Неизвесност околу пописот

Два дена пред завршувањето на обемната статистичка операција се отвораат дилеми околу можното продолжување на постапката, којашто беше прекината поради хакерски напади,пренесува Дојче веле

Два дена пред завршувањето на обемната статистичка операција во јавноста се наметнува прашањето дали ќе биде неопходно да се продолжи пописот за уште неколку дена. Надлежните од Државниот завод за статистика уверуваат дека пописот се одвива со забрзано темпо и дека нема потреба од пролонгирање на операцијата. Граѓаните на социјалните мрежи, пак, алармираат дека попишувачите сѐ уште не тропнале на нивната врата и стравуваат дека нема да бидат опфатени со пописот, којшто се спроведува по 20 години во Северна Македонија.

Дополнителен проблем се техничките потешкотии со апликацијата кои се појавија на почетокот на пописот, кој беше успорен и од хакерски напади. Илјадници хакерски напади го попречија и онлајн попишувањето на дијаспората, а проблемот беше решен пред неколку дена.

Се чека на одлука 

Првиот човек на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски за ДВ вели дека сѐ уште не е донесена одлука дали има потреба за продолжување на пописот. Не му е јасно од каде произлегла идејата дека пописот треба да се одложи.

„Од медиумите слушнав дека од наша страна имало иницијатива за продолжување на рокот на оваа статистичка операција. Официјално ние такво нешто немаме побарано“, вели Симовски. Тој во интервју за Локално синоќа изјави дека ако се покренат измени за пролонгирање на рокот во Законот за попис, на Државниот завод за статистика ќе му бидат добредојдени уште неколку денови за дополнителни проверки.

Претходно, Државниот завод за статистика соопшти дека работи непрекинато и според утврдените рокови предвидени во Законот за попис.

„Во последните три дена од пописот на населението, домаќинствата и становите во Северна Македонија, пописните активности на терен се одвиваат непречено и во одредени пописни реони со зголемен интензитет. Помалите пописни реони низ државата веќе завршуваат со попишување на населението и се прават последни завршни проверки. Во одредени урбани средини интензитетот на попишување се зголемува, се вклучуваат дополнителни попишувачи за да може да се посети секое домаќинство и никој да не биде пропуштен“, велат од ДЗС.

Последните податоци се дека се попишани близу 1,7 милион граѓани или поточно 1.695.549 лица, 526.605 домаќинства и 752.916 стана.

Nord-Mazedonien Volkszählung Apostol SimovskiСимовски: Сѐ уште не е донесена одлука дали има потреба за продолжување на пописот

Куси рокови 

Алијанса за Албанците вчера упати повик да се одржи итна седница за  продолжување на пописот за уште 10 дена. Тие бараат пратениците да донесат измени на Законот за попис со кои ќе се овозможи продолжување на пописните активности.

Доколку се појави потреба да се надоместат деновите во кои немаше попис, ќе мора да се донесат измени во Законот за попис. Доколку се побара продолжување, според претседателот на Собранието, Талат Џафери, тоа треба да биде направено во следните два дена, имајќи предвид дека пописот законски треба да заврши на 30 септември. Тој најави дека ќе свика пленарна седница, доколку има барање од најмалку 20 пратеници за итно заседание.

„Нема пречки да се свика итна седница, на која би се разгледала можноста за продолжување на пописот. Но, треба да се достави предлог од Владата или од група пратеници и да има политички консензус меѓу сите политички партии во Собранието. Непишано правило е Собранието да не работи во изборна кампања, но тоа не значи ако има итна потреба да не заседава“, вели Џафери.

-повеќе на темата: Каква „националност“ имаат транзитните државјанства?

Пописот кој започна на 5 септември треба да се заокружи во четврток, 30 септември. Тој се спроведува со помош на комбиниран модел кој подразбира одење на терен, односно попишување лице в лице и користење на податоци од бази. Податоците од пописот треба да бидат објавени 6 месеци по завршувањето на теренските активности.

Со Пописот ќе се добијат огромен број на податоци кои ќе бидат од интерес и важност за речиси секоја сфера од живеењето и работењето во државата. „Ќе добиеме точна бројка колку нѐ има во државата и каде сме точно распоредени, односно прецизна територијална распределеност на населението дури на километар квадратен“, изјави неодамна Симовски. Со пописот треба да се добие и прецизна слика за половата, старосната, образовната, економската структура на населението.

Back to top button
Close