Некој ги избрусил зборовите „бугарскиот фашистички“ од споменик посветен на Богомилскиот марш

Градоначалникот на Чашка Горан Стојановски вчера пријавил во полиција дека на спомен-обележјето за учесниците во Богомилскиот марш, кој бил дел од Февруарскиот поход на Народноослободителната војска на Македонија за време на Втората светска војна, е оштетен дел од текстот на плочата, односно зборовите „бугарскиот фашистички“, објави „Телма“.

Спомен-плочата се наоѓа над здравствена установа во Јасеново, на стариот пат кон Прилеп. На неа е видливо дека за оштетувањето бил користен алат, веројатно брусилка. Полициски екипи се упатиле на местото и се преземаат мерки за расчистување на случајот, велат од МВР. Инцидентот бил пријавен вчера во 16:45 часот, иако на социјалните мрежи и претходно имаше објави за вандализмот.

 

Од Министерството за култура за Телма изјавиле дека споменикот не е регистриран како заштитено културно наследство. Како споменично обележје, за неговото одржување е надлежна Општина Чашка.

Според Законот, оштетувањето на меморијални споменици или спомен-обележја е кривично дело за кое е предвидена парична казна или затвор до три години.

Back to top button
Close