Не знаеме каква вредност имаме?

Фактот дека ние не учиме од грешките што секојдневно ги правиме е веќе ноторен факт, ама од таквите констатации – ако нештата не ги менувате – нема којзнае каква полза. Културата ни е слика и прилика за тој факт, ама ние сме, нели, упорни, тврдоглави во нашето незнаење и неспособност, па само доградуваме, дополнуваме… наместо да менуваме. Да бевме поинакви веројатно не ќе моравме повторно да минуваме низ ваков циркус со Курбиново, Нерези, Охрид и низ редица други циркуски точки во културата само заради нечии суети, самодоволност, неукост…? Мора ли секогаш одново да се бијат битки за нешта толку јасни и очигледни за целиот свет, освен за нас, да се трпат нови и нови порази? И тие битки да ги бијат само поединци? Зашто, кога и такви темелни вредности како непроценливото културно наследство поминуваат без соодветна поширока (општествена, стручна, еснафска) и особено медиумска поддршка и препознавање на исклучителната важност не само за културата, тогаш повторно ги правиме истите грешки. А во конкретниов случај таа целосно изостана, освен во третманот во два-три медиуми – два портали и една телевизија – коишто покажуваа(т) чувство за јавниот интерес во таквите теми, за нивното пошироко општествено значење, за пласирање на информација (особено стручна, експертска) и од „другата страна“…?

Инаку, државниот орган надлежен за работите во културата „комуницира“ со јавноста и експертите исклучиво преку „свои“ медиуми. И таму се редат сите – еден денес, друг утре… праќаат „пораки“, некакви свои „вистини“, раскажуваат приказни… Грото од другите медиуми се речиси (повторно) претворени во нечии вувузели: трубат како ќе им наредат. Она што зачудува е фактот што одделни строго опозициски медиуми попрво покажуваат интерес и за „други вистини“, значи не само за оние од „надлежните“, што и не е така лошо. Но, на крај памет не ми паѓа да полемизирам или да ревидирам нечии медиумски политики. Тие се такви какви што се, но запрепастувачки е како повеќето ни во еден случај не се обидуваат да дадат малку појасна слика за случувањата во културата, во уметноста, во културното наследство – особено она од светско значење? Зарем само она што плута по површината треба да биде видливо за јавноста? Па тоа и така е видливо, „боде очи“, па и „мириса“, ако баш сакате, но некој мора да чепне и под површината, нели? Најчесто таму се крие вистината, ако сакате да ја барате!

Иако, всушност, ваквиот медиумски молк за извонредно значајни теми си има свој корен во самата македонска култура којашто, де факто, мазохостички настојчиво се поништува себеси. И медиумите тоа го гледаат и можеби и’ прават услуга што не ја резилат уште повеќе, и подолу. Зашто, кога слушате дека „Ние уствари и не знаеме што поседуваме…“, а тоа во еден момент го вели актуелниот директор на Управата за заштита на културното наследство, институција најдоговорна – и уште еднаш: НАЈОДГОВОРНА – за катастрофалната состојба со наследството во Македонија, тогаш што?! И што тука треба да направат медиумите? Да го дораспретуваат тоа ѓубриште и да го бараат дното? Дното на културата кај нас е недофатливо и него може да го распрета единствено самата култура. Медиумите можат само да помогнат, ако сакаат. Но, очигледно, нема доволно конструктивна желба на обете страни.

И спомнатата изјава е веројатно најжалната констатација којашто најчесто ја слушаме од најголем дел од (наводно) одговорните луѓе за културата во државава, а истата е едновремено – најточната. Зашто, кај нас со културата, а особено со културното наследство, се бават луѓе кои многу малку или ништо не разбираат од областа, кои се тотално неупатени и не умеат – нестручни се! – да проценат што е што, што е вредност а што кич, па следствено ни се случува ова што ни се случува. А ни се случува многу! Од 2006 година наваму преплавени сме со кич, со незнаење, со неумеење, со дилетантизам…! И таа поплава е со библиски размери, тој потоп на катастрофални нешта што му се случуваат на културното наследство многумина се обидуваат да го камуфлираат со партиски соопштенија, приспивни песнички и медиумска поддршка од неколку вувузели, умеат да раскажуваат приказни за мали деца и можат да релативизираат се’, па дури и катастрофалниот Извештај на УНЕСКО за состојбите во Охрид, можат да превидат цело едно ремек дело од форматот на Св. Пантелејмон, дозволено е – буквално се’! Дури, дозволено е Управата како најмеродавен државен орган во заштитата на културното наследство да „нема доволно информации зошто тоа се случувало“, да нема увид во сите оние дивоградби (не само) во Охрид, да не ја разбира катастрофата со овој град и понижувањата на целата држава туку тоа да го крстат „предизвик Охрид да биде ставен на Листата на загрозено културно наследство“… итн.!?! Па за што беше онаа фингирана битка во Баку, па и оној глупав (после повлечен) Закон за Охрид, ако не да се избегне овој град уште тогаш да биде ставен на таа „(не)славна“ Листа? Ама денес тоа ќе го крстиме – „предизвик“? Речиси е неверојатно како сме ги измешале знаењето и незнаењето, одговорноста и неодговорноста, умеењето и неумеењето, стручноста со шарлатанството… па имаме од се’ по малку, за секоја ситуација. Оваа држава, оваа власт, не смее понатаму да си дозволува вакви импровизации! Тоа де факто ни го кажува и холандскиот амбасадор во земјава кога прашува „Зошто луѓето очекуваат дека ќе бидат земени за рака и дека ќе треба само да следат инструкции наместо да преземат одговорност и самите да ја завршат тешката работа?“. Дали со тоа што ние ќе го препуштиме Охрид на (безмалу) целосна грижа на УНЕСКО ќе ни донесе некакви поени како држава? Или ако донесеме „експерти“ од Европа да ни го спасуваат Курбиново, ќе не’ ценат повеќе? Дали со тоа што некритички ќе лицитираме секој ден со по еден вреден објект од корпусот на културното наследство за Листата на светско културно наследство ќе пораснеме во очите на Европа и светот? Не, само повторно, и погласно – ќе ни се смеат!

Ако спомнатиот амбасадор понатаму прашува: „Како можеме ние да ве мотивираме вас, политичкото водство и населението, ако вие не можете самите да се мотивирате?“, не треба ли ни тоа да не’ замисли, барем во културата? Но, факт е: состојбите во македонската култура се демотивирачки и тоа го кажува безмалу секој кој е дел од неа. Го чувствува буквално на својата кожа. Но факт е и тоа дека токму поединците на најодговорни места делуваат демотивирачки – пред се’ со нивното незнаење! Тие, едноставно, не можат и нема да можат да ја мотивираат културата. Не можат бидејќи не знаат што треба да прават, бидејќи не знаат какви вредности имаат, бидејќи се’ уште како вредност го чуваат „Скопје 2014“, бидејќи и понатаму за културата одлучуваат шарлатани и некултурни луѓе, бидејќи целата култура е заложник на неколку па(р)толошки групи кои одлучуваат во името на сите, бидејќи…

Златко Теодосиевски

Back to top button
Close