Недоличности, недоследности и спинови во војната на Арсовска со власта

Во комуникациските ставови на политичките субјекти по отворената војна на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, против нелегалната градба и други незаконитости, може да се сретне сѐ и сешто. Невкусни квалификации, полувистини, недоследности, спинување. Најмалку има инсистирање да постапуваат органите и институциите, засега тоа најмногу го има од Арсовска, иако и таа си ги надминува надлежностите, па истовремено е и истражител и обвинител и судија

Повеќе денови трае отворената војна на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска против „криминалците“ од повеќе сегменти од локалната и централната власт, при што, прво што се забележува се несоодветни реакции од сите страни, иако на прв поглед сите се појдовно принципиелни.

Во сите реакции на политичките партии, вклучувајќи ги тука и дел од реакциите на Арсовска, може да се најдат недоличности, т.е. ниско ниво на комуникација, недоследности и спинувања.

ВМРО-ДПМНЕ: Со жената нешто не е во ред!?

Арсовска, која беше избрана со огромна поддршка на ВМРО-ДПМНЕ во 2021 година и која откако се разиде со партијата и со лидерот Христијан Мицкоски по скандалот со „рачињата во медот“ за скопски „Водовод“ во септември 2022 година, со тековната војна на откривање криминали и „криминалци“, сериозно ја стави на тест владејачката партија. Тоа може да се види и по реакцијата на премиерот Мицкоски и по соопштенијата, особено она од 01.06.2025. Откако во саботата Мицкоски рече дека „има вистина во тоа“ дека Арсовска „се користи како инструмент за дестабилизација пред локалните избори од страна на ДУИ“, следуваше и соопштение на партијата во кое Арсовска е претставена како жена безмалку со нарушено психичко и емотивно здравје, уценета и инструментализирана од страна на СДСМ и ДУИ:

Додека таа лае по Мицкоски, нејзините вистински газди – градоначалникот на Сарај и раководството на ДУИ – си ја завршуваат работата во тишина…

Секој што имал средба со неа гледа дека нешто не е во ред, дека жената има внатрешен немир, лична конфузија и политичка дезориентација. Арсовска одамна не одлучува сама – таа е само гласноговорник на интересите на СДС и на Ахмети, а неволно или свесно, соработник на криминалот кој го притиска Скопје… Додека таа, со залутан и празен поглед – веројатно резултат на емоции и нарачки темелени врз уцени и лични слабости – напаѓа и скока во јавноста барајќи внимание кое, наместо да го добива за проекти и резултати, го бара секогаш кога сме пред избори, и тоа преку дрски и невоспитани напади кон ВМРО-ДПМНЕ, без да изусти збор за ДУИ и СДС, можеме само да констатираме дека ваквиот недоличен однос зборува најмногу за неа – и за друштвото со кое редовно се среќава по скопски Сарај и со кое сè почесто патува… Штета е што во овие 3,5 години, жената се разбудила од емоционалната сенка само трипати…– се наведува во соопштението.

Сепак, колку и да имаат аргументи кои допрва ќе ги соопштуваат, колку и да се во право за поврзаноста на Арсовска со ДУИ и со СДСМ, ако се во право, владејачката партија и премиерот не треба да заборават два, три факти. Прво, Арсовска е градоначалничка на главниот град во државата, второ, „жената“, како што велат, во јавноста изнесува документи со печат и потпис и прикажува видеоснимки во живо од започнати или завршени градби за кои тврди дека се дивоградби или за приклучоци на водоводна и атмосферска канализација на диво без дозвола од градот, за бришење на документи од Катастар и за непостапување на полицијата кога таа пријавува загрозување на нејзината и безбедноста на нејзиното семејство.

Трето, во исклучително недолично, според употребените зборови, соопштение, владејачката партија наместо со ниски удари и мешани оценки во чии делови Арсовска е претставена како личност со безмалку психички проблеми, треба да изнесе оценка за документите и снимките коишто ги покажува Арсовска. Партијата попрво треба да се занимава со итни повици до полицијата, другите органи и обвинителството да дејствуваат, а не со тоа какво е здравјето на Арсовска и од кого била уценета и со кога често патувала и се среќавала.

Конечно, ВМРО-ДПМНЕ е власт и сите обвинувања за криминално поведение на Арсовска како градоначалник има шанса преку институциите да ги провери, да ги гони и да ја задоволи правдата и законот. И токму затоа оваа соопштение на ВМРО-ДПМНЕ може да се оцени за недоследно и за обид за спин.

За СДСМ криминалите во Чаир се докажани, заедно со криминалците?

