминато сите маки на самохран родител, е отфрлена. „Често чувствувам дека како мајки сме обвинувани за она што го немаме направено наспроти сето она што го имаме. Ги организираме сите празници и родендени, се трудиме децата да бидат успешни на школо, ги храниме и им читаме секоја вечер… Пријателка ми кажа: ‘Ти си таа со која се чувствува безбедно и затоа ти си единствената на којашто може да ѝ се истури бидејќи знае дека секогаш ќе ја сакаш’. Го знам ова рационално, но не можам да престанам да го чувствувам како ужасно нефер“.

Џошуа Колман е специјализиран за решавање вакви мистерии. Белобрадиот калифорниски дедо со смирувачка енергија, во неговата приватна психолошка клиника, советува родители кои се очајни да ги вратат назад возрасните деца кои ги исклучиле од животот. Тоа е чувство што тој добро го познава: Во неговата книга „Правила на отуѓување“, тој опишува како на 22 години неговата ќерка привремено престанала да комуницира со него. (Тој пишува дека таа не се чувствувала како неприкосновен приоритет откако тој се одвоил од мајката и се зел со друга жена. Иако сега се смирени, тој вели дека требало години од внимателно применување на стратегиите кои сега ги предава на други родители).

Дали постои нешто како исклучен родител којшто вистински не направил ништо лошо? „Речиси секоја статија за отуѓување во САД е напишана од отуѓено возрасно дете и лесно поттикнува емпатија кога родителот бил насилен, кога децата се обидувале подолго време, кога конечно морале да го прекинат односот, кога прекинот бил подобар за нивното ментално здравје“, вели Колман преку Зум од неговата канцеларија во Сан Франциско. „И тие случаи постојат. Но тие не се сите причини за отуѓувањето“. Повеќето родители, смета тој, се справуваат најдобро што можат. Но тоа не значи дека нивното „најдобро“ е доволно за нивното дете.

„Секое семејство има различни приказни“. Родителот може сосем легитимно да чувствува дека завршил одлична и свесна работа како родител, а детето може сосем легитимно да чувствува дека било повредено на некој начин“. Вообичаено, возрасното дете се обидува да искомуницира нешто што е важно за него, дури и ако го шокира исклучениот родител.

Некогаш, тврди тој, отуѓувањето може да биде начин детето да се одвои од преблизок однос. „Често гледам потреба за одвојување од родител којшто е премногу вклучен и дава премногу љубов. Родителите се станати многу поанксиозни, поослободени од вина и многу повклучени“.

Други причини го вклучуваат она што тој го смета за неадеквантен психолог којшто наоѓа детска траума таму каде што нема, како и конфликти меѓу родителот и партнерот на возрасното дете. (Во истражување со 1 600 отуѓени родители што го направил Колман, 70 отсто рекле дека биле отуѓени дури откако детето се венчало). „Внимавајте кога упатувате критики кон партнерите на вашите деца“, предупредува тој.

Во неговата соба за консултации, пациентите често прават долги и огорчени списоци за сè што направиле за нивните деца, од роденденски забави до подмирување трошоци за факултет. Татковците особено имаат навика да се спротистават на неговата стратегија за пишување „писмо на извинување“ во кое треба да се извинат на детето, вели тој, додека, пак, мајките се поспремни да направат сè. Интересно е што истражувањата покажуваат дека помалку е веројатно отуѓените татковци да го обноват односот со децата. „Татковците често велат: ‘Не, тие можат мене да ми дадат писмо, зошто јас да напишам? Бев добар родител’“, вели Колман. Но тој ги предупредува кажувајќи им дека обично децата ја имаат предноста бидејќи токму тие одлучуваат дали ќе го напуштат односот. Додека отуѓеноста е сè повеќе гледана како „силна и асертивна одлука“, тој тврди дека тоа е исто така катаклизмичен настан во семејство што може да ги стави браќата и сестрите во конфликтен однос, да ги отуѓи бабите и дедовците од внуците и да одекне низ сите генерации.

