„Не сум виновен“, рече бодигардот на премиерот Мицкоски, Ангел Самараков, обвинет за оддавање службена тајна на Благоја Коруноски

Ангел Самараков, полициски службеник од Шестата управа која обезбедува ВИП-личности и неодамнешен обезбедувач на премиерот Христијан Мицкоски, денеска седна на обвинителна клупа во скопскиот Кривичен суд. Обвинет е за оддавање службена тајна на лице, кое во постапката се води како сведок – Благоја Коруноски. Самараков запрашан дали се чувствува виновен за кривичното дело кое му се става на товар, одговори негативно, пренесе Слободен печат.

Во воведниот збор обвинителката Ивана Трајчева рече дека во текот на главната расправа обвинителството ќе докаже дека Ангел Самараков на 30 март 2025 година околу 23 часот, на паркинг пред хотелот „Гарденија“ во Велес како службено лице вработено во МВР, а од користољубие, на сведокот Благоја Коруноски му дал достапни службени документи на МВР кои се службена тајна, за сведокот тие документи да ги објави на социјалните мрежи.

-За тоа обвинетиот Самараков требало да прибави од лицето Лелита Трајковска Миленкова износ од 50 илјади евра. Со тоа му се става на товар дека сторил кривично дело оддавање службена тајна по член 360 став 2 во врска со став 1 – рече обвинителката Трајчева.

Бранителот на Самараков, Ивица Ефремов, пред судот рече дека ќе го убеди судот оти неговиот клиент не ги сторил дејствијата опишани во обвинителниот акт.

-Нашата одбрана ќе биде насочена кон тоа што Обвинителството користи докази што незаконски ги прибавиле и не може да се предмет на докажување во кривична постапка, ќе ве увериме дека доказите што ги приложува Обвинителството немаат својство на службена тајна и воопшто не постои елементот на користољубие – рече адвокатот Ефремов.

Сведокот Коруноски не е во земјава, па неговото сведочење ќе се одложи за август, а во суднциа се очекува да бидат пуштени две видео снимки предложени од обвинителството, едната од критичната вечер, а другата од друг период.

Обвинителството пред судот приложи докази – вештачени мобилни телефони, лаптоп, хард дискови.

Во судницата е присутна сопругата на Ангел Самараков, Сања Самаракова, поранешна кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ за советник на општина Велес. Полицискиот службеник Самараков во МВР работи од 2015 година, не е осудуван и има завршено Правен факултет со положен правосуден испит.

Back to top button
Close