Нефи Усеини во Турција заминал на операција на синуси

Нефи Усеини го пропушти последното рочиште на кое му се суди за насилство врз негов сограѓанин, а неговите адвокати во судот во Охрид го оправдаа дека заминал на операција во Турција. Според информациите кои ИРЛ ги доби од неговиот адвокатски тим, Усеини закажал операција на синусите.

„Нефи Усеини замина пред неколку дена на операција на синусите во приватна болница во Истанбул. Не знам колку ќе се задржи таму, но пред операцијата има неколку дена подготовка, па следува операцијата и потоа закрепнување. Целата медицинска документација ќе биде доставена до Судот во Охрид по неговото враќање во земјава“, изјави неговиот адвокат Никола Цобоски.

Претседателот на судот во Охрид, Васил Баткоски, во разговор со ИРЛ рече дека пасошот на Нефи Усеини не му бил одемен и тој можел да ја напушти државата. Баткоски вели дека Усеини до судијката која го води предметот, Билјана Белевска Пројковска, доставил авионски карти за престојот во Турција. Според неговите информации Усеини ќе се оперирал во Анкара. Но, повеќе детали не можел да открие, бидејќи станувало збор за лични податоци. Кога го прашавме дали постои опасност од бегство, тој рече „никогаш нема да оставиме само на формата“.

„Последиците за нејавување на рочишта се знае кои се. Усеини има дадено гаранција од 850.000 евра дека ќе биде достапен за судските органи“, изјави Баткоски.

Back to top button
Close