Не (толку) романтичната историја на Денот на вљубените
Св. Валентин е ден на вљубените. На 14 февруари, повеќе од кој било друг ден во годината, романтичните парови го опсипуваат својот партнер/ка со подароци и знаци на благодарност.
Рачно напишани честитки, чоколадните срца и црвените рози се основните елементи на празникот. Сепак, многу за тоа како настанал празникот останува мистерија, ситни детали се изгубени во времето или трансформирани додека романтичарите ја прераскажуваат историјата.
Не само што има различни верзии за историските корени на овој празник, туку има најмалку двајца различни светци кои би можеле да бидат Св. Валентин.
Еве што всушност знаеме за Денот на вљубените.
Зошто го славиме Денот на вљубените?
Дали Денот на вљубените бил инспириран од забава, егзекуција или поема? Историчарите не се сигурни. Најраната приказна за потеклото на Денот на вљубените е врзана со паганскиот празник Луперкалија. Со векови се обележувал во средината на февруари, како празник кој ја слави плодноста. Мажите се соблекувале голи и жртвувале коза и куче. Младите момчиња потоа правеле ленти од кожа од жртвуваните животни и ги користеле за камшикување на млади жени, за да ја промовираат плодноста.
Луперкалија останала популарна и била еден од ретките пагански празници кој се славел дури 150 години откако христијанството било легализирано во Римската империја. Папата Геласиј кон крајот на петтиот век ставил формално крај на Луперкалија. Набргу потоа, католичката црква го прогласила 14 февруари за празник кој го слави маченикот Свети Валентин.
Според Ноел Ленски, историчар на Универзитетот во Колорадо во Болдер, Луперкалија е „очигледно останала многу популарен настан, дури и во средина каде што христијаните се обидувале да го прекинат“. Во интервју за НПР Ленски вели дека празникот за Св. Валентин требало да го замени Луперкалија. „Значи, има причина да се мисли дека христијаните можеби планирале, во ред, ние само ќе го преземеме и ќе го претвориме во овој христијански празник“.
Како стана романтичен празник?
Освен името, овие празници малку наликуваат на нашите модерни, романтични поимања за Денот на вљубените. Според некои извори, вистинското потекло на Денот на вљубените се лоцира дури илјада години подоцна. Џек Б. Орух, професор на Универзитетот во Канзас, тврди дека поетот Џефри Чосер бил првиот човек што го поврзал Денот на вљубените со романтиката во неговата поема The Parlement of Foules.
Орух сугерира дека Чосер можеби случајно го поврзал Денот на вљубените со романса – Денот на вљубените е приближно време кога птиците на територија на Европа почнуваат да се парат. Подоцнежните поети, вклучително и Шекспир, го следеле Чосер и помогнале во создавањето на романтичните конотации што се доминантни и денес.
Кој бил Свети Валентин?
Според некои проценки има над 10.800 светци, од кои повеќе од 30 се викаат Валентин, а се појавуваат и неколку светици Валентина. Двајца по име Валенти се издвојуваат како потенцијални кандидати за конкретниот Св. Валентин, но ниту еден не се занимавал со вљубеност. Двајцата споделуваат многу сличности, што ги натерало некои истражувачи да се запрашаат можеби сепак станува збор за истиот маж. И двајцата биле маченици, убиени од римскиот император Клаудиј во третиот век. Се верува дека и двајцата починале на 14 февруари, но не истата година.
Првиот Валентин бил свештеник кој бил уапсен за време на римските прогонства на христијаните. Кога бил изведен пред императорот, одбил да се откаже од својата вера и како казна бил ставен во домашен притвор во туѓа куќа. Сопственикот на куќата го предизвикал свештеникот да ја покаже вистинската моќ на својот Бог. Валентин го вратил видот на една млада слепа девојка, по што сите членови на семејството каде престојувал го примиле христијанството. Откако веста за чудото и преобраќањето стигнала до императорот, Валентин бил погубен.
Вториот свештеник, епископот Валентин од Терни, исто така бил чудотворец. Бил познат по својата способност да лекува физички инвалидитети, па некој научник го испратил да го излечи неговиот син единец, кој не можел да зборува ниту да го исправи телото. По една ноќ во молитва, епископот го исцелил момчето а семејството, заедно со гостите научници, го прифатило христијанството. Набргу откако епископот бил уапсен поради неговите чуда и, откако одбил да се преобрати во паганизам, му била отсечена главата.
Како се прославувал Денот на вљубените низ историјата
Првата честитка за Денот на вљубените датира од 1415 година кога војводата од Орлеанс и испратил писмо на својата сопруга додека бил затвореник во Лондонскиот Тауер.
God forgives him who has estranged / Me from you for the whole year. / I am already sick of love, / My very gentle Valentine.’
Бог да му прости на оној кој цела година ме раздели од тебе. Болен сум од љубов
Во САД, честитките за Денот на вљубените се здобија со популарност во текот на Револуционерната војна, кога луѓето почнале рачно да писма до своите сакани. Дури во текот на раните 1900-ти комерцијалните романтични картички биле масовно произведувани за празникот.
Иако добива глобална популарност, Денот на вљубените сè уште не се слави во земји како Индонезија, Саудиска Арабија и Малезија. Во повеќето од тие земји празникот е во спротивност со нивната религија. Сепак, некои земји се спротивставуваат на Денот на вљубените од политички причини. Во Индија, некои конзервативни политички партии се противат на Денот на вљубените бидејќи веруваат дека празникот ги промовира западните вредности.
Без разлика дали го славите Денот на вљубените или не (по избор или од други причини), способноста да сакаме ги поврзува луѓето со векови – во случајов од од античкиот Рим до денес. Секако, можеби денес нема јавно да се камшикуваме со жртвени кожи, но веројатно сите уживаме со некој гест да ги разнежниме (и да нè разнежнат) оние што ги сакаме.
Извор: National geographic
Превод: Лени Фрчкоска