Не сме пуштиле ниту учебник ниту документ на амин во Софија – му одговори Муцунски на пратеникот Исмаил

Пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил, денеска во Собранието го праша министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски по која основа се пратени на цензура учебниците за петто и шесто одделение во Бугарија, на што тој рече дека тоа е дезинформација и лажна вест.

Владата секогаш ќе стои во заштита на македонскиот јазик, идентитет и историја, рече денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски одговарајќи на пратеничко прашање од пратеникот на Левица, Реџеп Исмаил, за заклучоците од работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу С Македонија и Бугарија.

За министерот е изненадувачки тоа што во рок од неколку дена, како што рече, се случува координаран напад кон него од страна на бугарскиот копретседавач со Комисијата Ангел Димитров и пратеникот Реџеп Исмаил од Левица.

„Можеби е случајност, координираниот напад кон Министерството за надворешни работи од Ангел Димитров и Реџеп Исмаил. Некои велат дека во политиката не треба да верувате во случајност, но ќе одберам добра верба дека ова е случајно координиран напад“, рече тој.

Според него, Комисијата треба да биде водена од поединци што инпутот што ќе го внесат е базиран на нивни научни познавања, знаења и факти и оти секој политички одговор што тој би го дал би се сметало како влијание врз ова тело.

„Верувам дека Комисијата во овој состав ќе продолжи да работи независно базирано на факти. Кога цените како се поставила нашата надворешна политика, ќе видите дека секогаш велиме дека не се за отстапки по секоја цена и дека клучното прашање кога го земаме предвид одлучувањето во однос на сите политички прашања поврзани со Бугарија, се заштита на македонскиот идентитет, културна посебност и историја. Точно е и дека од другата страна на границата има поединци што сакаат да ја негираат нашата историја, идентитет и јазик. Но, затоа ние повеќе од година и пол сме цврсто поставени по однос на овие позиции“, кажа министерот.

Back to top button
Close