Нема цврсти докази дали отуѓувањето станува почесто или само повеќе се зборува за тоа денес, ниту во Велика Британија, ниту во САД. Но инстинктот на Колман вели дека тоа зема поголем замав, особено бидејќи политиката станува сè пополаризирана. Еден пар се консултирал со него откако нивниот син им кажал: „Ако гласате за Трамп на следните избори, толку е меѓу нас“. Постои поголем акцент врз индивидуалната среќа наместо колективните врски и старомодните должности на детето. Семејните односи, верува тој, почнуваат да наликуваат на романтичните: Ако не се нуди емотивна исполнетост, преболувањето и заминувањето не се незамисливи. „Тоа е тектонска промена на начинот на кој ги организираме семејните односи и на многу родители сè уште не им заѕвонил алармот“.

Тоа што најмногу ги буни родителите, аргументира тој, е промената на дефиницијата за насилно однесување. Кога биле деца, постарите генерации доживувале физичко насилство и викање. „Затоа многу од родителите реагираат негативно на изјави како: ‘Ти емотивно ме злоставуваше, ми нанесе траума’. Тогаш тие си помислуваат: ‘Што зборуваш? Се молам да го имав твоето детство’“.

Исто така, зборот „нарцис“ е пречесто употребуван, вели Колман, на штетата на многу родители. (Првично беше клинички термин за патолошка самобитност, а сега е вткаен во секојдневни разговори за да се означи некој што е себичен, манипулативен, ладен или едноставно – тежок). „Се прошири опсегот на она што го означувавме како патолошко однесување“. Тоа што Колман се чини го опишува не е само серија на конфликти меѓу конкретни деца и родители, туку попроширена меѓугенерациска конфронтација меѓу различни очекувања за односи и често, различни јазици за опишување на тие односи.

„Тоа не се случи, а и да се случило, не било толку лошо. А и да било лошо, не било страшно. А и да било страшно, не е моја вина…“ е почетокот на песната „Молитвата на нарцисот“ од Дејна Крег, поетеса од Белфаст. Песна која одекнува кај многуте отуѓени возрасни деца што ја објавуваат на друштвените мрежи. Таа изгледа го доловува чувството на бидување манипулиран од насилен родител, но и од други лица кои ги сметаат возрасните деца за сурови само бидејќи ги прекинале односите со нивните родители.

Лорен, од Лондон, израснала со мајка која била отсутна неколку години и татко кој таа го нарекува насилен и суров. Не ја удирал, вели таа, но не ни морал – нештата кои ги кажувал биле полоши, нарекувајќи ја курва бидејќи си ги лакирала ноктите или кажувајќи ѝ дека треба да се самоубие. „Никогаш не го разбирав она ‘зборовите не можат да ме допрат’ – всушност, зборовите навистина те повредуваат“.

На 18 години го напуштила домот и се обидела да задржи минимален контакт. Таа се сретнувала со таткото само на јавни места, придружена од нејзиниот партнер или разговарале само по мејл. Но тоа не помогна, вели таа – татко ѝ збеснал од загубата на контрола и мејловите постепено станале насилни. Таа престанала да зборува со него, на неодобрувањето на останатиот дел од семејството. Во нигерските семејства, објаснува таа, сите членови на семејството се блиски и вклучени во сè, а се очекува родителите и децата да одржуваат уште поблиска врска. Таа мисли дека на нејзините роднини им било полесно кај неа да ја префрлат вината за распадот на односот отколку да се осврнат на однесувањето на нејзиниот татко. „Психолошки поудобно е да се рече: ‘Не, тоа не е така. Ќе знаевме’“, вели таа. „Ми кажуваа: ‘Ќе ти недостасува кога ќе го снема’, но прилично сум сигурна дека нема да биде така. Изгледа на луѓето им е потребно оправдување, но не верувам дека морам да го дадам пред тие да ми поверуваат“.

На ТикТок и на форуми на тема отуѓување, пријатели или членови од семејството кои се обидуваат да ги обноват распаднатите врски се огорчено етикетирани како „летечки мајмуни“ по крилестите суштества кои работат за вештерката во „Волшебникот од Оз“. Овие обично добронамерни интервенции се чест феномен, вели Сара Дејвис, лиценциран психолог и терапевт за траума, како и авторка на „Израсната од нарцис: Како да се справиш со твоите тешки, токсични и насилни родители“. Но можат да ги вознемират возрасните деца кои имале добра причина да го прекинат контактот со родителите.