Довчерашната партија на власт, денешна опозициска СДСМ има посебно познавање на Чаир и за проблемите со дивоградбите, бидејќи со години била на власт, со години власта ја делела со ДУИ и со други партнери од албанскиот блок во таа општина, а конечно, дел од проблемите ги имаше и во т.н. „бомби“, прислушкуваните разговори од 2015 година.

Оттука, априори оценки на СДСМ дека Мицкоски бил фатен во криминал, па затоа веднаш излегол со оценка дека станувало збор за дестабилизација, не е на место и не е доследна политичка борба и комуникациски став со јавноста:

Секогаш кога Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат фатени во криминал, одговорот е ист – зборуваат за „дестабилизација“…Мицкоски зборува за дестабилизација, додека негови функционери и коалициски партнери се фатени во урбан мафијашки скандал со над 150 дивоградби во Чаир… Зошто Мицкоски не побара оставка од вицепремиерот Арбен Меџити, додека трае истрага за дивоградбите кои тој ги поставувал пред својот наследник? – се вели меѓу другото во соопштението на СДСМ, со очигледната грешка и микс меѓу Фетаи и Меџити.

Доследноста во почитувањето на правната држава подразбира истрага и оценка врз правосилни пресуди, а не пресуди на партијата кој е фатен во криминал. Покрај тоа, тие 150 дивоградби не се од вчера, т.е од јули лани кога новата влада стана ефективна, туку и од претходните години.

Како олеснителна околност за СДСМ е само фактот дека 90 отсто од политичките партии така комуницираат еден за друг пред јавноста.

Меџити и Ганиу за сѐ, само не за дивоградбите

Реакциите од ВЛЕН се исто така приказна за себе. И еден од лидерите на ВЛЕН и поранешниот градоначалник на Чаир Изет Меџити и актуелниот градоначалник Висар Ганиу, во јавноста се занимаваат со сѐ и сешто, само не со дивоградбите.

Веќе пишувавме за спинувањето на Меџити пред неколку дена, кога проблемот со дивоградбите во Чаир тој го обопштува и наместо за документите и за најновите покажани од Арсовска тој вели дека во државата имало 300 илјади дивоградби и дека државата требала да се бори против тоа и со други методи а не само со законот за легализација. И тој зборуваше дека Арсовска била инструмент на дел од ДУИ, потенцирајќи ги круговите околу општина Сарај.

Од друга страна и Висар Ганиу наместо за конкретните дивоградби, најпрво се обиде да дефокусира со истурање на смет пред административните бараки на Град Скопје, а дури потоа да даде некој скромен одговор дали обвинувањата од Арсовска држат вода или не. Сега може да се забележи дека е друг дефокусот и дека Меџити и Ганиу зборуваат за дестабилизација од страна на Арсовска и ДУИ.

Арсовска не е ни обвинител ни судија

Конечно, самата Арсовска во транспарентноста што ја прави со стримингот во живо и покажувања документи во живо е во еден дел недоследна и ги надминува своите ингеренции, во смисла што таа се прикажува и во улога на истражител и во улога на обвинител и во улога на судија. Заканите за кои зборува или непостапувањето на институциите не се оправдување за непристојното обраќање или за директните квалификации за криминал.

Арсовска прелесно употребува недолични термини како што се „принцезата на дивоградбите“, „криминалчуго“, „криминалци“, итн.

Градоначалничката има право и пожелно е да изнесува документи за кои тврди дека се докази за криминал, притоа со тагирање и на дипломатските претставништва, уште подобро е кога сите докази што ги има прво ќе ги однесе директно во надлежното обвинителство, но нема право некого јавно да го третира како докажан криминалец и криминалчуга, пред за тоа да биде тој некој првообвинет, а потоа осуден од надлежен суд и тоа правосилно. Сѐ дотогаш, Арсовска треба да внимава на својот речник, зашто и таа е дел од институциите и функционер и пожелно е да употребува речник во кој се содржат зборовите се сомневаме, имаме соменавање, службите се сомневаат, итн., а целата работа да инсистира до последно да се заврши низ институциите задолжени за тоа.

Освен тоа, јавноста има право да знае за причините за, условно кажано „нападната транспарентност“ на инаку воздржаната за медиуми Арсовска, па оттука, јавноста и медиумите имаат право да поставуваат прашања и во таа насока. Дури и кога Арсовска вели „Мицкоски јас и најлоша да сум, ти треба криминалциве да ги спречиш, не да ги браниш, па макар и браќа да ти се – а не ти се“.

Пишува: Теофил Блажевски

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close