Неделков за РСЕ: Вработените во образованието не се задоволни од порастот на платите

Сите знаеме колкави беа цените на основните прехранбени производи пред две години, а колкави се денес. Колегите од еден друг синдикат секој месец соопштуваат колкава е потрошувачката кошничка во Македонија и за колку е зголемена во однос на претходниот месец и претходната година. Од таа причина морам да кажам дека вработените во дејноста образование, наука и култура, особено сега зборуваме за вработените во образованието, не се задоволни од порастот на платите и дефинитивно просветните работници заслужуваат многу повеќе, вели претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура Јаким Неделков во интервју на РСЕ.

– Во тој период баравме 25 проценти, кумулативно добивме 22 проценти. Тоа беше задоволително и практично ние, по формулата, колку се зголеми минималната плата на национално ниво, за толку проценти за тие три години наназад се зголеми платата. Меѓутоа од тогаш до денес платата не е зголемена, се разбира, не е за оправдување, но мораме да ја споменеме и економската ситуација и пандемијата, но проблемот е многу подлабок и не е така едноставен. Тој треба да се реши и ќе мора конечно од наредната фискална година да почне да се решава проблемот. Имено, се работи за усогласување на платите кои се исплаќаат според колективните договори со минималната плата на национално ниво. Согласно законот за минимална плата на национално ниво, секое поместување на минималната плата, која во овој момент е 15.200 денари, мора да предизвика корекции на сите плати во државата во однос на поместувањето на минималната плата. Ние сега имаме поместување на минималната плата нагоре, а останатите плати стојат на исто ниво, вели Неделков.

Back to top button
Close