Неформалната анкетна комисија побара проширување на истрагата за падот на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад

 Неформалната анкетна комисија, што беше формирана од група експерти по падот на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад, ги обвини властите дека се одговорни за несреќата и го повика Обвинителството да ја прошири истрагата на соработниците на претседателот на Србија. Тие заклучија дека „уривањето на настрешницата е резултат на дејствијата на организирана криминална група“ и „постојат основи за сомневање дека претседателот на Републиката е на чело на таа група“.

„Уривањето на настрешницата е последица на дејствијата на организирана криминална група што доведоа до овој исход во низа разни настани и дејствија“, изјави денеска Танасије Маринковиќ, член на Анкетната комисија, за време на презентацијата на извештајот „Уривање на настрешницата – распаѓање на системот, една година подоцна“.

Властите во Белград ја отфрлаат одговорноста за падот на реконструираната настрешница на железничката станица, кога на 1 ноември 2024 година загинаа 16 лица.

„Го повикуваме до јавното обвинителство да ја прошири својата истрага, да ги испраша соработниците на претседателот на Републиката како сведоци, а некои од нив како осомничени“, рече Маринковиќ.

Тој додаде дека истрагата спроведена од анкетната комисија довела до заклучок дека Србија „го прекршила правото на живот на своите граѓани“.

„Таа го прекрши правото на живот на сите 17 лица, од кои 16 загинаа, а едно лице беше тешко повредено“, рече Маринковиќ.

Тој истакна дека Анкетната комисија забележала дека „има систематски колапс на стандардите на градежната професија“.

„Видовме дека Железничката станица не се одржува, дека основните документи не се подготвуваат во согласност со Законот за планирање и градење и дека изградбата не се изведува како што е пропишано со закон, ниту пак се врши инспекциски надзор на начинот на кој треба да се прави“, рече Маринковиќ.

Тој нагласи и дека Анкетната комисија заклучила „дека е прекршено и правото на јавноста да биде информирана“.

„Незнаењето за овие проекти е дополнително продлабочено преку работата на таблоидните медиуми, кои не им даваат соодветни информации на своите граѓани, а самата држава ја попречува работата на истражувачките медиуми кои сакаат да им обезбедат информации на граѓаните“, рече Маринковиќ.

„Државата, според тоа, не само што ги криеше информациите, туку и ги претставуваше погрешно“, истакна Маринковиќ.

Тој потсети дека во моментов се активни три обвинителски постапки и дека анкетната комисија навремено ја информираше јавноста дека ги смета постапките што се водат пред Обвинителството за организиран криминал (ТОК) за „форма на опструкција на правдата“.

Во февруари, неформалната анкетна комисија беше формирана од група професори, адвокати и експерти.

Обвинителството во Нови Сад поднесе обвинение против 13 лица, меѓу кои и поранешниот министер за градежништво Горан Весиќ. Во исто време, беше покрената истрага во врска со можна корупција во проектот за реконструкција, во која покрај Весиќ беше вклучен и поранешниот министер за инфраструктура Томислав Момировиќ.

Back to top button
Close