Негативни 2.800 тестови на туристите од директните летови од Велика Британија за Грција
Во првите два дена од почетокот на директните летови од Велика Британија за Грција, негативни се сите 2.803 тестови за Ковид-19 направени по случаен избор на патниците, јави дописничката на МИА од Атина.
Поконкретно, првиот ден, на 15 јули биле направени 1.366 тестови, а ден подоцна 1.437 тестови на патници кои од британските аеродроми пристигнале во Грција, меѓу кои и од Бирмингем и Манчестер, каде што беа регистрирани голем број позитивни случаи.
Единствено во транзит летовите од Лондон преку Париз и Ларнака, биле откриени два позитивни случаи кои веднаш биле ставени во изолација.
Масовните тестирања на патниците кои во Грција пристигнуваат од Велика Британија планирано е да продолжат и во следниот период.