Неизвесноста во Софија ги мати надежите на Скопје

За разговори Скопје-Софија во мај или јуни, ќе има шанса само ако таму се формира политичка или експертска влада. Ако Бугарија оди на нови избори, се паѓа во вода.

   

Само до пред неколку дена македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, веруваше дека по изборот на бугарската влада веднаш ќе продолжат разговорите Скопје-Софија, со цел во јуни или најдоцна јули да се одблокира македонскиот пат кон ЕУ.

„Оптимист сум дека со новиот пристап на градење доверба преку секторска соработка и со завршувањето на изборниот процес во Бугарија ќе го вратиме амбиентот на рационална дебата, која очекувам да се случи од понеделник (петти април – н.з.) со сериозен ангажман на двете страни во надминување на разликите, за да се добие можност во јунско-јулските самити на ЕУ да се донесе консензус по однос на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција”, изјави пред три дена Османи.

Во македонската јавност растат стравувањата дека роковите за создавање владино мнозинство кај источната сосетка може да го потрошат времето за разговори Скопје-Софија и јунско-јулскиот рок да се стане недостижен, особено по крајно фрагментираните резултати од бугарските избори.

Bulgarien/Nord-Mazedonien Der mazedonische Außenminister Bujar Osmani trifft den bulgarischen Premierminister Bojko Borissov in Sofia

Голема неизвесност

„Фрагментираните изборни резултати во Бугарија, оставаат голема неизвесност – кој, и дали воопшто ќе стигне до мнозинство од 121 пратеник“, вели специјалниот пратеник на македонската влада за Бугарија, Владо Бучковски.

Наспроти ГЕРБ која освои најмногу гласови но не и доволно, се новите три партии „Има таков народ” на Слави Трифонов, „Демократска Бугарија” на Христо Иванов и „Исправи се” на Маја Манолова кои во новиот парламентот и ќе имаат над 90 пратеници, а целта им беше детронизирање на ГЕРБ. Според Бучковски, може да се претпостават неколку варијанти, но каква и да биде разврската, таа ќе има влијание на македонските напори за што поскоро изнаоѓање на достоинствено и одржливо решение на спорот со Бугарија.

„Прв мандатот ќе го добие Бојко Борисов, и ќе има рок од 7 дена за создавање мнозинство за Влада. Тој понуди експертска Влада до декември и се подразбира дека тој не би бил мандатар. Ден по изборите, шансите за оваа варијанта се минимални“, вели Бучковски. Втора варијанта би била: ако не успее Борисов, мандатот ќе го добие Слави Трифонов, кој може сигурно да смета само на новите парламентарни партии на Христов и Манолева, кои се дел од неколку месечните протести против Владата и Главниот јавен обвинител. Им недостига четврти партнер. Со оглед дека Трифонов не ја сака БСП во владата има шанса за малцинска влада со поддршка на БСП.

„Трета варијанта: Претседателот дава мандат за уште еден обид на останатите политички партии, не мора на третата по бројот на освоени мандати. Шанси за формирање влада – никакви. Четврта варијанта: ако по третиот обид не се формира мнозинство за влада, претседателот Радев ќе формира службена (техничка) влада и ќе распише нови избори“, вели Бучковски.

Доколку Радев го даде мандатот идната недела, до почетокот на мај ќе се знае дали ќе има нова политичка или експертска влада. Ако нема владино мнозинство, бугарскиот претседател ќе мора да формира техничка (службена) влада и да распише нови избори. Таа влада согласно со бугарскиот устав има мандат од два месеца.

„Заклучок: за продолжување на преговорите во мај или јуни, ќе имаме шанси ако има политичка или експертска влада. Ако се оди на нови избори, со техничката влада која се формира за организирање избори – нема шанси за преговори“, оценува Бучковски.

Нереално подигнати очекувања

Прашањето е дали македонските надежи за брзо продолжување на разговорите со Софија по изборите, воопшто беа реални?

