Неготинецот кој пукал во куче и го ранил, на место полно со деца и возрасни, доби условна осуда и глоба од 400 евра
За кривичното дело „Предизвикување општа опасност” на неготинецот Д.Ј. му е изречена алтернативна мерка- условна осуда со утврдена казна затвор од три месеци, која нема да се изврши доколку обвинетиот во рок од една година по правосилноста на одлуката не стори ново кривично дело, а пак за кривичното дело ,,Убивање и мачење животни” му е изречена парична казна од 400 евра во денарска противвредност, која е должен да ја плати во рок од 15 дена по правосилноста на одлуката.
Овие одлуки за случајот кој ги вознемири неготинци на почетокот на минатиот месец, се објавени на страницата на Основен суд Неготино.
Станува збор за настан кој се случи на седми мај во познато туристичко место, односно на отворена полјана во склоп на рибник, каде имало неограничен број на деца кои безгрижно си играле, како и возрасни лица кои се релаксирале.
Осудениот земал пневматска пушка и пукал во куче во сопственост на А.М.К. и го повредил, нанесувајќи му непотребно страдање и болка.
Покрај објавените пресуди, на страницата на неготинскиот суд е објавено и образложение за истите. Како што е наведено, судот сметал дека со условната осуда и паричната казна ќе се постигнат целите на казнувањето.
– Судот смета дека со вака изречената алтернативна мерка – условна осуда и изречената парична казна ќе бидат постигнати целите на казнувањето по член 32 од Кривичниот законик и ќе се влијае во иднина обвинетиот да не се јави како сторител на вакви или слични кривични дела, стои во објавата.
Понатаму, истакнато е дека пушката со која е извршено делото, привремено му се одзема.
– Согласно член 100-а став 3 од КЗ, предметите што се употребени или биле наменети за извршување на кривичното дело може да се одземат ако постои опасност повторно да бидат употребени за извршување на кривично дело. Со оглед дека привремено одземениот предмет – 1 (една) пневматска пушка марка „N.-P. GRS“ со калибар 5… мм со фабрички број 1…, со потврда бр.57 од 097.05.2023 година на МВР ОВР Н., бил употребен за извршување на кривичното дело, судот одлучи како во став 4 од диспозитивот на пресудата, наведено е во објавената пресуда.
Против пресудата со казнен налог обвинетиот има право на приговор во рок од 8 дена од денот на приемот на пресудата до Основен суд Неготино.
Ова не е првпат домашни, но и улични кучиња да бидат ранети или пак убиени со огнено оружје, односно со пневматска пушка до која се доаѓа лесно, само со лична карта. Вакви настани редовно се регистрираат во полициските дневни билтени ширум земјава.
Како што појаснуваат добро упатени лица, со тек на годините воздушните пушки се изработуваат по нови стандарди и се се помоќни, за разлика од оние кои кај нас биле застапени пред триесеттина години, па со моќноста која ја имаат новите модели, може да се предизвикаат сериозни повреди кај човек, но и да се убие помало животно.
Изминатите години во дневните билтени на Министерството за внатрешни работи беа регистрирани повеќе случаи и на намерно ранување на човек со воздушна пушка во земјава, па неретки се јавните реакции да се постават повисоки критериуми за добивање на овој вид на оружје, кое е лесно достапно и широко распространето.
Воздушните пушки се продаваат по цена од 150 евра, па нагоре, во зависност од моделот, а се користат за спорт, но и за лов на птици и зајаци. Во Македонија, според голем број на евидентирани случаи, незаконски се користат за убивање и ранување на мачки и кучиња, а во бројни регистрирани случаи дијаболите завршуваат и во луѓе.
Исто така, здруженијата за заштита на животните редовно апелираат на сериозен институционален пристап кон случаите на мачење и убивање на животни.
Од Анима Мунди со години наназад укажуваат дека насилството врз животните мора јасно да се препознае и третира како психопатологија и сериозна социјална девијација. Алармираат дека секоја форма на насилство мора да се превенира, осуди и соодветно да се санкционира