„Ги советувам луѓето да бидат многу внимателни со кого споделуваат детали со цел да се заштитат од коментари како ‘Но таа ти е мајка’. Да, затоа одлуката е тешка…“ Пријателите не треба да избрзуваат со осуди кон отуѓувањето ако тоа им делува чудно, вели таа – луѓето можеби не сакаат да споделат со сите што се случило, особено ако имало насилство. „Никогаш не можеш да знаеш низ што вистински некој поминал“.

Да одлучиш што си подготовен да толерираш од насилен родител е многу индивидуална одлука што секое возрасно дете мора внимателно да ја донесе, аргументира Дејвис. Тоа вклучува искрено преиспитување на сопствените мотиви: „Тоа е многу свесен процес наспроти ‘Во ред, толку е’“. Иако, вели таа во книгата, „ако можеш да го прекинеш контактот со насилен родител, прекини го“. Дали таа се обидува да им даде на луѓето дозвола за правење нешто трансгресивно? „Мислам дека некогаш децата на нарциси чувствуваат дека им е потребна дозвола. Кога си пораснат со токсичен родител, се чувствуваш виновно, се чувствуваш лошо, се чуствуваш како сè да е твоја вина“.

Дејвис, која прекинала контакт со своите родители пред две години, вели дека Божиќ, родендени и семејни собири сè уште се тешки за многу од нејзините клиенти. Еднаш самата била неочекувано поплавена од тага додека спа-центар ги гледала мајките и ќерките како уживаат заедно. Други возрасни деца се борат да најдат правилен начин да се справат со отуѓен родител којшто е болен или на смртна постела: дали треба да се согласат на последна посета?

Лорен, меѓутоа, е отсечна: следниот пат кога ќе го види татко ѝ, ќе биде на неговиот погреб.

Миленијалците честопати се нарекувани „снегулки“ или „слабаци“, вели таа, за тоа што не се согласуваат да трпат однесувања кои ги трпеле претходните генерации. „Но ние сме генерацијата на којашто конечно ѝ е дојдено преку глава од ‘Секогаш така сме правеле’“. Нејзината упорност да го прекине циклусот е до тој степен силна што сега, во нејзините 30-ти, одлучила самата да нема деца.

За родители кои се миленијаци, идејата дека добро родителство значи да работиш на „кршење на циклусот“ наместо да ги правиш несвесно истите грешки, е прилично моќна. Тоа го објаснија и Принцот Хари и неговата трудна сопруга во нивното искрено интервју во 2021 година.

„Генерациската траума (каква траума ни е пренесена што не сакаме да ја повториме) е многу важен концепт за нашата генерација. Додека, пак, генерацијата на моите родители не го ни разбира“, вели Бланд. „Тоа создава тензија кога луѓето не разбираат зошто се исклучени“. Можеби тоа е специфично релеватно за родители кои самите претрпеле тешки детства.

Ненси била во финансиска криза кога забременила, а како самохрана мајка не добила никаква поддршка од мајка ѝ којашто таа ја нарекува „тежок карактер“. Дури и пред да се роди бебето, таа сфатила дека можеби зела преголем залак. „Но ги стиснав тупаниците и го направив најдоброто што можев. Никогаш не останавме на улица. Никогаш не бевме толку сиромашни што не можев да си го дозволам тоа што ни беше потребно“, ми објаснува по телефон. И долг период, како што кажува таа, тие биле невообичаено блиски. Самохрана мајка на ќерка-единка, Ненси доела сè додека бебето не наполнило две години и таа вели дека делеле кревет уште долги години потоа. „Никогаш не се каравме. Јас бев целиот нејзин свет, секогаш сè беше одлично меѓу нас“. Таа успеала да ја прати ќерка си на универзитет и да ѝ даде голема сума на пари по дипломирањето. „И премина од тоа до ‘Не сакам да имам однос со тебе. Не сакам да бидеш околу моите внуци’. Ми приреди шок без притоа да ми објасни зошто“.

