Недовршена eманципација
Според Роза Луксембург, на малите народи треба да им се даде полн суверенитет – САМО АКО (!) во нивната нова држава доминантни станат ПРОГРЕСИВНИТЕ сили.
Така ја толкува Жижек.
И, не е далеку од вистината. Ќе се сложам и со Розето и со Славојчо. Но, дали во нашиот контекст ова е возможно? Или, какви се проспектите на прогресивниот свет тука, во услови на сериозен отпор од конзервативната и анахроната платформа? Посебно, кон конечното македонско заокружување на политичкиот субјективитет и идентитет, секако, преку суштествено разликување меѓу македонците и бугарите, и особено во перспектива на демократските вредности и ЕУ! Можноста за прославување и меѓународна верификација на нашиот специфичен мултикултурен реалитет – да го види светлото на денот, исто така треба да е дел од тоа препознавање на оваа наша “нова” држава.
Но, повторно, на линија на Роза Лукс, за ова, потребно е да издоминират прогресивните сили…
Од другата страна, во новата македонска држава, отпорот спрема прогресот е една тооолку досадна и назадна константа, а на неа впрочем се темели и вмровската доктрина. Денес, таа е подржана од свесно искреирани полувистини кои многу лесно му се продаваат и на “константното” и реално-постоечкото нивно гласачко тело. Тоа тело, без субјективност, пробува преку отпорот кон прогресот, да го отелотвори фактичкиот развоен застој на својата либидинална економија (или економијата на задоволство по Жижек). Така, свесно се креира состојба на ѓомити субјект – кој сè уште тоа не е (иако пред нос ја има можност за постанување ( becoming) субјект!) ; и отпорот кон прогресот им се чини како единствениот можен спас од сопствената тажна безживотност.
Само се обидувам да разберам зошто е ова вака, и зошто наместо со брз воз се движиме со запрежна кола, која ја влечат липсани, изгладнети и дезориентирани коњи. Убедена сум дека не треба да не чуди што се толку контрадикторни и дисоцијативни, тука причините се многу длабоки и многу лични!
Со путер на главата, што ли преотaнува освен да се пружи отпор кон иднината – и да се чмае задлабочен и утабан во тиња.
Сепак, ова разбирање, во никој случај не може да ги ослободи од одговорност, во врска со своето насилно минато и контроверзни позиции, дури и подлабоко во историска смисла ( на ВМРО, мислам пред сè). Од овде, ќе сфатиме и тоа дека не можат и не сакаат ни да го преживеат отворено соочувањето со сопственото насилно минато. Значи, ем не можат, ем не сакаат.
И уште нешто, дури и да се вистински анкетите за водство на конзервативниот отпор кон прогесот, демократските избори никогаш не се ниту биле платформа која ја одразуваат вистината per se, туку, како што вели Жижек, тие ја одразуваат доминатнтата докса (и хегемонистичката идеологија).
И затоа, бомбардирањето со рејтинзи треба да се земе и со голема доза на сериозност, но и со уште поголема доза на претпазливост, истовремено. Сериозноста значи да сфатиме како тоа ние (еве да субјективизирам, дозволете) прогресивните, не успеавме да етаблираме една поширока еманципација? И зошто?
За ова, одговорноста пред сè е наша! Но, одговорноста е и на политичките фактори кои нè преставуваат – а кои не ретко се без реално чувство и политичарка визија, одговорност пред идните генерации, и со својата кусогледост ја билдаат својата популистичка улога, која на крај има сериозни шанси да не проголта сите заедно. Во ова несомнено вмровците водат. Но, воделе или не, задачата за поширока еманципација заради прогресот останува недовршена, а со тоа недовршена е и македонската “нова” држава – како држава на прогресот.
Второ, претпазливоста околу рејтинзите е врзана со нужната доза на резерва која мора да ја имаме и која е неминовна во услови на засилена корпоративната логика која стои позади анкетите и проблематичните примероци врз кои е базирана “опсежната” анализа ( секогаш иљадарка …плус минус ) од кои повеќе од 45% не го кажале своето мислење.
Другарчиња, да не се лажеме.
И од анкетите и од анкетираните имаме корист колку Скопскиот аеродром од декемвриските магли.
Ана Чупеска