Не сум албанофоб, туку криминалофоб што ги презира политичките криминалци – му одговори премиерот на Османи
Во рамки на кампањата за локалните избори од Неготино, премиерот Христијан Мицкоски се осврна на вчерашната изјава на Бујар Османи, кандидатот за градоначалник на Општина Чаир од „Националната алијанса за интеграција“ (НАИ), кој го нарече албанофоб и човек што ги мрази Албанците и сака да ги отстрани од институциите.
Мицкоски посочи дека не е албанофоб, како што го кажуваат, туку дека е криминалофоб, кој ги презира политичките криминалци што во политиката влегле како голтари, а излегле како милионери, богатејќи се на грбот на граѓаните.
„На секој митинг ги слушам од раководството на Демократската унија за интеграција (ДУИ), како ме нарекуваат ваков, таков, па споменуваат орли, зајаци, за да последно ме наречат албанофоб. Еве, јас тука од Неготино, би сакал и на нив да им одговорам. Јас не сум албанофов ниту, пак, човек што е ксенофоб, кој има проблем со етничката припадност на кој било мој сограѓанин во нашата заедничка татковина Македонија. Но, да. Јас сум криминалофоб и презирам политичките криминалци што во политиката влегоа голтари, а излегоа од политиката милионери“,
кажа премиерот од Неготино.
Според него, со овие изјави сакаат да играат на етничка карта и сметаат дека народот ќе заборави што правеа изминатите 20 години кога беа на власт и кога градеа дворци, купуваа трговски центри, скапи деловни простории во центарот на Скопје, автомобили „мајбах“, сето тоа на грбот на народот.
„Е, јас сум тоа, криминалофоб и ќе одговарате сите од прв до последен за криминалот што го направивте“,
рече Мицкоски.
Дека Мицкоски е албанифов рече Османи по претходните критики на премиерот насочени кон ДУИ и нејзиниот лидер, Али Ахмети, на кого, пак, му порача дека по локалните избори ќе оди во политичка пензија.
„Не сум изненаден од вчерашната изјава на Мицкоски по однос на неговата мисија да ја исчезне од политичката сцена ДУИ. Мицкоски по природа е албанофоб, тој ги мрази Албанците. Во неговиот тим нема ниту еден Албанец. Кога патува надвор од државата, не зема Албанци. Го укинува ’балансерот’ зашто сака да ги тргне од институциите. Го укинува албанскиот јазик, зашто му пречи, не сака да го види во документите. Тоа е посилно од него“,
рече Османи.
Според него, вознемирува тоа што таа негова омраза кон Албанците се проектира и меѓу граѓаните, но додаде дека нема да дозволи така да биде во општината каде што се кандидира за градоначалник.