Ќерката на Ненси е лезбејка и иако инсистира дека тоа не претствува проблем за неа, таа делува поладно кога зборува за нејзината снаа. „Немавме ниту добар, ниту лош однос. Ја прифатив, ѝ давав поклони“. Но почнаа расправиите, вели таа, кога ќерката затруднела и побарала простор за себе. Наводно, според Ненси, таа се тргнала на страна. Но откако бебето се родило, се јавила повторно ќерката. Ненси вели дека не може да се сети целосно на разговорот: „Таа се грижеше за новороденчето и не сакав да ја притиснам за ништо“. Но што и да било кажано, по разговорот дошло писмото за отуѓување и Ненси не се обидела да го обнови контактот – „уште едно одбивање ќе беше преболно“. Повеќе од деценија покасно, таа никогаш си ги нема запознаено внуците и за да избегне да се објаснува, обично вели дека нема деца.

Сега во нејзините 70-ти, Ненси го сменила тестаментот. Куќата ја препишала на локалната стамбена власт и именувала нови извршители: „Тие ќе се справат со она што ќе остане и ќе ми ја расфрлат пепелта. Не знам како ќе се чувствува ќерка ми за тоа и дали ќе се чувствува како да сум ѝ одзела нешто“. Ненси се грижела за сопствената мајка кога остарела, и покрај нивниот тежок однос, вели таа, бидејќи сметала дека така правилно се постапува во едно семејство. Но нејзината ќерка ѝ имала кажано дека односот не може да им се темели на должност.

Додека зборувавме, Ненси делуваше раскината меѓу чувство на тага и гнев. „Некогаш се прашувам зошто гневот е уште толку силен. Мојот психолог би рекол дека така се штитам од дополнителна болка и дека всушност сакам да надминам сè. Но дел од мене – тој дел што сака таа да седне со мене во кујната – би ѝ рекол: ‘Зошто по ѓаволите го направи ова? Што доби? Што е толку подобар твојот живот без мене во него?’ За родителите детето е центарот на светот, но за децата родителот не е“.

При крајот на разговорот, Ненси откри дека нејзината мајка имала проблеми со менталното здравје и дека некогаш се прашува дали тоа е причината зошто ќерка ѝ го прекинала односот, дали така се заштитувала од нешто: „Можеби сметала дека и јас ќе станам таква кога ќе остарам“.

Според истражување од универзитетот Охајо Стејт, поголемиот дел од отуѓени возрасни деца евентуално го продолжуваат контактот со своите семејства. Но и тие ситуации немаат секогаш бајковит крај бидејќи некои семејства се во постојан прекин и обнова на контактот.

Пипа, била во нејзините рани 40-ти кога снемала толеранција за таткото што го опишува како насилен, доминантен и контролирачки настроен. Конечно пукнала. „Тој започна со неговите вообичаени раскажувања како сите луѓе мислат дека е прекрасен, а јас седев таму слушајќи па го прашав: ‘Да ти кажам јас што правам?’ Му кажав една работа за мене, тој направи ‘хммм’ и продолжи со зборувањето за себе“. Во тој миг, таа решила дека веќе нема да се гледаат.

Но најболниот аспект од исклучувањето на нејзиниот татко е што тоа подразбирало и губење контакт со мајката која Пипа вели дека исто така била оштетена и присилно контролирана од таткото, а и од роднините и поширокото семејство кои Пипа ги нема видено речиси цела декада. „Доаѓаме од семејство во кое никој не зборува за чувства или за што било. Не ти е дозволено да имаш емоции“ .

Само што почнале повторно да зборуваат, во средба договорена од роднина, а на мајката ѝ било дијагностицирано смртна болест. Пипа се преселила дома за да ја чува и во последните неколку недели двете конечно зборувале за времето што го имале изгубено. „ѝ реков: ‘Извини што те напуштив и се каам што пропуштив некои работи’“. Но искуството на повторно делење покрив со татко ѝ било трауматично.

Тоа што ја изненадило Пипа за отуѓувањето, вели таа, е што не било како остриот раскин што си го имала замислено. „Секојдневно мислиш на нив. Не е како да ги снемало – секој ден ти се на умот и тоа е чудното. Тие не се во твојот физички простор, но сè уште престојуваат во умствениот простор“.

Ако некои отуѓувања делуваат тажно неизбежни, дали некои сепак можат да се избегнат? Во неговата книга Колман пишува дека често е прашуван дали отуѓувањето е оправдливо, но подобро прашање би било дали е правилно да ги отсечеш родителите кога знаеш дека тоа ќе им го уништи животот. Љубовта на американците кон инвидиуалните потреби и права, додава тој, „прикрива колку многу тага останува на крајот“.

