Не заслужуваме држава
Трамп се чувствува ептен измамен од Путин. Даде голема рака во Алјаска, а добил нога во Пекинг!
Мерсел Биљали
Нема дилема дека лидерот на Кина Си Џинпинг беше главна ѕвезда пред околу 20 светски лидери во Тјенџин, вклучувајќи го и Путин и индискиот премиер Нарендра Моди, собрани на дводневен самит на Шангајската Организација за Соработка (SCО), најголемиот собир откако групата беше основана во 2001 година, кога ја сочинуваа само шест евроазиски земји.
Со полн сјај, на средбата а подоцна и на воената парада, присуствувал и до пред некој ден ептен изолираниот Путин, кого сепак го бара меѓународниот трибунал. Тоа е доказ дека и пиромани може да станат пожарникари. Штом ги наполни батериите со Трамп, тој за прв пат по инвазијата на Украина, го посетува „клучниот“ сојузник, кинескиот лидер – Си Џинпинг, но сега не како вазал притиснат од западните санкции и судска потерница, туку како светски лидер кој само пред некој ден рамноправно разговарал со претседателот на САД – водечката економска и воена сила во светот.
Ама и главен ривал на Кина. Тоа е доказ дека атеистите најдобро знаат како да станат Бог. Посетата на Кина за Путин е голем триумф по неговото враќање од Алјаска, каде што Трамп свечено го пречека, но не успеал да го убеди да се откаже од бомбардирања во Украина (за да се воспостаи некакво примирје). Таму луѓето продолжуваат состојбата да ја доживуваат како смртна казна.
На кинеската воена парада, главните ликови на десната и на левата страна на Си Џимпинг беа Путин и Ким Џонг-ун. Тројцата лидери се појавија заедно, љубезно разговарајќи, пред масовната воена парада во Пекинг по повод осумдесет годишнината од капитулацијата на Јапонија во Втората светска војна. А кинезите тогаш не воделе никаква војна против силната Јапонија, туку тоа го правеле САД, оти тогаш Кина била во катастрофална состојба. Парадата се прикажаа како престижен настан и визуелизација за новата воена моќ на Кина, во присуство на 26 земји, илјадници војници и повеќе од 50.000 гледачи. Трамп нервозно во објава на „Truth Social“ ги обвини присутните за „заговор“ против САД.
Невообичаено долгата посета на Путин на Кина со екстра привилегии, треба да му покаже на Трамп дека „бесконечното пријателство“ меѓу Русија и Кина се зајакнува, и дека обидите на Америка да внесе раздор меѓу нив се осудени на неуспех, сметаат бројни експерти. Парадата следеше по дводневен регионалниот самит на Шангајската Организација за Соработка, што бил оддржа во блискиот град Тјанџин, кој беше проследен со низа билатерални економски договори, дури и меѓу скараните Индија и Кина. А Русија и Кина, постигнаа рамковен договор за нов гасовод за природен гас што ќе ги минираат напорите на Западот за изолирање на Русија. Но, кинеската војна парада истовремено беше и силна визуелизација на нејзината воена сила, особено на модерните балистички и интерконтинентални ракети, на хиперсоничните крстосувачки ракета и на беспилотните летала, настојувајќи да ги потистат САД, и да се наметнат како клулен фактор на идниот светски поредок.
КИНА НЕ ПОСАКУВА СИЛНА РУСИЈА!
Желбата на Пекинг е Русија да биде доволно силна за да се спротивстави на Западот, но доволно слаба за да остане под сенката на Кина. Имено, Кина сака да го држи Путин на „кратко јаже“ за да спречува тој да се сврти кон Западот, но никако да стане многу силна. Тоа е и констатација на „Институтот Брукингс“ од Вашингтон. „Таква врска му помага на Пекинг да мобилизира поддршка од Глобалниот Југ, и да промовира алтернатива на западниот модел на светски поредок.“ Дури и откако Трамп му ја предаде Украина на Путин и ги укина некои санкции, стана јасно дека Русија нема да ѝ го сврти грбот на Кина. Сосема други беа времињата кога некогашниот државен секретар на САД, Кисинџер, под водство на американскиот претседател Ричард Никсон, успеал да ја извлече Кина од советската (руската) сфера на влијание во 1970-тите, со цел да ја ослабне Русија во тој биполарен свет. Но, сега се има потреба од обратен процес.
Кина стана главен купувач на руски енергетски ресурси и главен снабдувач на автомобили и други стоки за Русија по заминувањето на западните компании. Но, врската меѓу Кина и Русија веднаш може да пропадне ако Трамп или некој иден американски претседател ги затоплува односите со Кина. САД е одличен пазар за богати кинези, а Кина е силен пазар за сиромашни американци. А тоа важи и за целиот Запад.
Интересно што воената паради ја напуштија и индискиот премиер Моди и трускиот претседател Ердоган. Првиот во знак на сеуште нерасчистени граници на Хималаји (граничните престрелки во долината Галван во 2020 година), а вториот поради не баш добри односи на Кина кон некои бивши републики на Советскиот сојуз кои гравитираат кон Турција, а веријатно и поради Крим. Индија, третата членка на „триумвиратот на РИК“ (Русија, Индија, Кина), имаше турбулентни односи и со Пекинг и со Вашингтон и потенцијално би можела да ги попречи сите надежи за оживување на блокот. Таа полека свртува кон Западот.
ЕУ ЈА ВРАЌА ЕКОНОМСКАТА СИЛА?!
Најновите показатели покажуваат дека Кина наспроти големиот „светски театар“ таа економски почна да стагнира и пак падна на трето место (по САД и ЕУ). Европска унија повторно го зазема второто место во светот по економска моќ, што долги години ја држеше пред кризата, но последнива години ја загуби. Токму тука се гледа големата потреба на Си Џимпинг за грандиозна реклама и за лична промоција. Оти поради економската стагнација во Кина, сега пак расте популарноста на некогашниот прв човек на Кина – Ху Џинтао. Џимпинг многу се плаши од него. Се сеќаваме како Ху Џинтао на последниот партиски конгрес беше изнесен насила од конгресната сала.
МАКЕДОНИЈА ВО АГОНИЈА!
Македонија под водством на постојната власт, е сериозна закана за себе. И за луѓето и државата како целина. Центрите на моќ, особено при вакви сериозни и силни турбулентни времиња нема да се посветат на Македонија. Дури нема ни да ја заштитат ако и се случува нешто лошо. Алергични се на нас што 35 години како дете плачеме по ситни играчки. Не се памти во историјата некоја држава да добие гаранција за некаков етнички идентитет. Тоа е емоционално внатрешно чувство, а не стока во промет. Цели 35 години правиме проблеми на нормалниот свет. Башка што сме единствената држава во светот што имаме проблем скоро со сите соседи. Од злото што самите го создаваме не не спасува ниту голема среќа. А со вакви „државници“ потребна ни е ептен голема среќа. Големи „патриоти“ обично донесуваат само големи порази!
Ние не знаеме што е економски развој, туку целата држава робува на 5-6 олигарси, кои кавгите и идентитетитските спорови ги измислуваат за да не се ослободиме од нив. Луѓе кои и по 35 години ова не го разбрале – не заслужуваат држава. А и државата веќе не нѐ заслужува нас. Верувајќи во недостижното стасавме до неверојатното. Не успеавме да создадеме систем, туку тест за издржливост! Ние можеме срцето да го исполниме со убава поезија, но не и празниот стомак.