Не се прифати расправата за спроведување на Деловникот за законот за бранители
По два часа и неколку паузи, собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања го усвои дневниот ред на петата седница. Пратениците започнаа со разгледување на прашања поврзани со спроведувањето на Деловникот на Собранието при работата на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, во контекст на надзорната расправа закажана за 25 февруари 2025 година, како и давање мислење за разрешување на спорните прашања.
Претходно, пратеникот Јован Митрески од СДСМ предложи на дневен ред да се стави разгледување на прашања поврзани со спроведувањето на Деловникот на Собранието од страна на претседателот на Собранието, особено во однос на примената на член 126 став 3, и давање мислење за разрешување на спорните прашања во врска со т.н. закон за бранители и неговото не ставање на дневен ред на Комисијата за труд. Предлогот на Митрески не беше прифатен.
По барање на Борислав Крмов од Левица, следуваше 30-минутна пауза. Тој истакна дека побарал присуство на собранискиот претседател Африм Гаши, бидејќи тој е задолжен за спроведувањето на Деловникот, и дека е важно да ја слушне материјалната расправа.
„Тој не е тука и барам пауза за да се обидеме да го обезбедиме неговото присуство, со цел да ја слушне материјалната расправа што ќе продолжи по паузата“, изјави Крмов.