Кога го прашувам дали тоа значи дека децата треба да преземат повеќе одговорност за среќата на родителот, тој зема пауза. „Не, не по секоја цена. Родителот мора да биде способен и расположен да преземе одговорност, да покаже разбирање, да не биде дефанзивен, да разбере зошто детето чувствува дека отуѓувањето е најздравото решение. Не можат само да се појават со скрстени раце и да речат ‘Јас сум ти татко, мораш да ме прифатиш’“. Но обидувањето да се разбере зошто родителот постапува на одреден начин, можеби поради нивното детство или поради нешто што им се случило во бракот, може да биде терапевтско, аргументира тој, дури и ако тоа не ги направи родителите полесни за соживот.

Возрасни деца кои се справуваат со хипер-критични или омаловажувачки родители, предлага тој, можат да се обидат да дадат шанса за промена. На пример, тие можат да кажат дека однесувањето на родителот ги отежнува семејните собири и да го замолат да престане да го критикува нивниот партнер, родителство или што и да е метата. Ако ништо не се промени, тогаш можат да додадат дека неговото однесување е причина зошто помалку ги гледаат или ги бараат по телефон: „Сакам да гледам на тоа како на истрел под појасот“. Родителот којшто ја прима пораката мора да стане доволно скромен за да ја чуе. „Природната реакција е силно да се бори против тоа. Но борбата може уште повеќе да ги сврти децата против тебе бидејќи почнуваш да обвинуваш, да се браниш, да критикуваш или да префрлаш вина…ниту едно од овие работи нема да проработи во твоја полза“.

Тоа не значи да прифатиш обвинување ако е грешно, објаснува тој. „Но ако детето вели: ‘Емотивно ме злостави или ме запостави’, сметам дека е во ред родителот да рече: ‘Јасно е дека имам точки на слепило како родител. Не бев свесен/на дека си се чувствувал/а емотивна насилност, но мило ми што го сподели тоа и сакам да научам повеќе’“ (Оставање отворена комуникација е особено важно во ретките случаи кога возрасното дете прекинува контакт под притисок од нивниот насилен или контролирачки партнер којшто, пак, сака да го изолира. Ако се сомневате дека тоа се случува, консултирајте се со психолог).

Бланд се согласува дека вреди да се земе превид дали односот може да се подобри со помош на медијатор или терапевт, дури и тоа да служи само како утеха дека навистина сте се обиделе да го поправите односот на сите начини. А ако не може да се подобри? „Мора да ги земете предвид границите во вашиот живот односно колку можете да направите. За некои луѓе тоа е намалување на контакт. На пример, може да се гледате еднаш годишно“.

По деценија и пол одвоеност, нејзе ѝ е тешко да си замисли смирување со родителите „освен ако не се променат некои големи нешта “ и си го има прифатено тоа. „Не мислам дека таа битка е поголема отколку имање однос со родител што те понижува на дневна база“, кажува бавно, посочувајќи како присилната независност на некои начини те прави посилен. Кога станала сопственик на дом, барем знаела дека тоа сама го постигнала. „Имам многу самодоверба, многу бестрашност. Ништо не ме спречува, а тоа резултира од размислувањето: ‘Немам што да изгубам’“.

Но за други, нештата не се толку јасни. За Пипа, евентуалната смрт на татко ѝ што дошла неколку години по губењето на мајка си, ѝ донела конфликтни чувства. „Целото детство и целиот мој живот имаше дел од мене што се надеваше дека ќе добијам каков било доказ дека татко ми се грижи за мене. Кога умре, да, имаше многу олеснување, но имаше и тага бидејќи никогаш нема да добијам прилика да ми ја покаже грижата. Секако, свесниот возрасен човек во мене знае дека тоа никогаш не би се случило“. Кога ја прашувам што сака повеќето луѓе да разберат за отуѓувањето, нејзиниот одговор е дека тоа не е всушност крај, туку траен процес на живеење без двата родители, како и без родителот којшто секогаш си го посакувал/а, но сега сфаќаш дека никогаш не можеш да го имаш.

Некои имиња беа променети.

 

Габи Хинслиф

Извор: Гардијан

Превод: Филипа Сара Попова

 

Back to top button
Close