Не се смирува епидемиолошката состојба во Албанија, нови 879 случаи со Ковид-19

Висока бројка од 879 новозаразени со Ковид-19 е регистрирана во изминатото деноноќие во Албанија, појава присутна во последните две недели, кога и бројот на тестовите е во просек околу три илјади дневно.

– Не се смирува епидемиолошката состојба со опасниот врус во земјава. Во изминатите 24 часа од направените 3.605 тестови позитивен резултат е добиен кај 24 отсто од тестираните. Апелираме строго да се почитуваат мерките и протоколите, носете заштитна маска секаде надвор од вашите домови, избегнувајте групирања, одржувајте дистанца и лична хигиена, со цел да спречиме ширење на заразата, апелира Министерството за здравство и социјална заштита.

Според истиот извор, бројот на починати е речиси на исто ниво, односно осум лица сите во болнички услови, додека во списокот на оздравени се внесени 589 лица. Благо зголемување е забележано кај хоспитализираните лица – 284 во четирите ковид болници, 21 на интензивна терапија, од нив пет се интубирани.

Во земјата досега тестирани се 340.321 сомнителни случаи, коронавирусот е дијагностициран кај 73.691 (22 отсто од тестираните), оздравеле 44.880, активни на болеста се 27.479, а починале 1.332 лица.

Токму поради ваквата епидемиолошка состојба Националниот комитет на експерти за справување со пандемијата, на средба со министерката за образование Евис Куши не го прифати барањето на студентите, кои со петиција побараа настава со физичко присуство.

Исто така и понатаму останува во сила одлуката за полициски час од 22:00 до 6:00 часот, воведена на 11 ноември 2020 година.

Back to top button
Close