„Според мене, нереални беа надевањата дека веднаш по изборите во Бугарија ќе имаме подбри услови за отстранување на ветото од Бугарија. И така и се покажува“, смета професорот и поранешен македонски амбасадор во Софија, Ѓорги Спасов.

„Во Бугарија на овие избори реално е поразена политиката на сите партии што беа во власта досега. Победија партиите што бараа промена. Но тие кон односите со Македонија немат полиберален став од партијата ГЕРБ на Бојко Борисов, и се ограничени во одлучувањето со веќе усвоената декларација на бугарското собрание“, потсетува Спасов.

Bulgarien I Parlamentswahl

И тој укажува на неизвесните можности за состав на нова влада се неизвесни.

„Бојко Борисов со освоени 70 пратенички мандати од 240 , мора да најде коалициски партнери, но партијата на шоуменот Слави Трифонов ќе уценува. Според најновите информации можен е состав на таква влада, но ако бидат прифатени барањата на Трифонов. Тој бара следните избори да се одржат според мнозинскиот модел во еден круг и бројот на пратениците во Нациналното собрание да биде намален на 120. Со таква промена тој се надева дека на некои следни избори неговото протестно движење ќе освои мнозинство во Собранието. Тоа не им одговара на ГЕРБ и на БСП, и ќе се води битка околу тоа, при што ќе биде во игра и предлогот да се оди на нови избори во октомври кога треба да се одржат и претседателските”, вели Спасов.

Без разлика на епилогот таму, засега нема ни назнаки дека нешто се менува кај старо-новите политички субјекти во политиката кон Скопје.

„Што и да се случува, новиот распоред на силите во Собранието не ветува нова политика кон Македонија и нов елан за решавање на проблемот. Сега ЕУ и САД можеби ќе имаат поголем авторитет да бараат од Бугарија да даде согласност за започнување на разговорите за членство со ЕУ и тие ќе ја презамет улогата на посредници  за откочување на процесот, но не и за решавање на клучниот проблем во односите. Македонија со целиот свој интерес за започнување на разговорите за членство, и со целиот гнев од неправдата што се прави кон неа, сепак во овој процес треба да биде многу повнимателна, повоздржана и да се однесува многу подостоинствено, а не вазално. Не зависи секогаш се само од нас“, смета Спасов.

„Бугарскиот интерес за Македонија“

Засега единствената добра вест е што на изборите беа тешко поразени сите екстремно десни партии, кои на претходните избори беа обединети во коалиција под име „Обединети патриоти”.

„Партијата на Каракачанов која настапуваше под слоганот ‘Бугарија над се’ не само што не го освои потребниот минимум од 4% гласови на национално ниво, туку освои  едваj 1% од гласовите на Бугарите кои гласаа во странство, за кои таа наводно најмногу се грижеше и им издаваше бугарски пасоши. И може да се каже дека таа екстремна политика е поразена, што е добро за Македонија“, оценува Спасов.

Bulgarien | Boyko Borissov und Krassimir Karakachanov

Но, се чини дека Каракачанов и надвор од парламентот ќе продолжи со старите политики. Откако се потврди дека неговата ВМРО-БНД нема да биде претставена во 45-иот бугарски парламент, тој преку Фејсбук им се обрати на гласачите, не пропуштајќи да се осврне на Македонија.

„Сакам да му гарантирам на секој Бугарин кој ја дал довербата и гласал за ВМРО дека ние нема да ве изневериме! Дури и надвор од парламентот, ВМРО со сите сили ќе се потруди да ги одбрани вашите интереси, за кои работевме последните четири години – приходи, семејство, безбедност. Ние ќе продолжиме да го браниме бугарскиот интерес за Македонија – затоа што таму компромис по никаква цена не треба да има! Главите горе, пријатели! Не треба да се обесхрабрувате! ВМРО не ја доби оваа битка, но ‘војната’ допрва претстои, и тоа е за највредното – Бугарија“, напиша Каракачанов.

извор: ДВ

 

Back to top button
Close